Фонд за поддршка на македонските онлајн медиуми

Потребно е неодложно формирање на државен фонд кој ќе овозможи во прв момент преживување во оваа ситуација...

Вонредните мерки во насока на спречување на ширењето на коронавирусот и како последница на тоа кризата во целата економска дејност, неминовно донесоа големи проблеми во финансирањето и стабилноста на медиумите, еден од главните чинители во синџирот кој треба да обезбеди превенција и заштита од потенцијалната здравствена катастрофа.

Медиумите несомнено се еден од главните фактори кој треба да се погрижи пораките од институциите и здравствените експерти навремено да стигнат до секој дом, па токму затоа, нивното несметано делување, кредибилно и чесно известување се од исклучителна важност при обезбедување на успешност на сите донесени мерки и препораки.

Стабилноста на медиумите се обезбедува преку финансирањето, кое во доминантен процент е обезбедено од огласување на компаниите. Во ситуација кога компаниите се соочуваат со ограничен маневар на пазарот и самата атмосфера нуди намален простор за голем дел од нивните комуникациски активности, сведочиме на значителен број прекинати или одложени огласувачки кампањи во медиумите, што резултира и со значително намалени приходи за агенциите кои ги подготвуваат и дистрибуираат тие кампањи, па паралелно со тоа и медиумите кои треба да ги реализираат.

Како посебен сегмент од медиумската понуда во Македонија претставуваат онлајн медиумите, кои во огромен процент се застапени кога станува збор за медиската конзумацијата и дневно потрошеното време за нивно следење. Тие заедно со телевизиите се примарен извор на информирање на граѓаните. И пред кризата, онлајн медиумите (порталите) се „бореа” за да останат на пазарот со оглед на минорните буџети кои ги добиваа од огласување, а во оваа ситуација нивната борба станува исклучително тешка и неизвесна.

За поздравување се обидите институциите некако да ги помогнат другите типови на медиуми во оваа ситуација, на пример иницијативата за поддршка со 103 милиони денари кои АВМУ одлучи да ги додели на радиодифузерите за интервентно спроведување со последиците од ситуацијата со коронавирусот или пак од претходно, иницијативата за поддршка на печатените медиуми, но никако не смееме да дозволиме да ги изгубиме и онлајн медиумите кои засега не се опфатени со никаква иницијатива за директна поддршка и не постои никаков фонд кој би можел да направи интервентна подршка за нивната егзистенција.

За да имаме добро информирани граѓани кои ќе ги разберат и прифатат мерките, а потоа и доследно ќе ги почитуваат, за да имаме демократски амбиент кој ќе ги носи сите страни на секоја една приказна – мораме како држава да ја поддржиме таа медиумска гранка која носи најширока лепеза на информирање, а тоа се секако онлајн медиумите. Потребно е неодложно формирање на државен фонд кој ќе овозможи во прв момент преживување во оваа ситуација, а потоа и дополнителен развој на онлајн медиумите, за да се зачува секој еден вработен и да се овозможи достојно функционирање, а потоа и креирање на нови онлајн сервиси и медиски продукти.

Сигурен сум дека институциите можат целосно да се потпрат на најголемиот авторитет кога станува збор за онлајн пазарот и интернет медиумите во земјава, организацијата ИАБ Македонија, која секако дека ќе им помогне како тој фонд да го дизајнираат и развиваат така што навремено ќе се надминат сите предизвици кои би искрснале во тој процес. Време е онлајн медиумите да се третираат како што доликува!

Борис Ефтимовски

Преземено од Маркетинг365

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Даночните затајувачи сѐ почесто се мали фирми, кои сѐ потешко се следат.

повеќе

Повлекувањето на Обединетото кралство од ЕУ (Брегзит) е правен потфат без преседан во историјата на правото.

повеќе

Изминатата недела имаше бурен почеток со објавувањето на вториот сет мерки. Се изнаслушавме разно-разни коментари, предлози и видувања кои никако не би можело да се рече дека се засновани на прецизни анализи и предвидувања на надлежните институции во државата, со кои располагаме, НБРСМ и МФ.

повеќе