Европските десничарски движења не ја заобиколуваат Македонија

Слоганите на Тврдокорните и на Христијанските браќа не можат да се разликуваат од десничарите кои како чума се шират низ Европа.

Со извиците „Чиста Македонија“, со името Христијански браќа, отворено се декларираат рамо под рамо со нео нацистите од Полска кои бараат чиста полска нација.

После седумдесет и кусур години од крајот на Втората светска војна, Европа со тежок срам може да каже дека не успеала да ги уништи ниту фашизмот, ниту нацизмот. Бранот на националистичките, десничарски движења со нескриени симболи на нацизмот, ги зафаќа дури и земјите кои во своето минато немаат темна дамка учество на „погрешната“ страна во последната светска војна. Сведоци сме на пораст на десничарски движења со силна поткрепа од страна на Католичката црква во Полска, државно субвенционирани десничарски организации во Унгарија, ариевски организации во Финска, владино величање на Анте Павелиќ и НДХ во Хрватска и големото другарување на Грчката православна црква со неонацистичката Златна зора. Од друга страна, интересен е моментот на скоро целосно отсуство на неонацистички политички партии и организации на политичката сцена во Шпанија и Португалија, иако овие две земји имаат „богато“ минато со Франко и Салазар.

„Жолти ѕвезди“ за странските агенти во Унгарија

Главната реторика и проблемите со кои се занимаваат десничарските движења во централна и западна Европа се митот за чиста раса, стравот од мигрантите, различностите во општеството како ЛГБТ заедницата, мешаните бракови на религиска и расна основа, феминистичките движења, движењата за заштита на правото на абортус. Сите овие, но и други примери во зависност од општеството, се цел на десничарските движења кои ги гледаат како опасност и загрозување на традиционалните вредности за кои тие се самопрогласуваа дека се заштитници. Тоа самопрогласување всушност е само еден параван за наметнување на своето водство и заштита на општеството од измислените опасности.

Во Унгарија со последните одлуки на владата на Виктор Орбан, групите за заштита на човековите права кои работат со странски фондации се присилени да се регистрираат како „странски агенти“. Пред неколку месеци, младите од партијата на Орбан, Фидеш (Fidesz), лепеа плакати на зградите во Будимпешта каде што работат меѓународни организации, со знак дека тие се опасни странски агенти. Една од ирониите беше што таков плакат залепија на зграда каде што се канцелариите на Амнести Интернешенел, а во истата таа зграда пред Втората светска војна живееле еврејски семејства и зградата била означена на ист начин од страна на унгарските колаборационисти.

Членовите на Златна зора во Грција ја користат секоја шанса да предизвикаат физички пресметки со емигрантите, а потоа да ги обвинат дека ги нападнале затоа што емигрантите се бранеле. Во ваквите случаи јасно е кој оди во затвор, ако се земе предвид дека дел од припадниците на грчката полиција се членови или симпатизери на Златна зора.

Обид за забрана на абортусот во Полска

Најголем подем на десничарските движења, дополнително поддржани од Католичката црква гледаме во Полска. Минатата година во ноември над 60 илјади луѓе се појавиле на прославата на денот на независноста во Варшава извикувајќи слоган: „Ние го сакаме Бога“. На оваа прослава десничарите поставиле транспарентни со слогани: „Смрт на непријателите на татковината“, „Чиста крв“ и „Бела Европа“. Полска е доминантно католичка земја која во историјата на Ватикан дала неколку папи. Но подемот на десничарските движења во оваа земја кои отворено користат нацистички слогани и кореографија, не смее да се оддели од влијанието на црквата. Под нејзиниот притисок, полската влада се обиде во 2016 година и се уште се обидува да го забрани абортусот. Масовните протести и движењето „Црн протест“ (Czarny Protest) беа обележани од десничарките, а и од власта како нацисти само затоа што се бореа за заштита на правото на абортус.

Причините за подемот на десничарството во Полска не се многу различни од оние во другите горенаведени земји. Многу Полјаци се чувствуваат граѓани од втора класа поради падот на економијата и нееднаквата распределба на богатството. Ова негативно се одразува на социјалниот систем и придонесува за зголемување на разликата помеѓу богатите и сиромашните. Оваа ситуација се искористува од страна на десничарите со ветувања за враќање на социјалната држава, но под еден услов: општеството да биде „чисто“. Под „чисто“во нивните умови и идеологија се подразбира етнички, расно и религиозно чисто. Иако во Полска скоро и да нема бегалци од војната во Сирија, еден од слоганите на десничарите е за Полска без бегалци. Мета на нивните напади, но и на нападите на десничарите во другите земји во Европа каде тие се во подем се сите што не се хетереосексуалци, не се христијани, не се бели, не се од „адекватна националност“.

По тесниот успех на референдумот во Велика Британија за излез од ЕУ, нападите против ЛГБТ популацијата се зголемиле заедно со популарноста на десничарската партија УКИП.

Морничаво гласна чиста Македонија

Панданот на европските десничари го имаме и на Балканот, но има еден момент кој малку боде очи. Присуството на десничарски и нео-наци движења во Хрватска, Србија и Бугарија не е изненадувачко. Ако ја ставиме настрана незавидната економска ситуација на сите три земји, во дел од нивните истории, посебно во Втората светска војна, тие имале фашистички колаборационисти.

Но што се случува со Македонија? Зошто една земја која нема колаборационистичка дамка во својата историја, почнува да сведочи на пораст на чудни, морничави движења на брадосани мажи со црни маици на улиците? Иако тие движења се нарекуваат дека се патриотски, со ништо слоганите на Тврдокорните и на Христијанските браќа не можат да се разликуваат од десничарите кои како чума се шират низ Европа. Со извиците „Чиста Македонија“, со името Христијански браќа, отворено се декларираат рамо под рамо со нео нацистите од Полска кои бараат чиста полска нација. Иако можеме цинично да се насмееме дека чиста нација е практично невозможна на Балканот, тргнувајќи од историјата и колку странски војски поминале низ сегашната територија на Македонија, нивниот слоган го привлекува исплашениот и гладен народ. Позадината на овие движења алудира на финансирање од страна на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи наеднаш излегоа како печурки после дожд и секогаш нивното присуство на улиците беше темпирано и наменско. Но, истата економска состојба е во Македонија, како што е и во Полска. Затоа плашењето на народот со бегалците кои наводно ЕУ ќе ни ги насели како услов за влез, наоѓа плодна почва и оваа кампања беше актуелна во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа што населението е гладно и лесно подложно на манипулации. Како што дел од интелектуалната јавност во САД и Велика Британија им се смееја на Американците и Британците кои се плашења дека бегалците ќе им ги земат работните места кои тие ионака ги немаат, така се заплашува и македонскиот народ. Зголеменото мешање на црквата во државата се повеќе ќе не враќа во мрачниот петнаесетти век. Новата слика на кампањата „Бојкотирам“ го открива лицето не само на кампањата туку и на оние кои се зад неа. Црн чадор, хетеросексуален брачен пар, ги штити фетусите и децата од виножитото. Отворена хомофобија и атак врз правото на абортус.

Нео-нацизмот и десничарството не чука на вратите на Македонија туку со морничаво гласен чекор маршира низ улиците. Додека Шпанија тргнува да го дислоцира споменикот на Франко и почнува со процесот на расчистување со фашистичкото минато, ние со отворени раце го дочекуваме под превезот на спасители на идентитетот и семејството. Ако дозволиме тоа да земе замав во облик на црнокошуљаши низ градовите, ќе бидеме земја која иако извојува победа над фашизмот во Втората светска војна, не успеа да го цени и задржи тој успех. Заштитата на општеството не оди со поделби, сегрегации, враќање на фашизмот, хомофобија и укинување на абортусот. Последен момент е да почнеме да ги цениме и заштитуваме бенефитите од победата над фашизмот во 1945 година.

 

Соња Стојадиновиќ

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе

Подгорица во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито.

повеќе