Градот има смисла само ако ги одразува потребите на своите граѓани!

Дали и колку градовите им служат на интересите на своите граѓани (демократија) или на елитите кај кои се концентрира капиталот (авторитарност)?

Во својот „Ѓаволов речник“, познат по луцидната зајадливост, американскиот писател Емброуз Бирс метрополата ќе ја дефинира како „упориште на провинцијализмот“. И додека академските елити нѐ убедуваат во општите придобивки од урбанизацијата во однос на економијата, енергетиката, одржливоста и други сфери на живеењето, изгледа дека самите урбани жители сѐ повеќе го чувствуваат (веле)градот со скептичноста и цинизмот својствени на Бирс: додека ентузијазмот на првиве е од статистичко-фактографска природа, незадоволството на вториве почива на нешто далеку поверодостојно и порелевантно за човечките суштества – искуството. За да се процени кој е поблизу до стварноста, неопходно е накусо да се предочи генезата и еволуцијата на градот.

(Зо)што е градот?

Веќе е општо познато дека повеќе од половина од светската популација живее во градски (урбани) средини, со што градот и животот во него им се вродено секојдневие на повеќето луѓе. Од друга страна, разните академски дисциплини од една и државите од друга страна не можат да се усогласат околу дефиницијата на поимот „град“. Но она што е неспорно е условеноста на генезата и еволуцијата на градот од растот и диференцијацијата на економската активност: појава на секундарни трудови дејности, поделбата на трудот, концентрација на добра и капитал. Во таа смисла, градовите се во основа производ т.е. последица на економската организација (производство, размена и управување на добра), од што произлегуваат изразитата социоекономска нееднаквост и потчинувањето на технологијата и науката на интересите на социоекономските елити како константи на феноменот на урбанизацијата. Сите негативни последици од урбаното живеење можат да се сведат директно и/или индиректно на овие две константи.

Оттука произлегува клучното прашање: дали и колку градовите им служат на интересите на своите граѓани (демократија) или на елитите кај кои се концентрира капиталот (авторитарност)?

Чиј град е Скопје?

Ако се осврнеме на Скопје, заклучокот е дека нашата метропола се соочува со типичните социоекономски (растечка економска нееднаквост: пораст на сиромаштијата наспроти концентрацијата на богатството) психосоцијални (отуѓеност, анксиозност, пораст на агресивноста / криминалот) и еколошки (загадување, неодржлив раст на урбанизацијата) проблеми својствени на современите метрополи. Со таа разлика, што во Скопје некои од нив веќе долго време се надвор од секаква контрола (или барем надвор од ефективната контрола на неговите граѓани!); овде би ги издвоил: градежната експанзија, прекумерната бучава и загадувањето.

Згради за домување или згради за профити?

Непланската и прекумерна урбанизација на Скопје во изминативе децении е најдобар пример за илустрација на најлошите пракси: (1) Тотално игнорирање на волјата на граѓаните од страна на градските власти, со што градот de facto се претвори во феудална тврдина на градежните тајкуни, а градоначалниците се само извршители на нивната волја. (2) Набљудување на проблемите изолирано од страна на медиумите и (за жал!) дел од стручната јавност, небаре постојат сами за себе, а не во нивната реална причинско-последична поврзаност.

Прекумерното „пошумување со згради“ на Скопје, попознато под фразата „урбана/градежна мафија“ е најдобар пример за тоа: интензивното, неконтролирано градење создава еколошки проблеми на кратки (загадување како последица на постојаната градежна активност) и долги (десеткување на зелените површини, суспендирање на циркулацијата на воздух) патеки, здравствени проблеми (изложеност на постојана бучава; како и долгорочните проблеми што произлегуваат од влошувањето на еколошките услови за живот). Игнорирањето на волјата на граѓаните, кои веќе со години „врискаат“ против градежната узурпација (Дебар МаалоДексион (Ѓорче Петров)„Мајчин дом“ (Аеродром)(не)славните висококатници кај „Холидеј ин“… ) комбинирано со нивната свесност за горенаведените проблеми, сопствената немоќ и ароганцијата на властите води до трајна и непоправлива социјална ерозија, што резултира со иселување, недоверба во институциите, демотивираност, агресија и дефетизам.

Во таа смисла, она што во најмала рака МОРА да се преземе е привремен мораториум за станбени објекти и враќање на градските и републички заводи за урбанизам, кои ќе ги следат РЕАЛНИТЕ потреби и волјата на граѓаните, динамиката на растот на градот и неговите инфраструктурни капацитети како основни параметри според кои ќе се планира урбанизирањето на градот.

Учи – не учи, глава бучи!

Познатиот и контраверзен италијански футурист Маринети во своите манифести ја слави брзината која царува во градот и звукот на машините. Но, сигурен сум дека кога Маринети би живеел подолго време во некоја од зградите околу скопските булевари „Јане Сандански“ или „Партизанска“, мото-силеџиите што дивеат по нив брзо би му го промениле мислењето! Мото-силеџиството е уште еден хроничен проблем кој ги мачи Скопјани, а кон кој властите се однесуваат крајно игнорантски. Уште пред околу 100 години познатиот британски филозоф Бертранд Расел во „Освојување на среќата“ ќе посочи дека основниот проблем на градскиот човек е нервниот замор, кој, пак, во најголема мера е последица на постојаната изложеност на бучава. Денес, на негативните ефекти од бучавата се посветува големо внимание во развиените земји, при што акцентот особено паѓа на ментално-когнитивните последици од изложеноста на бучава.

Каде сме ние на тој план? Ако фрлиме бегол поглед на македонскиот Закон за заштита од бучава, јасно доаѓаат до израз проблемите како на неговото неспроведување – пред сѐ во областа на мониторингот (Член 24-32) и информирањето на граѓаните, особено од страна на локалната власт (Член 36, став 3) – така и на неговата несоодветност. Второво особено важи за моторциклите (мотори/скутери), кои се најголемите причинители на штетна бучава во главниот град, а кои не се посочени во Член 38 кој се однесува на посебните извори на бучава во животната средина.

Многу светски метрополи веќе вовеле ригорозни просторни и(ли) временски рестрикции за движење со моторно возило, пред сѐ заради намалување на штетните емисии од CO2. Имајќи го на ум двојниот проблем кој Скопјани го имаат (бучава и загадување) тогаш град Скопје би требало строго да го регулира и ЕФЕКТИВНО ДА ГО КОНТРОЛИРА движењето на моторцикли со временски и просторни ограничувања.

Загадување – залажување!

Нашиот главен град може да се „гордее“ и со тоа што е повеќекратен шампион во загаденост во Европа. И за ова прашање, градските власти покажуваат хронична ароганција и неодговорност. Надлежните неуморно ја повторуваат безмалку схоластичката формула: „возилата и греењето на дрва се главен причинител на загадувањето“. Што се однесува до греењето на дрва, ова тврдење е недоветно и недостојно за дискусија: токму најурбаните делови од градот, како Аеродром, Центар и Карпош, кои се греат на парно се меѓу најзагадените!

Што се однесува до возилата како „главен причинител на загадувањето“, најпрво се поставува логичкото прашање како може Скопје, една од помалите метрополи во Европа, да биде најзагадена? Зарем Лондон, Берлин, Париз… немаат многукратно поголем собраќај и енергетски капацитети?! Уште повеќе, токму бројните (и нерасчистени!) афери со ИНДУСТРИСКО загадување – не само во Скопје, туку на целата територија на Македонија – Усје, аферите со увоз на токсично отпадно маслоувоз на отпад од ИталијаКосовоаферата „Агрокор“ (која, патем, протече од бугарските медиуми!), на разни видови на токсичен отпад во „Дрисла“, медицински отпад во Логоварди, Битолско („Еко-Клуб“)… се силна и недвосмислена индиција дека интересот на тајкун-капитализмот кој дејствува подземно и неказнето, а не граѓаните се главниот причинител на загадувањето во Скопје.

Крајно време е да си го вратиме градот! 

Граѓанинот, постојано изложен на бучава, загаденост, бетон и асфалт не е само посклон кон психофизички нарушувања (депресија, анксиозност, когнитивни проблеми...) туку е и понепродуктивен работник (пад на производството), понездрав човек (оптоварен здравствен систем) и најпосле – понесовесен општествен чинител (имплозија на општеството).

Но не по своја вина! Наведените проблеми, нивното долготрајно опстојување и продлабочување и покрај тоа што често пати причините(лите) се познати, посочува на киднапираност на локалната и централната (законодавна и извршна) власт од интересите на економските и политичките моќници. Јавноста (пре)често се повикува на лоши закони и(ли) нивното неспроведување (магичната формула на легалистите!) - меѓутоа да очекувате и барате програѓански политики од носители на власта кои се целосно отуѓени од граѓаните е Сизифова работа.

Сето ова упатува на горкиот, но реален факт дека граѓанинот на македонската метропола треба непрекинато да ја развива културата на постојан притисок, протест и критика спрема СЕКОЈА власт, но и спрема сите субјекти на социоекономска моќ – зашто нејзин стожер и извор е секогаш поединецот! – во насока на заедничката цел: да си го вратиме назад СВОЈОТ град и да го направиме пристојно место за живеење.

Филип Клетников

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе