Колумна

Фијаското со затворањето на училиштата покажува колку малку го цениме образованието

Изневеривме една генерација.

Фото: Роберт Атанасовски

Поминаа повеќе од три месеци откако британските училишта последен пат беа отворени за сите ученици, вели Џоана Вилијамс, колумнистка на Спајкд. Колективната инерција поради која повеќето деца седат дома, од ден на ден, е скандалозна. Низ цела Европа училиштата се вратија во нормала; од оваа недела француските деца задолжително мора да одат во училиште. Но не и тука. Децата можат да одат во продавници или сендвичарници. Тие можат да одат на протестите на „Црните животи се важни“ или да посетат забавен парк. Но да седнат во училница? Малку веројатно.

Имаше недели кога беше невозможно да се посомневате во затворањето на училиштата без да ве раскинат. Сепак, како што сега сигурно сите признаваат, немаше многу разум во напуштањето на една генерација. Децата имаат поголема шанса да бидат погодени од гром отколку да умрат од ковид-19. Нема многу докази дека децата на кое било место во светот им го пренеле вирусот на возрасните. Наставниците поверојатно ќе фатат коронавирус на патувањето до супермаркет отколку во училница. Но сепак повеќето деца се заглавени дома.

Кога станува збор за распределување на вината за оваа тажна состојба, има многу таргети. Во почетокот на март имаше наставници што на Твитер бараа затворање на училиштата. Тие беа поддржани од коментаторите, а владата спремно се согласи не размислувајќи што ќе се случи потоа. Наставните синдикални лидери бесрамно го попречуваа враќањето на сите ученици во училиште. Инсистирајќи дека дури и најмалите деца мора да практикуваат социјално дистанцирање, владините министри го направија повторното отворање практично невозможно. Сега, конечно, сè повеќе се зголемува загриженоста за последиците од држењето на децата изолирани дома. Здравствените работници напишаа отворено писмо до премиерот, родителите ја креваат свеста и собираат поддршка, а националните весници сега водат кампања да ги вратат децата на училиште.

Многу од оние што сега ги повикуваат децата да се вратат на училиште се загрижени за растечката нееднаквост. Стана очигледно уште во првата недела од затворањето на училиштата дека некои училишта - главно оние во приватниот сектор - нудат многу повеќе во онлајн-лекциите од другите. Додека некои деца имаа целосен распоред на интерактивни часови на Зум, други требаше да се задоволат со стариот печатен работен лист. Една студија вели дека скоро два милиони деца воопшто не се потрудиле да учат од дома за време на карантинот. Нема сомнение дека има многу причини за ова разидување, но не помогна ни фактот дека наставните синдикати им наредија на членовите да го сведат „на минимум“ одржувањето лекции на интернет.

Загриженоста за образовната нееднаквост брзо се спојува со грижите за состојбата на децата и барањата за социјални промени. Знаеме дека многу деца немаат пристап до компјутер, неограничено ви-фи, градина, редовни испораки од супермаркет или родител со слободно време. Но понудените решенија, од ваучери за оброци до бесплатни лаптопи, се делумен лек за долгогодишните проблеми.

Најочигледното решение за растечката нееднаквост во образованието: веднаш да се отворат сите училишта, за сите ученици.

Сегашниот фокус на благосостојбата на децата и социјалната нееднаквост покажува дека образованието, во најдобар случај, е само една поситна цел на училиштата. Се чини дека еднаквоста е многу полесно да се постигне преку намалување на очекувањата, комплетно укинување на тестовите и испрашувањата за уште една година или отстранување на големи делови од наставната програма, отколку што е преку подучување на децата.

Исто така, се изразува поголема загриженост за менталното здравје на младите луѓе за време на карантинот. Кој можеше да претпостави дека социјалната изолација на тинејџерите; чувањето на децата подалеку од нивните другарчиња; затворањето на игралиштата, трговските центри и киносалите; недавањето на младите да прават нешто и имањето само екрани за друштво, можеби ќе ги направат осамени и несреќни? И дека за некои оваа изолација може да доведе до чувство на вознемиреност или депресија и да предизвика други грижи за менталното здравје? За жал, истите луѓе што не можат да ги предвидат последиците од социјалното изолирање на децата се несвесни за најочигледното решение: враќањето на животот на децата во нормала што е можно поскоро.

Токму во училиште децата учат и како да размислуваат и како да постапуваат дисциплинирано, како да комуницираат со другите и како да бидат далеку од своето потесно семејство. Сепак, за три месеци, темата за училиштата и виталната улога што тие ја играат во образованието и социјализацијата на младите ретко се слуша.

Сега децата страдаат. Им недостига едукацијата, како и пријателите и рутината што му дава структура на секојдневниот живот. Сепак, сè уште е неизвесно дали сите деца ќе се вратат во училницата во септември. А кога училиштата целосно ќе се отворат, треба да прашаме за што ќе се вратат децата. Ако тоа е заглупавената наставна програма заедно со лекции за тоа како да се дружат и часови во медитација, тогаш тоа нема да биде училиште во ниедна смисла на зборот.

Легенда под Главна слика

Фото: Роберт Атанасовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе