Колумна

Фајненшл тајмс: Иднината на Македонија останува под сомнеж

Цели 27 години Атина го обвинува својот сосед дека има аспирации кон грчката територија.

Ако дефиницијата за напредок е дека една земја веќе не го нарекува аеродромот во главниот град по кралот-воин што починал пред 2.300 години во Вавилон, тогаш сигурно постои надеж за Балканот - извор на многу модерни европски конфликти.

Во февруари македонското реформистичко лидерство го врати во рикверц бомбастичниот национализам на претходната влада и го смени името на аеродромот Александар Велики во Меѓународен аеродром Скопје. Мразот почна да се топи во еден од најтешките спорови во посткомунистичка Европа.

На автопатот што води кон Скопје, главниот град на поранешната југословенска република, големите зелени знаци укажуваат и на други промени. Патот повеќе не го носи името на Александар, туку се вика автопат Пријателство. Македонските лидери ги сметаат овие вежби на преименување не за козметички, туку за вистински отстапки кон Грција. Веќе 27 години Атина го обвинува својот северен сосед за аспирации кон грчката територија, културно наследство и идентитет, користејќи го името Македонија и Александар како државен симбол.

Преговорите за наоѓање компромис за името Македонија се приближуваат кон кулминацијата. Министрите за надворешни работи на Грција и Македонија се состанаа 20 пати. Доколку биде постигнат договор, тоа ќе испрати редок сигнал за другите расправии на балканските држави и заедници - на пример, Србија и Косово, или муслиманите, Хрватите и Србите од Босна и Херцеговина - дека дури и најболните историски рани заздравуваат со лечење.

Освен тоа, решението би можело да ги отвори вратите на ЕУ и НАТО за македонското членство, досега блокирано со вето од Атина. Ова би ја извлекло Македонија од неизвесноста на геополитичката несигурност од која таа страда по распаѓањето на комунистичката Југославија. Тоа би го спречило ширењето на присуството на Русија, Турција, Кина, Саудиска Арабија и другите заливски земји на Балканот. Тоа ќе го намали ризикот Македонија да падне жртва на насилен внатрешен конфликт, дестабилизирајќи го остатокот од регионот.

Ова не е празна опомена. Во 2001 година избувна бунт меѓу македонското етничко албанско малцинство, кое учествува со околу една четвртина од двата милиони луѓе во земјата. Според зборовите на Али Ахмети, поранешен командант на бунтовниците, конфликтот ризикуваше да се претвори во крвопролевање уште пострашно од босанската војна, во која загинаа околу 100.000 борци и цивили. Во случајот НАТО посредуваше и се постигна решение по добро спроведената интервенција.

Ахмети сега води етничка албанска партија што владее заедно со социјалдемократите на Зоран Заев, енергичниот млад премиер што ги предводи напорите на Македонија за помирување со Грција. Во Скопје неодамна слушнав дека Ахмети предупредува дека сè што е постигнато со договорот од 2001 година ќе биде залудно ако Македонија не добие членство во НАТО и во ЕУ. Ова ѝ дава кредибилитет на визијата на Заев за западноориентирана Македонија, дека поддршката за оваа цел ја надминува етничката поделба и спомените на оружениот конфликт.

Сепак, шансите за грчко-македонски договор се неизвесни. Точно, преговарачите го стеснија изборот на името во Северна, Горна или Вардарска Македонија - последново инспирирано од најдолгата река во земјата. Едно од нив би било името на Македонија на меѓународната сцена. За домашни цели, Заев сака да користи „Република Македонија“. Ова не е доволно добро за Грција, која во него гледа латентна аспирација кон северниот грчки регион Македонија. Атина врши притисок за промени на македонскиот устав, со што би се отстранила таквата закана.

Заев е отворен кон идејата, но секоја промена ќе треба двапати да ја ратификува македонскиот парламент. Покрај тоа, тој сака да ја зајакне легитимноста на решението со Грција поставувајќи ги можните уставни измени на референдум. Отстранувањето на сите три пречки нема да биде лесно. Ни грчкото одобрение не треба да се зема здраво за готово. Алексис Ципрас, левичарскиот премиер, во ова гледа шанса за слава. Сепак, неговите националистички коалициски партнери, конзервативната опозиција во Грција и православната црква се гласни критичари на неговата дипломатија. Зад сцената, Русија хушка поткопување на договорот. Следната година треба да се одржат избори, па Ципрас може да открие дека растечките политички температури дома ги прават разговорите со Скопје премногу врели за справување.

И на крај, не сакаат сите влади на ЕУ да ги отворат пристапните разговори со Македонија. Некои во НАТО не го гледаат влезот на Македонија како приоритет. Ќе дознаеме повеќе од самитот на ЕУ во јуни и од самитот на НАТО во јули. Двата настани можеби ќе дојдат прерано за грчко-македонскиот договор. Ако е така, ЕУ и НАТО треба да се спротивстават на искушението да го искористат неуспехот како изговор за занемарување на македонското прашање. Балканот денес е премногу кршлив за да дозволи такво самозадоволство.

Автор: Тони Барбер

Извор: Фајненшл тајмс

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Владите постојано ги повторуваат истите грешки. Тие го сметаат долгот како предност за долгорочен раст, наместо она што тој всушност е: тежок товар и извор на масивни долгорочни ризици.

повеќе

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе