Гласот на македонските и бугарските писатели во канџите на политичарите

Политичарите сега се на цена, но за жал, ги бие лош глас.

Тој злокобен глас последниве години по потпишувањето на Договорот за пријателство, кој, очигледно, создава непријателство, значително влијае во застојот (но никако и за прекин) во зближувањето на нашите две литератури и култури. По овој повод би испратиле порака до политичарите: почесто да се дружат со книгите, за да се снаоѓаат подобро и во просторот и во времето. Во спротивно ќе одат боси по трње, а неукоста сите ќе нѐ остави на слеп колосек.

Во последниве триесет години македонските и бугарските писатели воспоставија добри творечки релации. Благодарение на иницијативноста на Друштвото на писателите на Македонија и на Сојузот на бугарските писатели почнаа да навеваат нови позитивни ветришта, кои резултираа со бројни книжевни средби, во кои преовладуваше духот на пријателството и искрената желба за меѓусебно запознавање. На меѓународните литературни манифестации во Струга, Охрид, Битола и Скопје учествуваа познати книжевни имиња од Бугарија. Од друга страна, пак, многу наши творци се посакувани гости на книжевните фестивали во Софија, Варна и во Мелник.

Иницијативноста на познати бугарски и македонски писатели-преведувачи придонесе библиотечните фондови во Бугарија да бидат збогатени со стотина преведени дела од македонски на бугарски јазик. Желбата за меѓусебното запознавање беше посилна од политичките стеги, па така, денес веќе се реализирани бројни издавачки зафати и во Македонија и во Бугарија. Дваесетина веќе докажани преведувачи од македонски на бугарски јазик, пасионирано ја проучуваат и презентираат нашата литература во Бугарија. Во овој круг на посветеници, челно место заземаат имињата на Петар Караангов, Владимир Луков, Здравка Итева, Димитар Христов, Владимир Луков, Катја Ерменкова, Роман Кисјов, Ганчо Савов... Сите тие неоптоварени од комплексот на македонскиот јазик, на бугарски јазик преведоа дела од Кочо Рацин, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Радован Павловски, Анте Поповски, Божин Павловски, Ташко Георгиевски, Гоце Смилевски, Горан Стефановски, Гордана Михаилова Бошнакоска, Јордан Плевнеш, Сашко Насев, Ефтим Клетников, Санде Стојчевски, Бранко Цветкоски, Паскал Гилевски и други. Преведените книги се уредно евидентирани во националната библиотека во Софија. Тоа се факти, кои јасно упатуваат на заемната потреба за творечко проткајување и запознавање со спецификите на македонската литература.

Во 2016 година, во издание на издавачката куќа „Ерго“ од Софија, бугарскиот писател и преведувач Роман Кисјов објави антологијата на современата македонска насловена „Потрага по сонцето“, која предизвика голем интерес во бугарските книжевни кругови. Во опширниот избор распослан на 336 страници застапени се песни од четириесет и тројца македонски поети од сите генерации, меѓу кои централно место заземаат имињата на: Ацо Шопов, Матеја Матевски, Анте Поповски, Михаил Ренџов, Радован Павловски, Гордана Михаилова Бошнаковска, Ристо Василевски, Ефтим Клетников, Санде Стојчевски, Веле Смилевски, Катица Ќулавкова, Бранко Цветкоски, Славе Ѓорго Димовски и други. Преку овој обемен избор, добриот познавач на тековите на нашата литература, презентира широка слика за спецификите на современата македонска поезија. Без сомневање ова издание претставува најголем издавачки и преведувачки зафат реализиран во Бугарија. Благодарение на посветеноста и компетентноста на Роман Кисјов, љубителите на литературата во оваа наша соседна земја можат да се запознаат со спецификите и тематските определби и преокупации на македонските поети.

Во предговорот кон антологијата „Македонската поезија и светлината на словото“, Роман Кисјов изнесува точни констатации за непознавањето меѓу нашите две литератури, за пасивниот приод во меѓусебното комуницирање меѓу македонските и бугарските писатели и, секако, за отуѓеноста на двете блиски држави. Според приредувачот на изданието, „македонската литература, и особено македонската поезија, беа наполно непознати пред петнаесетина години во Бугарија... Истото се однесува и на бугарската литература во Република Македонија. Долги години општествените прилики и политички процеси нѐ разделуваа и од толкава блискост придонесоа воопшто да не се познаваме. Ние знаеме повеќе за егзотичните, далечни народи и култури, отколку едни за други“.

За среќа, последниве години, иако бавно, започна процес за уривање на ѕидините издигнати во минатото, па така и бугарските и македонските издавачки куќи почнаа да пројавуваат интерес за публикување на дела од двете литератури. Тоа е голема придобивка за двата народа и за идните поколенија. На крајот од книгата, приредувачот презентира и опширни библиографски единици за сите застапени автори со цел подобро да ги запознае бугарските читатели со македонските писатели.

Вистински предвесник во будењето на свеста за заемното запознавање и почитување на двете литератури е и публикувањето на двојазичното издание на поезијата на Љубомир Левчев во 2010 година. Тоа драгоцено издание на Струшките вечери на поезијата, што го приреди поетот Бранко Цветкоски, придонесе за забрзаниот процес на нашите книжевни проткајувања и запознавања. Во својата вдаховена порака по повод добивањето на Златниот венец на најпознатата светска поетска манифестација, во велелепниот храм „Света Софија“ во Охрид, ги искажа следниве зборови:

„Возбуден сум од вашиот поетски поздрав. Сум се замајувал неброени часови во магијата со којашто Охрид и светата Струга на тукушто родениот Дрим му допуштаат да премине низ светото Езеро, да го зачува својот речен тек и својата изговорена мисла, да воскресне на другиот брег. Можеби тоа е истата онаа магија која ѝ дава сила на поезијата да помине низ животот и него да го пресоздаде во легенда и во историја. Во историската судбина на Македонија се вградени сенките на многу значајни поети. Но, дали има друга земја која толку многу им должи на своите живи поети?

Македонија е Република на поезијата!“

Со чувство на искрена почит, Љубомир Левчев ги назначи магистралните аспекти врз кои се темели големата уметност, а во тој контекст и културната и духовната големина на народите. Тие негови зборови може да се земат како пример на несебичноста во поглед на проширувањето на нашите координати. Зашто, како што нагласи поетот: „Ќе го зачувам Венецот од вашите слова во моето срце. Што се однесува до Златниот венец на Струшките вечери, јас чувствувам дека тој е позначаен од мене. Затоа би сакал да направам и јас едно успешно волшепство, да го престорам во уште еден мост како струшките, кој ги поврзува нашите народи, мост, по којшто ќе поминуваат само љубовта, вистината и убавината. Тоа е мојата надеж.“

Кон овие констатации ние би додаделе, дека тоа е заедничка надеж, со која мостовите во иднина ќе ги градиме на цврсти темели, со заемно уважување и почитување.

Големиот бугарски поет своето големо одушевување го искажа и по повод изборот за член на Македонската академија на науките и уметностите, со уверување дека сегашните и идните генерации македонски и бугарски писатели ќе градат уше поцврсти мостови, кои ќе придонесат за поголемо и подостојно зближување на македонскиот и бугарскиот народ. Но, за жал, радоста и убавината на големите и искрени заложби на бугарските и македонските писатели, последниве години полека како да спласнаа. Политичарите сега се на цена, но, за жал, ги бие лош глас. Тој злокобен глас последниве години по потпишувањето на Договорот за пријателство, кој, очигледно создава непријателство, значително влијае во застојот (но никако и за прекин) во зближувањето на нашите две литератури и култури. По овој повод би испратиле порака до политичарите: почесто да се дружат со книгите, за да се снаоѓаат подобро и во просторот и во времето. Во спротивно ќе одат боси по трње, а неукоста сите ќе нѐ остави на слеп колосек.

Раде Силјан

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе