Европа е непријател сама на себе во Украина

Откако Русија го нападна својот сосед на 24 февруари, таа доби повеќе од 50 милијарди евра од Европа, што е повеќе од десет пати повеќе од она што Западот ѝ го обезбеди на Украина во пари и во опрема. Ниту еден Европеец со здрав ум не треба да сака и понатаму продолжи да ја финансира војната на Путин.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров неодамна го обвини Западот за водење на прокси војна во Украина. Ова е неточно и погрешно. Всушност, Западот ги поддржува двете страни од овој конфликт – при што Русија е убедливо најголемиот корисник. Откако ја започна инвазијата, Русија доби повеќе од 50 милијарди евра (52,7 милијарди долари) од Европа, што е повеќе од десет пати од она што Западот ѝ го обезбеди на Украина во пари и опрема.

Европа води војна против самата себе во Украина, а единствениот начин истата да ја прекине е веднаш да го запре целиот увоз на нафта од Русија за период од најмалку 45 дена, а можеби и подолго, и да дозволи таквиот увоз да продолжи само во рамки на соодветно структуриран систем на санкции кој ќе подразбира строги ограничувања. Членките на Меѓународната агенција за енергетика имаат околу 1,5 милијарди барели резерви на гориво за вонредни ситуации – што е повеќе од доволно за управување со транзитниот период.

Главен проблем, се разбира, е тоа што некои земји од Европската унија станаа многу зависни од руското гориво. Европа купува од Русија во просек околу 2,3 милиони барели нафта секој ден. Неколку земји од ЕУ, исто така, купуваат голем дел од своите потреби од природен гас од Русија. Во таа смисла, кога Русија ја нападна Украина на 24 февруари, некои земји од ЕУ ги кренаа рацете и рекоа - не можеме ништо да направиме во врска со рускиот извоз на енергенси. Според Центарот за истражување на енергетиката и чистиот воздух, инаку истражувачка група од Финска, рускиот приход од извозот на фосилни горива можеби дури и се удвоил во периодот од почетокот на инвазија.

Два месеци подоцна, во ЕУ сè повеќе се констатира дека да се продолжи со финансирањето на воената машинерија на рускиот претседател Владимир Путин е лоша економија и уште полоша политика - а единствениот пат како понатаму се строгите санкции врз нафтата и гасот. До ваквата констатација Европејците дојдоа во неколку фази.

Веднаш по инвазијата, некои земји од ЕУ – особено ФинскаШведска и Данска (секоја до различен степен) одлучија да престанат да купуваат руска нафта и да се префрлат на алтернативни добавувачи на овој производ. Во исто време, компаниите во тие земји одлучија целосно да се тргнат настрана од трговијата со нафта преку море со Русија. Ефектот врз економската активност во овие земји беше мал, бидејќи тие никогаш не дозволиле да станат мошне зависни од снабдувањето со енергенси од Русија.

Понатаму, откако руските сили беа принудени да се повлечат од областа околу Киев, стана јасно дека извршиле ужасни ѕверства во градовите што ги окупирале. Уште од самиот почеток требаше да биде јасно дека Европа се соочува со големо зло, но по настаните во Буча, насочениот напад врз семејства на железничката станица Краматорск и континуираните неселективни масакрирања на цивилите во Мариупол, Харков, Чернихив и други градови, очигледно е дека бегство од оваа реалност нема.

Секоја сугестија дека екстремното зло може да биде запрено со нула цена е илузија секогаш и секаде. Разбирањето на оваа поента ги смени ставовите во Германија и на други места на начин кој заслужува да биде поздравен. Сега, ЕУ ембаргото на нафта веќе се чини дека ќе биде неизбежно. Но, Европа не смее да застане тука.

Путин сака да ја врати Европа во онаа брутална геополитика што ја дефинираше Европа во периодот до 1945 година, а својот регресивен проект тој може да го финансира само со продажба на фосилни горива токму на земјите кои имаат став спротивен на неговата стратегија. ЕУ може да го спречи во тоа, со одбивање веднаш да се купува нафта, со постепено елиминирање на набавките на гас и забрана на европските бродови да увезуваат руска нафта, вклучително и со наметнување санкции на осигурителните и на сите други релевантни финансиски услуги (како што беше предложено во последниов период од страна на Мартин Сандбу и Џилијан Тет од Фајненшл Тајмс).

Европските фирми веќе претрпеа сериозна штета на угледот поради нивното континуирана инволвираност со руската нафта, делумно затоа што сите танкери се следат толку внимателно. Шел и БП неодамна посочија дека повеќе нема да купуваат руска нафта, колку и да е тоа добро замаскирано. Фирмите кои тргуваат со нафта а кои одиграа важна улога во поддршката на Русија, исто така велат дека излегуваат од оваа игра.

Минатата недела Русија почна да се санкционира самата себеси, прекинувајќи ја испораката на гас на Полска и Бугарија, наводно затоа што овие „непријателски“ земји нема да ѝ плаќаат на Русија во рубљи. Но, самото барање за исплата во рубљи е обид за прекршување на договорот од страна на Путин, кој очајно сака да ја поткрепи вредноста на рубљата.

Вистинското прашање сега е што следно ќе прави Европа. Дали стариот континент повторно ќе биде заложник на човек кој е подготвен да убие илјадници, а можеби и милиони луѓе? Или ќе стори сè што е потребно за да ги одржи цивилизираната воздржаност, економскиот просперитет и посветеноста на владеењето на правото, кои се темели на речиси осум децении мир?

Во изминативе неколку дена, некои европски компании посочија дека можеби се подготвени да плаќаат за рускиот гас во рубљи, иако Европската комисија вели дека тоа е нелегално. На повидок е голема политичка пресметка, и тоа меѓу Комисијата и компаниите, а можеби и меѓу државите, за тоа колку време ќе биде потребно за да се откаже рускиот гас. Но, ниту еден Европеец со здрав ум не треба да сака да продолжи да ја финансира војната на Путин против Украина. За добро или лошо, иднината на Европа е таму.

 

Сајмон Џонсон

(Авторот е поранешен главен економист во Меѓународниот монетарен фонд, професор на Слоун факултетот за менаџмент на МИТ и копретседавач на Алијансата за политики за ковид-19. Заедно со Џонатан Грубер, тој е коавтор на „Рестартирање на Америка: Како напредната наука може да го оживее економскиот раст и американскиот сон".)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе