Големиот роман на Божин Павловски

(По повод 80 години од раѓањето на романсиерот.)

Модерната книжевност, од XVIII вeк па наваму, мораше да се избори со два сериозни предизвика: најпрвин, со филозофското пророштво за крајот на уметноста и во таа смисла – и на литературата, потоа со предизвикот на застарување (анахронизам) кој постојано лебди како закана над разните „правци“ во уметничкиот израз; во вториов случај се мисли на анахронизмот на реализмот како книжевен правец, кој веќе од крајот на XIX век наголемо беше (и уште е) огласуван од разни книжевно-теориски табори.

Меѓутоа, како што тоа секогаш е случај, и по овие две прашања стварноста се покажа помудра од теоријата. И тоа немилосрдно (по)мудра. Што се однесува до првиот случај, попрво би можеле да речеме дека крајот ја снајде семудрата филозофија, која, декласирана од природните науки, веќе не е кредибилна и релевантна да даде одговори за клучните прашања по однос на стварноста и природата. Од друга страна, нејзината сопствена анемичност, формализираност и самобендисана надменост се причината поради која филозофијата (барем онаа академската) исто така веќе не е релевантна ни кога станува збор за соочување со клучните егзистенцијални и етички прашања.

Но затоа, наспроти сите пророштва за нејзин крај, литературата, како што би рекле Американците, сеуште клоца. И тоа добро! Уште од својата појава до денес, таа ниту ја изгубила својата основна функција да прашува за сѐ што го засега нашето постоење, раскажувајќи и пеејќи, ниту, пак – за разлика од религијата и филозофијата – го изгубила својот кредибилитет. Можеби токму затоа што, за разлика од претходниве две, книжевноста никогаш не инистирала на монопол над прашањата за природата на стварноста и (бес)смислата на нашето постоење во неа.

И тоа нѐ води до вториот предизвик: проблемот на (наводната) застареност на реализмот. Не само што не застаре и не изумре, напротив: реализмот од втората половина на минатиот век доживеа препород и убедливо триумфираше наспроти многуте експериментални книжевни жанри заговарани и охрабрувани од разни теоретичарски табори како „авангардни“. Причината за тоа е што книжевниот реализам, од своите почетоци во првата половина на XIX век па сѐ до денес има проверен и едноставен рецепт за успех: ги адресира проблемите на човекот во неговата средина, време и општествен контекст со логичка и природна структурираност на раскажувањето и мислењето и со премиси засновани на искуство и набљудување.

Во Вест Ауст, својот прв роман напишан „отаде морињата“, како што самиот автор милува да каже, Божин Павловски децидно ја дава својата позиција на (хипер)реалист: „во секој од моите книжевни карактери се притаени многу страдалници и современици од реалниот живот, што ме инспирирале“ – ќе заклучи писателот во својот предговор. А заедно со нив, притаени се и многу мотиви, прашања и симболи кои – сообразно на реалистичката постапка на мислење и пишување – пластично ги лоцираат овие страдалници и современици во нивниот карактеристичен преплет од контексти (социоекономски, етнички, културни, природно-географски) и истовремено трагаат по силите кои ги мотивираат нивните карактери, постапки и конечни судбини.

Овде веднаш треба да кажеме дека Павловски е пред сѐ извонреден раскажувач кој умее вешто да ги комбинира и дозира сите состојки за добра приказна која не само што го влече читателот до самиот крај (што би било само добро раскажана, но не нужно и добра приказна) туку ги вовлекува неговите рефлексивни капацитети, чувствата и мислите, спонтано и дискретно во длабински прашања и дилеми. Така, за оние кои пред сѐ сакаат возбудлива и неизвесна (добро раскажана) приказна – „thrill” – Павловски убедливо го одржува напонот на неизвесноста во приказната, комбинирајќи егзотични, еротски и крими елементи, служејќи се со навестувања и дигресии, ненадејни откровенија и пресврти во раскажувањето (денес популарните „twists“!). За оние, пак, кои претпочитаат мисловност и задлабоченост (добра приказна) Павловски нуди ликови со силна внатрешна борба наизменично осветлени/затемнети од различни перспективи и плете фини мрежи од лајт-мотиви, алузии и симболи.

Наоружан со овие вештини на раскажувач, Павловски во своите романи ја создава галеријата на „страдалници и современици“ и ги поставува во нивниот специфичен контекст. Тоа се добро познатите „ахасферовци“, откорнатници на Павловски, проколнати и принудени на скитништво, или „скитија“ како што претпочита да рече самиот автор; оваа „скитија“ ги напојува нивните борби и конфликти, кои концентрично се распрострираат во широкиот регистер типичен за оската реализам – натурализам – егзистенцијализам: најпрвин тоа е внатрешната борба, која е средиште, почеток и крај на сите конфликти, потоа е семејството – судирот на генерации кој неминовно е и судир на морални вредности, што најпосле води до средината, т.е. општеството како егзистенцијална арена и како сила која ги обликува, преиспитува, обликува и става на тест идеалите, вредностите и убедувањата на поединците во нивните специфични општествени контексти (предци – потомци, доселеници – туѓинци, комунисти – капиталисти „правоверни“ - „иноверни“).

При тоа, овие општествени контексти кај Павловски, почнувајќи од нивната микроскопска (семејство, традиција, меѓулични односи), па сѐ до нивната макроскопска (економија, социјална средина, меѓуетнички / меѓурелигозни / меѓуидеолошки односи) димензија, секогаш се дадени во фаза на прелом, т.е. прекршување. Токму оваа оска прекршување/прелом – скитија е главната, опсесивна фасцинација на авторот, како што впрочем и самиот кажува во многу наврати, и сподвижникот на сите психички состојби и етички прашања во романите на Павловски.

Во тој каталог на прекршувања, Павловски ги опфаќа речиси сите позначајни преломно-травматични периоди од поновата македонска историја: почнувајќи од предвечерјето на Балканските војни (Враќање во сказните, Подвижни гробови), периодот околу озлогласената резолуција на Информбирото (Уткини соседи, Рогот на љубовта, Мирисите на доилката) комунистичкиот период од 60те до 80те години (Миладин од Кина, Дува. Проклетства, Црвениот хипокрит, Вест Ауст, Монахот од Тамнава, Мемоарите на задоцнетиот романтичар) распадот на Федерацијата и т.н. „транзиција“ (Роман за моето заминување, Америка, Америка, Се викам Хај Гудбај, Убавицата и мародерот), драматичната 2001ва (Изгубени во рајската градина) и потоа. Третирајќи невралгични теми карактеристични за најновата македонска историја врзани главно со т.н. „глобализација“ (печалбарството, иселувањето и повратништвото, „белата чума“, претопувањето), потоа политичките репресии во комунизмот и најпосле, исечоци од револуционерната борба на македонскиот народ и егејската тема, Павловски се надоврзува како есенцијална алка, „алката што недостига“ во традицијата на поновата македонска проза која се конституира околу овие теми, пред сѐ околу печалбарството, егејската тема и народно-ослободителната борба.

При тоа, третирајќи ги овие теми, Павловски, преку видлива иронија, критички се поставува кон некои национални митови, како на пример прекумерното и фанатично поистоветување со античкото наследство (Светлечкиот поток, На пат за Ахасферија), како и кон некои општи места во колективниот ментален код, како што се специфичната склоност кон фалбаџиство, чалам и инертност, својствена на Балканот воопшто (одлично прикажана во меаната „Нова Европа“ во Америка, Америка), зависта и пизмата, особено кон повратниците, сервилноста и неписменоста / неукоста („Си направивме фрак, елек и цилиндер а гаќи немаме“ ќе рече докторот Ламаров во Дува. Проклетства) итн. Со овој свој критицизам како и со отвореното фаворизирање на западните демократии и пазарната економија како пример кон кој треба да стреми македонското општество и колективната свест – пред сѐ во автобиографските романи – Павловски во македонската литература потсеќа на руските „западники“ од XIX век и на Гончаров и неговата критика на современиот руски менталитет („обломовштина“).

Тоа, меѓутоа, не значи дека Павловски го поштедува капиталистичкото, западно општество од својата критичка опсервација, макаршто неговата критика кон него е видливо поблага одошто таа кон источните комунистички општества. Впрочем, сите негови романи од Вест Ауст па сѐ до На пат за Ахасферија се, во поголема или помала мера, и една психосоцијална панорама на капиталистичките општества (Америка и Австралија) и во таа смисла, ја доловуваат и суровата страна на овој систем, која најсилно доаѓа до израз во Вест Ауст. Заеднички именител на општествената критика кај Павловски, како онаа на комунизмот, така и на капитализмот е социјалната психологија на моќта, еден од стожерните мотиви на натурализмот, т.е. врската меѓу (стремежот кон) богатството и етичноста, разорноста на трката по егзистенција, профит, моќ и статус во општеството по однос на човечноста во нејзината севкупност: личен интегритет (карактер) и идентитет, интима, (не)способност за среќа.

При тоа, според радикалниот, веристички образец за стварноста, таа трка во својата екстремна пројава ги групира поединците во етички осакатени, кои од своја страна се (кај Павловски обично краткорочни) победници во општествената џунгла и кои нужно ги осакатуваат оние кои не се кадарни да им се спротиставаат / да ги сопрат или кои одбираат да не го сторат тоа, токму за да го задржат својот етички интегритет. Крајниот облик на осакатување во оваа психосоцијална драма на постоењето е обесчестувањето (силувањето); но Павловски оди и чекор потаму, па така, во Америка, Америка тоа е чинот на (насилно) кастрирање. Наедно, обесчестувањето и кастрирањето кај Павловски се и радикален симболички израз на две стожерни преокупации на неговите романи: обесчестувањето како симбол на предавството на идеалите и моралните вредности, кастрирањето, пак, како симбол на згаснувањето на поколенијата и со тоа на умртвувањето на родот.

Па, сепак, иако романите на Божин Павловски позадината и мотивите ги влечат од македонскиот контекст, неговите романи се универзални, и тоа во двојна смисла на зборот: во социокултуролошка смисла, тие се слеваат во големата матица на темата на т.н. „глобализација“; во таа смисла, Гоце Смилевски во својот поговор кон Градинар, пустина ги набљудува романите на Павловски како дел од транснационалната литература која се однесува на детериторијализираните култури. Со тоа, Божин Павловски е веројатно првиот современ македонски писател кој, третирајќи ги македонските теми, наедно го воведува македонскиот роман во современите светски текови.

Но многу пофундаментален е вториот аспект на универзалноста на романите на Павловски: имено, покрај преокупацијата со и умешното скицирање на општествените сили кои ја одредуваат судбината на поединецот, особено во своите рани романи, Павловски пројавува свесност и интерес за подлабоките, егзистенцијално-метафизички сили кои го (пред)одредуваат човекот и кои не ја допуштаат неговата среќа („среќата само те подлажува колку да се надеваш“ - Дува. Проклетства), а кои, за разлика од општествените, никогаш не се пројавуваат и покажуваат и можат да само да се насетат. Станува збор за „сила што [луѓето] не можат да ја скротат“ (Црвениот хипокрит), „чудниот закон на нестабилноста“ (Миладин од Кина). Пофундаментален, затоа што со свесноста и присутноста на овој метафизички аспект на човечкиот фатум, Павловски ги обединува реализмот и егзистенцијализмот, особеност која ги карактеризира најголемите писатели на реализмот. Оттука и некои архаични мотиви во неговите романи како што се прогонетоста од и вербата во злослутни соништа, кои на ликовите им ја претскажуваат неминовната трагика на сопственото постоење, во клетви и магии, кои, од своја страна, повторно упатуваат на невралгичната преокупација на Павловски со згаснувањето на огништето и родот и напуштањето и предавството на идеалите и традицијата.

Павловски, меѓутоа, избегнува да контемплира исцрпно над овие сили; нему му се туѓи длабинско-бравурозни, опсежни и задлабочени рефлексии над човечката егзистенција. Наместо ваквиот, контемплативен пристап (кој, сепак, го наоѓаме во неговите рани романи), Павловски претпочита да ги сугерира длабочините на човечката судбина и несреќа преку самото дејствие и тоа го прави убедливо и моќно; нему му е својствен едноставен израз, кој отпаѓа пред се на дијалози, а описите се максимално функционализирани и подредени на дејствието. Павловски негува калеидоскопски начин на раскажување: сликите, дијалошките реплики, не ретко и дејствијата се зададени во куси секвенци, што го забрзуваат романот и во многу романи создаваат ефект на филмско платно.

Кон ефектот на филмско платно придонесуваат и уште две специфики на раскажувањето на Павловски: прво, мешањето на повеќе времиња во некои негови романи, некогаш структурирани во засебни делови (Подвижни гробови), некогаш, пак, наизменично (На пат за Ахасферија). Второ, и наедно особено карактеристично за неговото раскажување, е мешањето на различни дискурси: во многу свои романи Павловски класичната нарација ја комбинира со автобиографски, документаристички и патеписни елементи. И додека некои романи на Павловски се автобиографски (Мемоари на задоцнетиот романтичар, Роман за моето заминување), други автобиографско-патеписни (Патување со љубената, во кој, патем, имаме еден оригинален македонски американски роман што потсетува на Стајнбековиот Патувања со Чарли, на пример), во трети Павловски го меша мемоаристичкото со фикцијата, при што и во овој случај – слично како и со мешањето на различни времиња – некогаш двата дискурса се, барем формално, разлачени еден од друг (Монахот од Тамнава), додека во други случаи или се слеани во нешто што наликува на своевидна автобиографска фикција (Египетска сонувалка) или се движат на работ меѓу мемоаристичкото и егзотично-мистификаторското (На пат за Ахасферија).

Воопшто, Павловски ужива да се „распрснува“ себе си низ романите, придавајќи им нескриени автобиографски црти на многу свои ликови и во „класичните“ романи. Овој преплет на дискурси, заедно со монолитноста во мотивите и тематските преокупации и стилот, чинат од сите романи на Павловски еден голем роман, „надроман“ или хиперроман. Уште повеќе, многу романи на Павловски заедно чинат мали целини, претставуваат своевидни саги: така, ја имаме мини-трилогијата сочинета од Подвижни гробови, Враќање во сказните и Уткини соседи, која се разврзува околу Слав Војвода од една и неговиот современик Енвер Петровци од друга страна; Вест Ауст и Изгубени во рајската градина се своевидна сага за Вој Алтин, додека Рогот на љубовта и Градинар, пустина се врзани од ликот на Филе. Други романи на Павловски, пак, функционираат како „метаромани“, говорат за процесот и подлогата на настанување на друг роман (или неговите ликови) или едноставно реферираат кон него. Така, на пример, Патување со љубената е метароман за Црвениот хипокрит и за Дува. Проклетства (ликот на Милица), На пат за Ахасферија, пак, е метароман за Вест Ауст итн. На тој начин, хиперроманот на Павловски, и покрај тоа што и самиот тој и книжевната критиката ги врзуваат неговите романи за класичната, конвенционална прозна традиција по однос на изразот и главните теми, спонтано и ненаметливо претставува и иновативен и уникатен книжевен зафат.

Хиперроманот на Павловски во себе ги обединува сите фундаментални функции на романот и епското воопшто, уште од самите негови почетоци па до денес: го документира и легитимира сеќавањето на родот и неговите вредности и искушенија (основната функција на големите епови), го поставува „малиот човек“ – поединецот на сцената со сиот специфичен каталог на лични искушенија и стремежи, внатрешни борби и конфронтација со новото и општеството (модерната проза), најпосле, врши интроспекција во и рекапитулација на животот на самиот автор во контекст на неговиот род и неговото време (мемоаристика).

Овој Голем Роман на Павловски е постојано отворен, трае и тежнее да биде една бескрајна приказна, која има свој почеток во егзотичните и опасни предели од далечното Беломорје (Враќање во сказните), но која одбива да заврши, која авторот постојано ја оплодува, која постојано се отвара да биде оплодена: приказна-жена. Дали можеби ова не е еден потсвесен начин на самиот писател да му пркоси на згаснувањето на родот, кое толку трескавично ги преокупира сите негови романи?

 

Филип Клетников

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе