Европо, почекај нè, кај и да сме, доаѓаме!

Македонија по оваа авантура нема каде да се врати и единствениот пат по кој треба да тргне е патот на внатрешно реформирање и интраетничко помирување и обединување.

Први октомври 2018, понеделник како и секој друг во годинава или многу години наназад. Истите проблеми продолжуваат да ги мачат и оние што од петни жили се трудеа на секој можен начин да агитираат кај своите роднини, другари, пријатели, па и непријатели дека на денот на македонската апокалипса мора да се испочитуваат граѓанските должности, во спротивно ќе мора да поднесат одговорност за тоа што воздухот е загаден, што здравството не е европско, што младите се иселуваат, а економијата тоне без странски инвестиции и кредити обезбедени со сигурносни гаранции.

Од другата страна на улицата ќе итаат оние што дадоа сé од себе за да ги убедат своите дека денот пред понеделник е ден за одмор и секој од нив треба да си го помине онака како му е по волја, ама притоа да не заборави дека ете баш на тој ден треба добро да размисли и да се потсети на заветите на неговите предци, дедовци и прадедовци, за нивните идеали, мечти и страдања за да можеме да си денгубиме така бесцелно во деновите пред понеделник, но не само.

Многу денови ќе се изредат по 1 октомври, и не само денови, години ќе изминат, улиците ќе стануваат сѐ пошироки, дистанците сѐ поголеми за да ги оттргнат оние од овие или овие од оние. Како небаре малку разединетост имавме досега меѓу нас, па сега ни требаше до крај да се расцепиме по инаку кревките меѓуетнички, па сега и интра-етнички шавови на општеството. Македонија по бројот на жители е во рангот на средните европски метрополи како Брисел, Белград, Барселона, Будимпешта, Минхен, Виена, каде што 2 милиони луѓе со уште поголема етничка разноликост кохабитираат на територија десет пати помала од нашата татковина. А ние очигледно не само што не можеме со оние покрај нас, туку не можеме ни сами со себе. Тонеме во мизантропија.

Па сѐ се прашувам како вака арогантни кон себе и кон другите утре ќе се упатиме кон Европа поради која се расцепивме така длабоко што брат против брата се сврте. Толку многу на сите ѕвона на едниве устата им е полна со Европа, но забораваат дека вратата на Европа нема да се отвори на 1 октомври 2018, ниту 2028. А, за тој долг и макотрпен пат за кој го спремаат граѓанството пред сè е потребна сплотеност и заедничка желба да се тргне на пат. Европа нема секое утро да оди по поделените улици на нашата татковина и да ги гледа оние и овие или овие и оние како вртат глава едни од други. Европа нема да се мисли секој месец како да скрпи крај со крај. Европа нема да се гуши во смог и ѓубре. Европа нема да тоне во својата секојдневна мизерија на опстојување.

Европа, од која и ние сме дел патем, географски само, е една исклучително комплексна политичка, економска и институционална машинерија за која сметам дека досега ниту еден политички естаблишмент во изминатите 27 години не покажа вистинско разбирање и капацитет за да ја поведе Македонија обединета на европскиот пат. Спротивно, ако во изминатата декада антиквизацијата беше процес на ребрендирање на Македонците и нова духовна храна за многуте гладни стомаци, сега тоа е европеизацијата на Македонците, на истите оние духовно и телесно гладни.

Моите размислувања немаат за цел да ги дискредитираат ни овие ни оние, ниту пак оние или овие, ниту едните ниту другите не се некои други, туку истите тие што беа предмет на антиквизација, па со гигантски повеќе-цивилизациски скок се префрлија во ерата на европеизација. Напротив, мислам дека и овие и оние имаат право да размислуваат овака или онака и да одлучат како им е по воља да го поминат денот пред 1 октомври. Но, политичкиот естаблишмент е тој кој е одговорен да се погрижи за сите, и за овие и за оние пред да навлезе во овие сериозни ново-цивилизациски текови за Македонија кои сигурно ќе наидат на отпор кај многу од оние кои до пред една година можеби и беа поголеми еврофили од самите европејци.

Можеме сега да шпекулираме до бесконечност во граматички кондиоционал како ќе биде/би била нашата татковина после денот на влез во Европската Унија со сите суперлативи, но тоа е само кондиционал што ќе рече идно условено време кое зависи од сите нас заедно вклучувајќи ги тука и оние и овие, но подеднакво и од самата Европа.

Досега ниту една политичка гарнитура во Македонија не покажа капацитет за стратешко водење на државата во гео-политички контекст. Напротив направивме многу кратковиди потези меѓу кои и оние кои во 2001 лесно можеа да се завршат со граѓанска војна, а сега речиси истите тие се обидуваат да ја исцртаат иднината на Македонија, но и на Европа за повеќе од една декада. Мислам дека во оваа политичка авантура се втурнаа со преголема доза на пост-изборен адреналин после 11 години на политичка кома без да размислат за еден миг каде е целта која толку силно ја посакуваат.

Изнаоѓање на решение за спорот околу нашето име со Грција е неминовност за која сите се согласуваат, и овие и оние, но секако временската рамка за имплементација на договореното е сосема неиздржана и ризична за Македонија. Несомнено е дека за постигнување на каков било договор со Грција посредувањето на Европа беше фундаментално, особено со „случајната“ посета на Јункер во Атина кога Туск беше во Скопје и непосредната одлука на Брисел да им отпише уште една рата од должничкиот спор меѓу Брисел и Атина. Залогот на Брисел на конто на Македонија е огромен и без оваа интервенција спорот веројатно дека сѐ уште ќе беше спор, а не договор и секако дека треба да се поздрави иницијативата која је презеде оваа Влада во заокружување на оваа долго отворена страница. Но, со вака силна поддршка која ја добија од Брисел и со несомнено сериозните компромиси кои се вклучени во договорот на сметка на македонското достоинство, пред сѐ, времето за имплементација на договорот сигурно не рефлектира политички капацитет и зрелост за стратешко водење на државата, туку миопија низ призмата на брзо политичко поентирање.

За жал и на овие и на оние, Македонија после оваа авантура нема каде да се врати со оглед на огромниот влог кој го даде Европа и единствен пат по кој треба да тргне, конечно, е пат на внатрешно реформирање и интра-етничко помирување и обединување.

Европо, почекај нé, кај и да сме, доаѓаме!

Наташа Мартинс

(Авторката е Македонка која живее и работи во Брисел, познавач на политиките на проширување и интеграција на ЕУ и состојбите на Западниот Балкан)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

повеќе

Лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе јавно, на прес конференција, заедно со сите пратеници, и да објават прекин на секакво понатамошно учество во дискусија на собраниската седница.

повеќе

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе