Eтнички идентитет во личните карти за биетнички апартхејд

 Ваквото етничко обележување на граѓаните ќе ја зголеми и така големата нееднаквост во општеството.

Деновиве јавноста во Македонија повторно се вознемирува со една мултикултуралистичка тема, овој пат со предлог законот за измена и дополнување на Законот за лични карти, поднесен од пратениците Бастри Бајрами, Кастриот Реџепи, Билал Касами и Фадил Зендели, со кој се предвидува во личните карти да се внесе и етничката припадност на граѓаните.

Владата на Република Северна Македонија со мислењето бр. 44.5-12736/1-20 од 9 февруари 2021 дава негативно мислење, односно му предложи на Собранието да не го донесе предлог законот, меѓутоа, координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата Јован Митрески, веднаш потоа изјавува дека владејачкото мнозинство ќе го поддржат предлогот на пратениците на Беса и дека веќе се разговарало за техничките можности за примена на предлог измените. На тоа се спротивставија некои пратеници од коалицијата, пред се тие од ДОМ и Демократскиот сојуз, но ВМРО-ДПМНЕ изјави дека и тие ги поддржуваат предлог измените на Законот за лична карта, ако се избрише членот 6 од Законот со кој се предвидува да се стави новото уставно име во личните карти. Пратениците на Левица, со над 1.200 амандмани на познатиот начин „филибастеринг“ ќе го блокира донесувањето на овој предлог и најверојатно во наредните денови ќе гледаме читање на поезија и одбрани дела на некој поет и писател во собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.

Тоа што мене ме загрижува е дека за жал сѐ уште имаме луѓе и политичари кои размислуваат примордијачистички и што не можат да направат разлика што е тоа приватна сфера, а што е тоа јавна сфера. Личната карта како прво не е приватен, туку јавен документ, што привремено се дава на лицето за да можат институциите и со закон утврдените јавни и приватни правни лица до го идентификуваат. Податоците од личната карта, особено матичниот број се и со закон заштитени. Етничкиот идентитет е приватна и субјективна категорија. Уживањето на некои колективни права е сосема друга проблематика, но и тие поаѓаат од основните индивидуални човекови права.

Се знае дека една личност во исто време има неколку идентитети - личен, семеен, родов, професионален, генерациски, јазичен, културен, религиозен, етнички, национален, субнационален, регионален, глобален и уште многу други јавни и тајни идентитети (на пример припадни(ч)к(а) на некои масонски ложи, редови и сл.).

Ниту еден идентитет денес (а и во минатото) не е непроменлив, вклучително и етничкиот. Човекот може да си избере и да го променува кој било идентитет кога и да посака. Дури и тоа што изгледаше невозможно, половиот идентитет, по желба на поединецот со операција денес се менува. Сведоци сме дека етничкиот идентитет е прилично флуктуирачки не само кај нас, туку низ целиот свет. Етничките граници веќе не се така тврди и непропустливи, а има луѓе со двоен, троен и повеќеслоен етнички идентитет, како последица на мешаните бракови, миграциите и другите процеси на современото живеење.

Воведувањето на етничката припадност во личните карти некои го коментираат како развој на мултикултурализмот и правото на луѓето да си го изјаснуваат својот етнички идентитет и како чин на гордост на припадност. Предлагачите на предлог- законот во дебатите велат дека тоа би било врз доброволна основа и дека кој не сака не мора да ја внесе својата етничка припадност во личната карта! Меѓутоа, во законското решение, таков механизам на доброволност не постои, туку напротив, во членот 5 став 2, каде покрај другите обврзителни податоци на граѓанинот како име и презиме, државјанство, датум на раѓање, адреса на живее, матичен број ОБАВЕЗНО ќе стои и етничката припадност.

Имајќи го во предвид дека нашиот политички систем и легислатива ја афирмира етничката поделба и нееднаквоста на сите граѓани врз основа на етничката припадност, ваквото етничко обележување на граѓаните ќе ја зголеми и така големата нееднкавост во општеството. Со тоа на мала врата во Македонија ќе се воведе и етничкиот апартхејд. Биетничкиот котел, кој подолго време ја топи „македонската салата“, со воведувањето на етничкиот идентитет во личните карти, ќе стане „парна машина“ за биетнички апартхејд во Македонија. Без изјасната и впишана соодветна етничка припадност во личните карти граѓанинот не ќе може да се вработи под еднакви услови, не ќе може да влегува во одредени дискотеки, базени, молови... Тоа барем се покажа во минатото дека нашето општество е ранливо на такви појави и „непишани закони“. Само што сега дискриминаторите ќе имаат уште една ефикасна алатка за дискриминација.

А дека идејата на предлагачите е на „мала врата“ да се инсталира апрахејдот во Северна Македонија, покажува тоа дека во образложението на предлог-законот запишале дека право етнички да се изјаснат во личните карти би имале етничките заедници „предвидени во Уставот на Република Северна Македонија“! Кој аматеризам! Како прво, во Уставот на Република Северна Македонија не постои одредба „заедници предвидени со Уставот“. Единствено што постои во таа смисла е дека некои „делови од народи“ (не етнички заедници) се споменуваат во преамбулата на Уставот, но при споменувањето реченицата завршува со „и другите“. Тоа „и другите“ значи инклузија, а не исклучување! Сврзникот „и“ („dhe”, “and”) секаде значи приклучување, спојување, а не исклучување и дискриминација. Впрочем со какво право некој пратеник му забранува на еден Хрват, Црногорец, Египќанец, Торбеш, Словенец, Русин, Бугар, Грк, Маџар, Пољак, Ерменец, Украинец, Евреин во Северна Македонија да го нема тоа право да си ја искаже етничката припадност во личната карта, ако тоа право го имаат Македонките, Албанките, Турчинките, Српкињите, Ромките, Влаиинките и Бошњакините во Република Северна Македонија?!

Господа пратеници предлагачи на предлог законот, мултикултуралистичките теории и меѓународните конвенции за заштита на човековите и малцинските права како прв принцип им е дека мора да се почитува еднаквоста пред законите. Уште еднаш се покажува дека ние сме едниствена земја и општество во светот што како основ за дискриминација ни служи Преамбулата на Уставот!

Не господа, NO PASARAN! Извините, но ние припаѓаме во западната цивилизација и нашата земја е полноправна членка на НАТО!

                                                                        Д-р Рубин Земон, универзитетски професор

                                               

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе