Eвропски влади: земете ги назад вашите граѓани од северна Сирија

Осум години по почетокот на граѓанската војна во Сирија, диктаторот што не се плаши да употреби хемиско оружје против својот народ, во раце ќе го добие оружјето што му овозможува да ги применува своите овластувања како што сака.

За да не се случи тоа, сите западни земји треба да започнат со што поскоро враќање на своите државјани.

На 6 октомври 2019 година Белата куќа објави дека ќе ги повлече своите трупи од северна Сирија, со цел Турција да ја започне својата „долго планирана“ операција во северна Сирија. Во изјавата, САД ги прозива своите европски сојузници за тоа што не ги зеле назад нивните заробени борци на ИСИС (Исламската држава) и изјавува дека САД повеќе нема да ги чуваат, на трошок на американските даночни обврзници. Наместо тоа, Турција ќе ја преземе одговорноста над илјадниците борци на ИСИС, притворени во затворите и камповите на северот на Сирија.

Изјавата веднаш предизвика паника кај населението во северна Сирија, кое се плаши дека Турција ќе изврши напад врз претежно курдското население во таа област, со што ќе остави простор за геноцид. Всушност, целта на Турција е да го ослаби курдскиот автономен регион Роџава на нејзината јужна граница. Турција ги смета воените фракции на Роџава, Eдиниците за народна заштита (YPG) и нејзиниот целосно женски еквивалент Единиците за заштита на жените (YPJ), за терористички организации што се во сојуз со Курдистанската работничка партија (РКК). Не изминаа ни три дена од објавувањето на Белата куќа, кога турските вооружени сили ја започнаа операцијата „Пролет на мирот“ со извршување серија воздушни напади низ северна Сирија и подготвување на турската војска за копнен напад. Следните денови се појавија вести за гранатирање на сириски градови и села, за турски сили кои таргетирале цивилни конвои и за еден висок курдски политичар кој бил убиен во заседа. Започнаа да циркулираат видеа од паравоени формации поддржани од Турција како вршат масовни убиства, убивајќи невини Курди на улица.

Низ целиот свет, претставници на владите го осудија потегот на Трамп и последователниот напад на Ердоган на сириска територија. Многу земји од ЕУ, вклучително и Германија, Франција, Норвешка и Финска ја забранија целата трговија со оружје со Турција која е сојузник на НАТО, сè додека постои шанса тие оружја да бидат употребени против курдските сили на YPG. Тие тврдат дека операцијата „Пролет на мирот“ може да има опасни последици, вклучително и повторно оживување на ИСИС. Покрај тоа, YPG, која е најголемата фракција во Сириските демократски сили (SDF), одигра клучна улога во поразот на ИСИС. Бидејќи повеќето земји што учествуваа во Глобалната коалиција против ИСИС немаа желба да испраќаат трупи во Ирак и Сирија, Курдите беа вклучени во најголем дел од теренските борби, жртвувајќи 11 000 свои мажи и жени во процесот. Многу политичари и аналитичари апелираат и тврдат дека курдското население во северна Сирија не смее да се остави само.

Курдите го носат товарот

И покрај осудите на турската инвазија во Сирија и едногласната одлука на земјите од ЕУ да престанат со извоз на оружје во Турција, Курдите не добија никаква поддршка за ублажување на ситуацијата. Меркел наводно му се јавила на Ердоган за да се заложи за итно запирање на неговиот напад врз Курдите - но тоа барање немаше големо влијание. Истиот ден се појави веста дека SDF постигнале договор со сириската армија која има руска поддршка, со која е договорено да го преземат автономниот регион Роџава. Ова значи дека курдскиот проект за создавање автономен регион е официјално пропаднат. Курдите се чувствуваат предадени и тоа со право.

Повеќето политички коментатори, аналитичари, па дури и владини претставници посочуваат на САД како виновник. Тие се прашуваат како претседателот можеше толку наеднаш да им сврти грб на своите најлојални сојузници на Блискиот исток. Но има други кои посочуваат на Европејците. Со оглед на тоа што САД можеби се повлекоа премногу ненадејно, барем тие имаа воени бази во регионот. Други западни влади избраа да ги поддржуваат Курдите само од воздух, со испраќање оружје, хуманитарна помош или обезбедување разузнавачки информации. Ниту една од нив не беше подготвена да ги испрати своите мажи и жени во првите борбени редови , да се борат против ИСИС директно на нивен терен. Освен тоа, по поразот на ИСИС, тие ги оставија своите државјани кои беа поврзани со ИСИС во Ирак и Сирија, затоа што беа премногу исплашени од безбедносните ризици што се пропратени со враќањето радикализирани поединци назад во нивните земји. И покрај итните барања на Курдите да се вратат странските државјани заради недостаток на капацитети за задржување на десетици илјади приведени лица, ниту една земја освен Косово не извршила репатријација на своите граѓани - оставајќи го товарот на Курдите.

Приврзаници на ИСИС приведени во северна Сирија

Во моментов има околу 11 000 заробеници кои се членови на ИСИС и уште многу жени и деца кои се сместени во северна Сирија. Повеќето од мажите се задржани во затворите, додека жените и децата се задржани во кампови како Ал-Хаул, Ајн Иса и Ал Роџ. Сосема неподготвени за ненадејниот прилив на луѓе кој се случи на почетокот од годинава, овие кампови сега се преполни. Во најголемиот камп за жени Ал-Хаул, кој пред турскиот напад го чувале само 400 војници на SDFсега се сместени 74 000 луѓе. Во логорите, лицата кои се најлојални на ИСИС воспоставиле шеријатски судови и доброволци ги спроведуваат строгите правила на ИСИС, како што правеа членовите на верската полиција Хисбах во Калифатот. Се појавија извештаи дека жените биле изложени на напаѓања, па дури и ги убивале, ако одбиеле да ги почитуваат правилата. Американските власти ја нарекоа ситуацијата во кампот многу опасна, бидејќи ИСИС „го користи кампот како инкубатор за следната генерација екстремисти“.

Додека чекале прилика да побегнат и повторно да се кренат, турскиот потег во Северна Сирија им дал огромна можност на затворениците во ИСИС. Поддржувачите на ИСИС се повикале едни со други да ги подготват торбите веднаш штом започнала операцијата Пролет на мирот. Тие знаеле дека за да можат Курдите да се одбранат од втората по големина армија на НАТО, борците на SDF ќе мора да се тргнат од камповите и да се упатат кон првите редови. Во камповите и затворите имало навистина голем недостиг од персонал, со што се создала кризна состојба. Згора на тоа, Турците нападнале еден курдски затвор во кој имало борци на ИСИС, овозможувајќи им на неколкумина од нив да избегаат. Неколку дена подоцна, интензивните борби во близина на логорот Аин Иса овозможиле околу 800 жени и деца да избегаат од делот за странци во кампот, од кои голем број се вратени.

Да се вратат граѓаните во своите земји додека сè уште има можност за тоа

Западните земји кои имаат државјани во притворите во северна Сирија се на највисок степен на готовност. Ако нивните државјани и другите симпатизери на ИСИС избегаат, тоа ќе биде почеток на огромна безбедносна криза. Овие земји не само што ризикуваат нивните државјани што го симпатизираат ИСИС да се вратат дома, туку уште поголем е стравот дека ќе продолжат тајно да работат и дека нивната локација ќе биде непозната. На пример, Обединетото Кралство веќе ја изгуби локацијата на неколку деца кои останале без родители, кои биле сместени во притворот Ајн Иса. Други влади сега размислуваат за враќање на нивните државјани што е можно поскоро.

Друг страв е дека штом Асад ќе почне да управува со курдските затвори и кампови, тој тогаш ќе може да ги користи приведените како адут во преговорите против Западот. Осум години по почетокот на граѓанската војна во Сирија, диктаторот што не се плаши да употреби хемиско оружје против својот народ, во раце ќе го добие оружјето што му овозможува да ги применува своите овластувања како што сака. За да не се случи тоа, сите западни земји треба да започнат со што поскоро враќање на своите државјани. Земјите на ЕУ, но и земјите од Западен Балкан имаат илјадници борци на ИСИС, жени и малолетни лица кои живеат во таа област. Меѓународните организации и странските влади веќе понудија поддршка за оние земји што не се членки на ЕУ што се подготвени да ги вратат назад своите граѓани. Во април годинава, Косово беше во можност да поврати 110 свои граѓани со поддршка од САД. Покрај тоа, остатокот од илјадниците борци на ИСИС кои живеат во камповите треба да се преместат на посигурна и неутрална локација. Само така можеме да спречиме адутот во преговарањето на Асад да стане реалност.

 Леони Вругтман (Leonie Vrugtman)

(Авторката е истражувач и проектен координатор која работи на теми како што се религиозна толеранција, добро владеење, анализа на политики и спречување / борба против насилниот екстремизам. Покрај тоа, таа помага во управувањето со бизнис процесите и ја координира комуникациската стратегија на Институтот за демократија и медијација во Тирана, Албанија (IDM). Покрај нејзината работа во IDM, Леони е аналитичар на Global Insights, меѓународна политичка платформа за ризик, каде пишува за широк спектар на безбедносни прашања поврзани со Западен Балкан. Таа има магистерирано на насоката по меѓународни односи при Кралскиот колеџ во Лондон.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Да се стави точка на великобугарскиот шовинизам е насловот позајмен од едно писмо напишано во јули 1946 година од Илинденската организација до Владата на слободна Македонија.

повеќе

Бидејќи знаеме да се перчиме со секој што потекнал од нашиве простори, дури и до илјадито колено наназад (од Аминта III до Симона Халеп), јас ќе ја искористам приликава за да се погордеам со македонските гени на еден извонреден музичар: Васил Хаџиманов.

повеќе

Коста Абрашевиќ, Гоце Делчев... и десетици илјади современици кои потпишале дека „по род се...", за да можат да патуваат и да работат во ЕУ државите.

повеќе