Народен херој, борец, општественик, публицист

Генерација што не треба да се заборави: сто години од раѓањето на Крсте Црвенковски

Црвенковски претставува една генерација чијшто влог во формирањето на македонската држава со сите нејзини институции, афирмацијата на образовните и на културните вредности, не треба да се заборави.             

Крсте Црвенковски по враќањето од партизани при крајот на 1944 година

На денешен ден, 16 јули, пред 100 години, во Прилеп е роден Крсте Црвенковски, народен херој, носител на Партизанска споменица од 1941 година, борец, општественик, публицист. Неговото име е впишано во историјата на Македонија по повеќе основи: партизан од самите почетоци вклучен во борбата против фашизмот во Македонија, истакнат и енергичен политичар, кој се залагаше Македонија да има достојно место во југословенската заедница.

Уште во гимназијата се вклучил во младинското и комунистичкото движење. Во 1935 година, на 14 години, станал член на СКОЈ. На 18 години бил примен во КПЈ со задача да основа партиска ќелија во прилепската гимназија, во којашто ја водел и литературната дружина. По матурирањето, по налог на Партијата, заедно со Благоја Корубин, се запишува на Филозофскиот факултет во Скопје да студира филозофија, но набрзо поради својата револуционерна дејност е принуден да премине во илегала.

Бил учесник и организатор на оружената борба во Македонија против бугарската и германската фашистичка окупација. Политички комесар на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“, со чии акции на 11 октомври 1941 година беше означен почетокот на оруженото востание против фашистичкиот окупатор во Македонија. Тројца борци од одредот, Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски-Оцка, ја создале песната „А бре Македонче“, којашто станала химна не само на прилепскиот партизански одред, туку на целото партизанско антифашистичко движење во Македонија. На 11 октомври тој е во групата што извршила прекин на телефонско-телеграфските врски во градот. За самото востание и за борбата на македонскиот народ, Црвенковски ќе изјави: „Востанието од 1941 до 1945 година беше кристално чисто македонско-национално востание насочено кон егзистенцијалните македонски интереси, борба за слобода против фашистичките окупатори, но и конечна пресметка со сите наши поранешни поробувачи, кои го негираа македонскиот национален идентитет“.

Во текот на војната извршувал партиски и воени должности. Бил секретар на Покраинскиот комитет на СКОЈ за Македонија и заменик-политички комесар на Првата македонска народноослободителна бригада. По одржаниот Прв конгрес на антифашистичката организација на младината на Македонија станал нејзин претседател. По ослободувањето на Скопје, како политички секретар на ПК на СКОЈ за Македонија го организира Вториот конгрес на НОМСМ, кој се одржува во Скопје во 1945 година.            

По ослободувањето, Крсте Црвенковски извршува разни партиски и државни функции на ниво на Република и Федерација, меѓу кои и: член на Централниот комитет на КПМ од 1948, претседател на Комитетот за универзитет, високи школи и научни установи, министер за просвета, наука и култура во Владата на НРМ, секретар на Претседателството на Президиумот на Народното собрание на НРМ, министер за просвета и култура во Владата на СФРЈ (1958-1963). Од 1963 е претседател на ЦК СКМ, член на Извршното биро на ЦК СКЈ. Бил член и на Претседателството на СФРЈ до 1974 година и негов потпретседател во периодот 1971-1972 година.

Црвенковски за време на својот мандат се залагал за поголема самостојност на републиките и почитување на Македонија и македонските вредности во рамките на Југословенската федерација. Во периодот кога бил секретар на ЦК СКМ го вложил својот авторитет Македонија да добие своја академија на науките и уметностите (какви што имало во другите југословенски републики). Во истата 1967 година се формира МАНУ со прв претседател Блаже Конески. Црвенковски се залагал во убедувањето на сојузните власти да дозволат возобновување на автокефалноста на МПЦ, што и се случило истата 1967 год.. Издејствувал македонските кадри да бидат еднакво застапени во ЈНА и во југословенската дипломатија. Несомнен е неговиот влог во изградувањето на Скопје по катастрофалниот земјотрес 1963 година.

Во периодот од седумдесеттите години на минатиот век Црвенковски се приклучува кон прогресивните либерални струи во СФРЈ. Како главен носител на либералното движење во Македонија, доаѓа во судир со официјалната политика на СФРЈ, по што бил обележан како дисидент. По завршувањето на мандатот, во 1974 година, Црвенковски како политички неподобен ќе биде целосно маргинализиран, разрешен од сите функции во Федерацијата или во Републиката.

Погоре се споменати Блаже Конески, Коле Чашуле, Благоја Корубин, истакнати македонски културни дејци, сите родени пред точно 100 години. Заедно со Црвенковски тие претставуваат една генерација чијшто влог во формирањето на македонската држава со сите нејзини институции, афирмацијата на образовните и на културните вредности, не треба да се заборави.

В.С.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе