Потребна ни е деамбасадоризација на политиката во Македонија

Спротивставување на ветингот: „Жбогар против Прибе, Брисел против Брисел"

Последната медиумска интервенција на евроамбасадорот Самуел Жбогар е одличен повод за јавно да прозбориме дали ни е потребно и натаму политиката да ја водиме според променливите пораки на европските амбасадори или согласно промислена, пресметлива и проектирана политика верификувана на избори и низ државните институции.

„Правосудството не е во така лоша ситуација и во моментот не гледаме потреба за ветинг“, сублимирано оцени бриселскиот претставник во Скопје деновиве. Ваквата изјава, нормално, беше дочекана со потсмев во јавноста. За да му биде појасно на шефот на Европската делегација во Скопје, но и на неговите (вон)континентални колеги зошто реакцијата е таква, пораките ги упатувам директно кон претставникот на Унијата која ни е државна цел и широка политичка и национална определба. И се водат од европската идеја, вредности, принципи и критериуми кои се и наши темелни и се втемелени во Копенхашките. Кои ни се основа за ЕУ-членство.

Почнувајќи од владеењето на правото. Колку и да не Ви се допаѓаат. Затоа, амбасадоре Жбогар, се надевам дека ќе најдете можност да одговорите на неколку прашања. Не до мене, туку до македонската јавност и граѓани – од сите припадности:

За ветингот се изгради консензус. Зошто го закочувате?

По ветингот на судството во Албанија и последиците од непополнувањето на упразнетите места, Брисел е поприлично претпазлив. Но, ако таму бевте спонзори на процесот, зошто сметате дека во Македонија за него не е време? Или обратно, ако сметате дека во Македонија нема простор за ветинг, зошто го поддржавте во Албанија? Впрочем и онака по број на судии и во очекување на уште една генерација од Академијата за нивна обука, имаме и повеќе од потребното. Празнина нема да има.

Кога ги давате овие оценки, чиј став одразувате? На Брисел и новата Комисија, на Словенија како дел од ЕУ или личен? Последното не е пракса, па не верувам дека би ја прекршиле. Претставникот на ЕУ изразува сублимиран и договорен став и проценка на нејзините членки, а не на одделни држави, па не верувам ниту во втората опција. Тогаш останува само првата можност. Дека се бриселски (?)

А ако е така, кога Комисијата не проценила правилно? Кога сметаше дека ветингот во правосудството е корисен и го поддржуваше или сега, кога се предомислува? И врз основа на кои согледувања? Оти македонското општество во целост и партиите во него не му се спротивставени, напротив – партии, движења, нво-и, експерти... го поддржуваат. А во Ваш мандат ги добиваме обете спротивставени мислења од Брисел. Во МВР веќе до некаде и се спроведува. Некои, како ДУИ, го спроведуваа(т) во своите редови и го застапуваа(т) како мерка. СДСМ, пред Заев да се повлече и од оваа мерка веднаш штом Вие му ја отворивте можноста со Вашата изјава - исто така поддржуваше ветинг. ВМРО-ДПМНЕ бараат сет законски мерки со кои не само што поддржува ветинг во правосудството, туку одат и чекор напред и – оправдано – предлагаат и испитување на потеклото на имотот и на непринципиелните врски на политичарите со организираниот криминал воопшто.

Затоа, прашањето е зошто сте против ветинг? Дали затоа што нема да го минат некои ваши продукти кои ги минале обуките, се нашле во административните извештаи и сега ќе треба да објаснувате како сте ги селектирале и „туркале напред“ оние кои Македонија и правосудството ги одвлекле назад? Дали затоа што еден од Вашите крупни (добронамерно креирани) проекти како што беше СЈО – од надеж за правдата во Македонија стана симбол за политички спонзориран рекет на бизнисот и обид за замена на еден режим со друг? Затоа што тоа беше креирано во резиденцијата на Вашата Делегација?

Во спроведените обуки и помошти несомнено сте придвижувале ликови кои не биле материјал за високо место во правосудната хиерархија каде што стигнале со биографија што сте ја помогнале или толерирале. Но, реално, тие се помалубројни од оние кои навистина се професионалци во правосудството и не ја срамат професијата. Спречувајќи ветинг ги казнувате токму позитивците, а ги штитите негативците.

Да, такво нешто нема да биде за прв пат, но потоа немојте да се чудите ниту Вие, ниту Вашите колеги кога ќе наидувате на се помалку соговорници, затоа што амбасадите и Делегацијата ги гледаат како соучесници во организираниот грабеж на буџетот од секоја власт до сега, во тајкунизацијата на македонската политика и економија и нефункционалноста на институциите поради децениското премолчување на фактичките состојби.

Секако, тука не спаѓаат вашите омилени невладини организации, медиуми и дел од политичките елити. И неизбежните „тајкуни-бизнисмени-политичари“, кои колку и да се осомничени или криминализирани – се ваши редовни гости и соговорници. Бидејќи тие се „умни“ и знаат дека за оние со неколку стотици илјади и милиони евра на сметка – правото во Македонија не владее. Gruevski likes this for example. Тоа и од 2016 остана приказна за нас кои живееме од плата и од неа школуваме деца, што не крадеме од државата, што бараме владеење на правото додека вие ни се потсмевате со коњак во едната и пура во другата рака.

Останува нејасно и зошто, спротивставувајќи се на ветингот во правосудството, го саботирате патоказот на Прибе. Ветингот е дел од неопходните мерки што треба да го прочисти не само правосудството, туку и другите системи во државата: полицијата и безбедносните служби, Армијата и одбраната, администрацијата - од инспекции, преку Финансиска полиција до Царина – сите во кои нечистите пари влегле и го подредуваат владеењето на правото на пара-системот на организираниот криминал. Вклучително и политичарите и партиите, како покровители на неказнивоста и недостапноста на оние што ја криминализираат политиката и ја корумпираат државата и институциите. Што не држи далеку од ЕУ. Ако тоа ви е целта – на добар пат сте.

Но, немојте тогаш да барате друг извор на неказнивоста, лажните вести, продорот на источните влијанија во Македонија и Западниот Балкан... Игнорирајќи ја реалноста – вие и вашите локални миленици – традиционални соговорници, медиумски проекти и бизнис-парто-функционерски елити – станувате нивен извор, повод и причина.

А вака губејќи ја кредибилноста, покажувате дека Брисел нема идеја што со Македонија и регионот и го оневозможувате општеството и државата ориентирани кон Унијата да се изборат за целта да се најдеме таму. Затоа што двојните стандарди на однесување што ги наметнувате – ќе ве прави предмет на презир, наместо да ве држи на позиција на посакувани партнери.

Затоа не ја запирајте неминовната динамика. Можеби му го отворивте патот на Заев (уште еднаш) да се предомисли и да го запре процесот. Но од април тоа нема воопшто да биде битно. Затоа што и Вие и ние знаеме дека ветингот само е одложен бидејќи без отворањето на овој процес – имплозијата на Македонија е неминовност.

Ако не сакате 2020 да си ја честитаме со Merry Crisis and a Happy New Fear,  престанете да експериментирате со нас.

Ваша цел беше да го одржите лимбото, а наша потреба е од 2020 да излеземе од оваа состојба што не разгради како општество. Кое колку е покорумпирано, толку е покршливо. Состојба што ја потхранувавте со секое „незабележување“ на злоупотребите и непринципиелностите на секоја од владите овде, од деведесеттите до денес. Кои со ваше „мижење пред очигледното“ избркаа ¼ од моите сограѓани за овие три децении независност – од сопствената земја.

Секако, за Вас и мнозинството Ваши колеги – Македонија е само мандат, но за мене и мнозинството од нас – таа ни е живот и посакувано место за живеење за нас и нашите семејства и блиски. И за тоа ја бараме пријателската соработка на странските пријатели, но не и административната нерешителност и бирократската милостиња на нивните амбасадори. Затоа време е да си ја „деамбасадоризираме“ политиката.

Ивон Величковски, иницијатор на Движењето за Нова Република

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Благодарејќи на коронавирусот, граѓаните го видоа вистинското лице на  оваа натприродна организација, наречена државна администрација. Алчна, себична, несолидарна, нечувствителна.

повеќе

Солидарноста е единствениот начин за надминување на оваа криза.

повеќе

Ама бидејќи капиталисти со ситни души ја владеат земјава јас и ти ќе плаќаме, коментираат бизнисмените.

повеќе