Фантастичната приказна на Васко Ташковски

Васко Ташковски (Нижополе,1937) во изминатите шест децении творечка дејност одбележа значајна етапа во современите текови на македонското сликарство. 

Тивко и ненаметливо, преку сликарските платна, катадневно води дијалог со загадочни и мистични теми, често нуркајќи во морските и езерските длабочини, најчесто пловејќи по небесните пространства. Низ ткаежот на ветришта и бури, на неговите платна земните и мистичните појави ја имаат моќта на една пресликана реалност, таинствена и магиска, а сепак блиска и препознатлива, допадлива и прифатлива. Во делата на овој автор, вљубениците во уметноста препознаваат волшебник на таинственото, фантастичното, мистичното, невозможното.

Васко Ташковски е сликарски феномен, единствен во современото македонско сликарство. Ни се чини како тој божем да допатувал од некоја друга планета и пуштил корења на македонската почва, тука зачнал и се родил, се разгранил во раскошни форми и бои, за да ја збогати нашата национална уметност со нови, досега непознати и чудесни виденија и содржини, ту раскрилени во радосни из­блици, ту во апокалиптично развиорени и заканувачки организми со необични, неодгатливи предмети и појави. Небаре тој во нашиве предели населил нови светови, несекојдневни визуелни значења и визуелни емисии од некои далечни, други светови и небесни тела, но откога ќе ги погледнеме подобро и повнимателно неговите фасцинантни дела, ќе видиме дека тие сепак се волшебни сказни, визии од нашава планета, од животот на земјава, на овој свет, само видени, набљудувани и обликувани со други очи, со поинаков потход, од поинаков агол и визура, од еден длабоко индивидуален и оригинален свет и сензибилитет, што го прави неговото сликарство автохтоно и специфично, како своевидна сликарска планета. Според богатството на темите, сликите на Васко Ташковски обликуваат посебен уметнички универзум, не само во бујните текови на модерната македонска уметност, туку и пошироко, во интернационални рамки.

Во една инспиративна исповед, сликарот ќе каже: „Уште во почетокот имав судири со вкусовите на тие што бараа од мене некое стереотипно решение…“. Подоцна таа своја размисла ќе ја дообјасни и ќе ја заокружи, констатирајќи дека „и покрај сите библиски легенди, нема уметност без фантазија“. Од специфичен агол ќе ја потенцира својата творечка концепција, која прецизно, како и неговиот цртеж, го одредува неговото место во полифониот оркестар од илјадници творци. „Фантазијата е потреба, не само заради тоа сликата да биде фантастична по содржина, да бега од стварноста, од реалноста, туку напротив, фантазијата е потребна за да внесе чувство на живот и реалност во сликата.“ И најпосле, во еден мисловен потег, силно ќе ги нагласи карактерот и суштината на својата уметност, би рекле и сликарската судбина, велејќи дека „со помош на фантазијата создаваме една нова реалност.“

До почетокот на осумдесеттите години во неговите слики наоѓаме многу „црни дупки“, фантастични летала, небаре преземени од детски соништа, потоа рани што крвават, депонии со реа на фрлено и ’рѓосано железо, скапани подови, начичкани метали со ѓаволски сјај и заканувачки стаклени очи, застојани во пресушени корита на мртви реки и езера, мапи на „негостољубиви пејзажи“ и „забранети зони“ до каде што допира само уметниковата фантазија или збунетиот поглед на набљудувачот. Со појавата на неговиот циклус „Корења и организми“ се раѓаа и нови светови со многу светлина, со многу сина боја и со широк спектар од топли бои „што дишат со живот“. Јазикот на надреалното, на фантастичното во многу варијанти, јазикот на симболите и на непознатото ќе стане негово препознатливо изразно средство, со кое ќе се реализираат основните ликовни елементи во секоја негова слика: цртежот, композицијата, бојата, содржината итн.

Како посебен циклус во богатиот сликарски опус на Васко Ташковски е проекцијата на коњите, кои се негова омилена инспирација, односно ликовен објект и во ренесансната уметност, како во сликарството, така и во скулптурата. Кај нашиот сликар коњите, кои освен ликовно имаат и симболично знаење, ги следат сите негови циклуси и се јавуваат во различна улога и со посебна цел. Така, понекогаш, тие се предвесници на апокалипсата (како во неговото антологиско платно „Јавачи на апокалипсата“ од 1970 година), а во циклусот „Корења и организми“ тие се појавуваат како носители на животот и во скаменетите сенки претставуваат траги во времето, чија енергија се манифестира и го населува целиот простор на платното. Темата на коњите ни асоцира на аналогната тематска инспирација во поезијата на Матеја Матевски (на неговите „Коњи во просторот“) или на „Црвениот коњ“ на Ташко Георгиевски.

Мотивите на еколошката катастрофа, оружјето на смртта, на налудничавите освојувачки инвазии, цивилизациските масакри на скаменетата вегетација, на шумите чии гранки се претворени во цевки на непознато оружје, или на искинати вени и вештачки плодови, на невидени фатаморгани, плажи на диносауруси, фосили, на летачките пејзажи и на летачките предмети со човеколики камења и зооморфни предели, на орвеловски апсурдните фарми на мртви бисери; сите тие оригинални мотиви и теми инспирираа многу критичари и познавачи на ликовната уметност да се јават со разни толкувања и импресии што му одредуваат високо место на творештвото на Ташковски. Познатиот српски историчар на уметноста Павле Васиќ, во „аналитичкиот темперамент“ на Ташковски забележува сложена клима во која се мешаат многу елементи, обединети во беспрекорен ликовен поредок, со пресметани ондоси. Англискиот критичар Вилием Гаунт во својата книга „Фантастичното сликарство“ (Лондон, 1974) во сликата „Јавачи на апокалипсата“ ќе препознае „демонско и брзо движење на апокалиптичните носители на војната, на гладот, чумата и смртта.“ Словенечкиот критичар Јанез Месенсел, во неговата согледба за делото на Васко Ташковски открива доследност, „шифрирана порака“, во која ги насетуваме формата, композицијата, фабулата и тајната на „внатрешните сликарски односи“. Нашиот голем писател и познавач на сликарството, Славко Јаневски, ќе забележи дека „во загатливиот декор ќе се најдат згрчени костури на астронаути или скитници под наивистички батискаф, новоземна силуета, митолошка пристрасност кон чудовиштен спој на жена и полип, озрачена амеба развиена во симбол на страв.“ Во својот иинспиративен текст, поетот Ефтим Клетников со право ќе заклучи: „Еден богат и раскошен имагинативен свет, кој напати остава впечаток на големо огледало, кое ги рефлектира основните идеи на модерната европска уметност. Онаа во чие семејство на големите нејзини мајстори е и името на Васко Ташковски.“

Сликарскиот свет на Васко Ташковски е препоз­натлив, по многу свои елементи чудесно раскошен. Неговата уметност комуницира на општи и универални релации, својствена за автор со автономен свет, вешто обликуван во дела со антологиска вредност. Тоа е свет приемчив, по многу свои карактеристики раскошен, свет на тајни и митски предели, суптилно обликуван, свет од кој се одмораат очите, кој ги успокојува душите на љубителите на уметноста.

Раде Силјан

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе

Ентузијазмот во првите месеци од годинава во врска со масовната вакцинација беше таков што Србија во март беше прва меѓу европските држави според бројот на граѓани што примија втора доза на милион жители. 

 

повеќе