Политико

Големиот балкански кикс на ЕУ

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

Пред една година, Европската Унија им порача на две балкански земји дека месецов може да добијат зелено светло за да почнат разговори за членство, ако ги остварат потребните чекори.

Европската комисија вели дека двете земји, Северна Македонија и Албанија, го направиле токму тоа. Но ниту една нема да добие зелено светло на состанокот на министрите на ЕУ следната недела, особено благодарение на Франција и Германија. Париз е главен скептик кога станува збор за проширувањето на ЕУ, додека Берлин не може да донесе одлука, бидејќи германскиот парламент допрва треба да го каже својот став.

Неуспехот да се постигне договор за поканување на двете земји да ги почнат разговорите разгневи некои други членки на ЕУ и претставници на Европската комисија. Тие тврдат дека одложувањето на одлуката го поткопува кредибилитетот на блокот, ги става проевропските влади на двете земји во опасност и ризикува да ги зајакне стратегиските ривали во регионот како што се Русија, Кина и Турција.

Противниците на почнувањето разговори ги набројуваат длабоко вкоренетите проблеми на Западен Балкан со корупцијата, организираниот криминал и сиромаштијата и неговата неодамнешна историја на конфликти. Некои официјални лица, исто така, велат дека популистичките партии во Западна Европа ќе го искористат секој потег од доближувањето на двете балкански земји до блокот за да го засилат антиевропското чувство.

Дипломатите велат дека овој состанок во вторник на Советот за општи прашања на ЕУ во Луксембург, најверојатно, ќе ја одложи одлуката до крајот на оваа година, најверојатно до септември или октомври. Некои укажуваат дека барем Северна Македонија може да добие зелено светло во таа фаза, додека изгледите за Албанија се чинат понеизвесни.

Дипломатите на ЕУ сега се обидуваат да се договорат за текстот што ќе постигне рамнотежа меѓу ставовите на 28-те членки на блокот и сè уште им даваат надеж на Скопје и на Тирана дека подоцна годинава ќе можат да го добијат ветеното.

Еден висок дипломат на ЕУ ги опиша разговорите како „нервозни“, нагласувајќи дека Западен Балкан, мал дел од континентот, предизвикува големи емоции меѓу земјите-членки на ЕУ, повеќе од две децении по војните што ја разорија Југославија, а доведоа и до тензии првенствено меѓу западноевропските метрополи.

Како знак за тоа колку е деликатно ова прашање, Франција и Германија дури и предложија фразата „Советот ја поздравува“ препораката на Комисијата за почеток на преговорите за членство во нацрт-текстот да биде заменета со понеутралната „Советот ја прими“, рече друг дипломат, кој бил присутен на разговорите.

Лидерите во Скопје и во Тирана - и нивните поддржувачи во ЕУ - се загрижени дека од сега до следниот рок може да се случат многу работи што ќе ги намалат нивните шанси. Тоа може да биде сè - од поголема политичка нестабилност во Албанија, каде што претседателот и владата се во конфликт поради неговите обиди да ги поништи локалните избори поради бојкот на опозицијата, сè до пад на германската коалициска влада.

„Нашата цел е да почнеме разговори пред крајот на годината, без разлика дали одлуката е донесена пред или по летото“, рече министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров. „Колку побрзо ќе се донесе одлуката, толку помалку ризици ќе имаме“.

 

Погледите се свртени кон Луксембург

Изминатава година надежите на владите на Северна Македонија и Албанија беа приковани на овој собир во вторник во Луксембург. На истиот состанок минатата година ЕУ го поплочи „патот кон отворање на преговорите за пристапување во јуни 2019 година“ за двете земји - но без јасна посветеност кон позитивен исход.

Разговорите за членство во секој случај ќе траат со години, без гаранција дека една земја-кандидат на крај ќе му се приклучи на блокот. Но дури и минатогодишната одлука беше многу спорна. Франција, поддржана од Холандија, го блокираше почетокот на преговорите за членство, а министрите со часови се расправаа околу финалниот текст на своите заклучоци. Двете земји-кандидатки беа поттикнати да постигнат напредок во подобрувањето на демократските стандарди и владеењето на правото за да добијат зелено светло по една година.

Европската комисија на крајот од минатиот месец објави дека двете земји го исполниле својот дел од договорот. Северна Македонија дури и го смени своето име (од Македонија) како дел од договорот за ставање крај на долготрајниот спор со Грција.

Но годинашнава процена на Комисијата беше објавена околу месец и пол подоцна од лани - по инсистирање на Франција, која сакаше да избегне ова прашање да биде тема во европската изборна кампања, велат дипломатите. Германските членови на парламентот рекоа дека тоа не им дало доволно време за да донесат одлука пред состанокот следната недела.

Гунтер Кричбаум, претседателот на комисијата за европски прашања во Бундестагот, францускиот потег го нарече „жален“.

„Потребно ни е доволно време за да разговараме за извештаите за напредокот, да ги споредиме со извештаи од други институции и да направиме сопствена евалуација“, рече тој за Политико. „Ова време го немавме поради доцнењето на извештаите“.

Кричбаум рече дека Северна Македонија не треба премногу да се грижи бидејќи „сè укажува на почеток на пристапните преговори оваа година“.

Друг висок германски конзервативец рече дека пратениците побарале повеќе време за да ги разгледаат прашањата и не сакале да бидат „притискани“ кон донесување одлука. Покрај тоа, актуелните политички турбуленции во Албанија ги искомплицираа работите ставајќи ја на маса опцијата за „одвојување“ на барањето на Северна Македонија од тоа на Албанија, рече пратеникот, говорејќи под услов за анонимност.

Германското Министерство за надворешни работи неделава соопшти дека ги поддржува преговорите за членство и за Албанија и за Северна Македонија. Но Франција е сомничава - и покрај овонеделниот повик од 13 други земји на ЕУ, вклучувајќи ги Австрија, Италија и Полска, разговорите да почнат месецов.

Францускиот претседател Емануел Макрон тврди дека ЕУ не треба да размислува за проширување сè додека не ја продлабочи интеграцијата меѓу своите постојни членки и не ги реформира неопходните процедури за донесување одлуки.

Во разговорите околу текстот што треба да се објави по состанокот следниот вторник, Франција се залагаше за „општа референца во воведниот дел дека ЕУ треба да се реформира пред секое проширување“, рече трет дипломат на ЕУ, кој се пожали дека Париз не разјаснил кои конкретни реформи ги сака.

„Јас сум уверен дека тоа ќе биде Северна Македонија, ама во септември или октомври“, изјави друг дипломат.

Откако зборот „раздвојување“ почна често да се споменува во Брисел, албанскиот премиер Еди Рама во вторникот го посети главниот град на ЕУ за да изврши притисок за својата земја. „Мислам дека е време Европа да го направи она што го очекуваме откако го исполнивме договореното“, рече тој по состанокот со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.

Јункер рече дека „Албанија е подготвена за следниот чекор“.

Тој рече дека Европската Унија ќе изгледа како „слабо тело на овој континент“ ако побара од земјата да исполни разни услови, а потоа не ги почитува своите сопствени обврски.

„Ако оваа земја ги исполнила обврските, ние немаме право да кажеме 'не' за европските аспирации на оваа земја“, рече Јункер.

Но ниедна одлука за почнување разговори не зависи од Јункер. Таа зависи од земјите-членки и бара едногласна поддршка. И покрај ветувањето на ЕУ од пред една година, таа одлука нема да се случи следната недела. И Скопје и Тирана се соочуваат со нервозно чекање за да откријат кога - ако воопшто - таа конечно ќе дојде.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

САД денес остануваат држава со најнапреден систем на високо образование во светот, со најголем број на научни публикации, инвестиции во наука, патентирање на иновации и на добитници на Нобелова награда.

повеќе

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе