Полемика

Гологанов: Ние Македонците немаме толку мака од Турците, колку од Грците, Бугарите и Србите

(На 24-ти август ја објавивте колумната „Дали сите нации се модерни конструкти?“. Во неа д-р Кајчев ни „открива“ дека Македонците пред 1913 година се нарекувале Бугари)

Почитуван д-р Кајчев,

Со интерес го прочитав вашиот текст „Дали сите нации се модерни конструкти?“ како одговор на колумната на д-р Спасковска „Сите нации се модерни конструкти“. Сигурен сум дека д-р Спасковска ќе ви даде одговор, особено откако ја патронизиравте уште во вториот параграф, нарекувајќи ја „... млада колешка...“.

Но, не можев да се додржам да не реагирам на оваа ваша реченица: „Да се бараат вакви извештаи за периодот пред 1913 година би било како да се бараат игли во куп сено, при што ,иглите’ би биле некаков показател за македонизам и куповите сено се за заедничкото име на христијанското словенско население на Македонија, Одринскиот вилает и на Кнежество Бугарија.“

Ова е ваша реакција на извештајот на секретарот на британското претставништво во Белград кој, по посетата на Македонија во периодот меѓу двете светски војни, забележал дека луѓето подеднакво настојуваат да не бидат нарекувани ниту Срби, ниту Бугари, туку само Македонци.

Мојата прва замерка е ситна и веројатно треба да се книжи на сметката на преведувачот од бугарски на македонски. Сеното во Македонија не се трупа на купови, туку се пласти на стогови, значи преводот на идиомот needle in a haystack на македонски е игла во стог сено.

Но грешката во преводот е ситна во споредба со тоа колку погрешно сте го искористиле овој идиом. Според вас: „пред 1913 година христијанското словенско население во Македонија се нарекувало Бугари, а може да имало тук-таму по некој (како игла во стог сено) кој се нарекувал Македонец.“

Вистината е токму спротивна: и пред 1913 година, како и потоа, христијанското словенско население „кое живее во пределите на Македонија, самите себе се нарекуваат Македонци, и околните народи ги нарекуваат така“. Значи Македонци, а не Бугари. Сами себе се нарекуваат Македонци, без придавки и додавки, без цртки и загради. Оваа опсервација не е моја, туку на главниот егзархиски училишен инспектор од крајот на 19-ти век, кој долго време собирал етнографски податоци низ цела Македонија, село по село, град по град, и од тие материјали ја составил монографијата: „Македонија. Етнографија и Статистика“. Оваа опсервација е на г-дин Васил К’нчов. Објавена е во неговата не толку позната книга: „Орохидрографија на Македонија“.

Во неа пишува дека границите на Македонија не можат точно да се одредат географски или административно, туку само етнографски, односно до каде што има население што се нарекува Македонци, до таму е Македонија.

Оваа опсервација доаѓа од човек испратен во Македонија да ги побугарува Македонците, кој рутински ги нарекувал Бугари, но сепак не можел, а да не забележи дека словенското и влашкото население во Македонија самите себе се нарекуваат Македонци. Ова не е игла, туку стожер околку кој е напластено сеното, и кој го надвишува стогот барем за неколку педи.

Теодосиј Гологанов, скопски митрополит, во едно писмо од 22 јуни 1891 година до својот пријател проигуменот Дионисиј пишува:

„Ние Македонците немаме толку мака од Турците да ни е жив падишахот, колку од Грците, Бугарите и Србите, кои како орли на мрша се впуштија на оваа наша многустрадална земја и сакаат да ја расчеречат... Нашата Егзархија со својата црковна и просветна дејност тука во Македонија ја врши всушност најмизерната задача, му го одзема името на еден народ и го заменува со друго, му го одзема мајчиниот јазик и го заменува со туѓ, му ги одзема сите национални белези и ги заменува со туѓи.“

Или молбата од декември 1891 година од Теодосиј до римскиот папа да го земе македонскиот народ во закрила и да помогне да се призне македонски народ (милет) во Отоманската империја. 

„Јас, долу потпишаниот митрополит скопски, Теодосиј, по божја благодат на чело на скопската епархија, Ви го поднесувам ова барање од мое и од името на целото православно стадо на Македонија, со кое ве молиме ваша Светост да нè земете под закрила на Римокатоличката Црква, откако ќе се обнови древната Охридска Архиепископија, незаконски укината од султанот Мустафа III во 1767, и да нè ставите во канонско единство со Римокатоличката Црква.

Нашата желба извира од историското право на православниот македонски народ да биде слободен од јурисдикцијата на туѓи цркви – бугарската Егзархија и константинополскиот Патријархат, и да биде обединет во своја сопствена Македонска Православна Црква, придобивајќи ги така сите белези на народ кој има право на независен духовен и културен живот и образование.“

За мајчиниот јазик на Македонците, сведоштва имаме не само од Мисирков и Мишајков и Чуповски и многу други, туку и од американската пописна администрација. Првите доселеници од Македонија на пописот од 1900 година за мајчин јазик пријавиле Macedonian (македонски).  Американската пописна администрација, подготвувајќи се за следниот попис во 1910, не го вклучила македонскиот јазик во листата на признаени јазици, туку им дала упатство на попишувачите: „Do not write Macedonian, but write Bulgarian, Turkish, Greek, Servian, or Roumanian, as the case may be“. Тоа не се покажало многу практично, Македонците одбивале јазикот да им биде попишан поинаку освен како македонски, па во следните упатства од 1920 и од 1930 година американската пописна администрација го признала македонскиот јазик и го додала на листата на јазици кои се зборуваат во Америка.

Или од Манифестот на Главниот штаб на Македонската војска од 29 јуни 1880: „Браќа Македонци, еве петстотини години црни, темни облаци се надвиснале над сите Македонци и нашата татковина...“

Или Речникот од три јазика на Ѓоргија Пулевски од 1875, на македонски, арбанаски и турски...

Не ми се верува дека не ви е позната статијата на Петко Рачев Славејков: „Македонското прашање“ од 1871 година, каде тој се оплакува дека македонското прашање не може да се потисне: „Македонското прашање најпосле излезе на јаве и се појави во печатот. Велиме најпосле зашто ова прашање не е нова работа. Сме чуле за него уште од пред десетина години од некои од Македонија. Отпрво ги зeмавме зборовите на тие млади патриоти како на шега и не многу сериозна закана во горештината на нашите не толку сериозни препирки. Така си мислевме сѐ до пред една-две години кога од новите разговори со неколку Македонци ни стана јасно дека проблемот не е само голи зборови, туку е идеја што мнозина сакаат да ја спроведат во живот... Многу пати имаме слушнато од македонистите дека тие не биле Бугари, туку Македонци, потомци на древните Македонци... Некои македонисти се двојат од Бугарите врз друга основа, според која тие се чисти Словени, а Бугарите се Татари...“

И многу други, кои можете да ги најдете собрани во: „Документи за борбата на македонскиот народ“ – 1985 во два тома на 1.600 страници и други збирки документи.

Горан Стојанов,

информатичар кој не е на државни јасли и не мора да ведне глава и витка „кичма“ заради разни договори за „пријателство“ и „соработка“.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Социјалниот маркетинг веднаш би можел ефективно да придонесе во напорите против нееколошкото однесување во нашата земја.

повеќе

Античкиот грчки филозоф Хераклитус, кој живеел пред Сократ, Платон и Аристотел, е авторот на често користената поговорка „панта реи“ (Panta rei), односно, во превод, поедноставено: ,„сѐ тече, сѐ се менува, ништо не останува исто, нема апсолутна вистина и единствена реалност е повеќегодишно движење“.

повеќе

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе