ЕНЕР - конечно во функција на јавно-приватниот дијалог

Измените на Законот за игри на среќа, но и на Законот за работни односи, кој моментално е поставен на ЕНЕР со огромен број коментари, конечно докажаа дека е тој вистинската алатка што веќе ја препознаат компаниите и бизнис-заедницата.

Сигурно на јавноста не ѝ е познато што е тоа ЕНЕР. Меѓутоа, за нас има огромно значење бидејќи тоа беше барање на бизнисот, во функција на подобрување на јавно-приватниот дијалог. Помина многу време на падови и подеми на неговото користење, но деновиве доживува експанзија.

ЕНЕР е воведен во 2009 година, но поради проблеми во функционирањето, во меѓувреме, се спроведени неколку надградба, со цел засегнатите страни да добијат корисна и практична алатка за нивно континуирано учество во процесите на донесување на регулативата.

Можност да го користат Единствениот национален електронски регистар на прописи имаа сите правни, но и физички лица, со цел поттикнување дискусии, предлози и содржини, кои квалитативно може да влијаат врз донесувањето на законските решенија.

 

 

Изминатата недела имав разговори со Групацијата на спортски обложувалници во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија и со Асоцијацијата на спортcки обложувалници на Македонија, по што почувствував потреба да ја информирам јавноста.  

Прво, во услови на пазарна економија и на активни лиценци за работа, издадени од Министерството за финансии, измените на Законот кои водат кон ограничувања на работата на компаниите и до затворање на над 90 % од продажните места на спортските обложувалници, се порака за правна несигурност, т.е. за менување на правилата на игра во средина на натпреварот.  

Затворање на објектите ќе значи сериозен пад на приходите во буџетот, по сите основи според кои спортските обложувалници придонесуваат во државната каса. Со овој закон свесно или несвесно се отвора пат за црн пазар, диви обложувалници, небезбедно играње и за сива економија.

Во услови на економска криза, кога стопанството работи со преполовени капацитети и со скратено работно време поради мерките за ковид-19, ваквите експерименти се недозволиви и може да бидат многу опасни за домашната економија и за вработувањата, особено што станува збор за дејност во која компаниите редовно ги плаќаат давачките, а немаат проблеми ниту со почитувањето на законот.

Второ, во Европската Унија каде што постои вакво законско решение не постои физичко растојание меѓу објектите на спортските обложувалнци и образовните институции, а ниту една студија не докажала дека таа има некаков ефект врз навиките на играње.

Спортските обложувалници се за разумно покачување на даноците, заштита на играчите, зголемување на казните и за голем број други измени, со кои може да се унапреди Законот за игрите на среќа по европски терк и според докажано ефикасни модели на регулација.

Трето, со измените на Законот треба да се изедначи рокот на издавање лиценци на сите приредувачи на игри на среќа на 6 години. Ако се прифати тоа, не е спорен предложениот износ (5.000 евра) како нова давачка што ќе треба да се плаќа за секое ново отворено уплатно место (над предвидените 25 со лиценцата). Така ќе се има и поголема видливост и планирање на буџетските средства најмалку на среден рок.

Четврто, се поздравува предлогот за виртуелно обложување, кој е прифатлив, со забелешка за намалување на предвидените 300 на 100 вработени и со дообјаснување на износот од 10 милиони евра приход како услов за лиценцата.

Аргументите на бизнисот контра предлогот на Владата се во насока на продолжување со работа на дејноста од која директно живеат околу 3.500 вработени во спортските обложувалници. Овие компании покажаа и дека знаат и можат да работат во согласност со сите поставени протоколи и препораки во услови на кризата со ковид-19, а континуиран со години наназад се потврдени како општествено одговорни деловни субјекти со донации во опрема, средства, а во услови на Корона кризата и во помош за болниците и за објектите на кои им е потребна.

П.С. Ги повикувам сите компании, наши членки, активно и слободно да ги изразуваат своите мислења на ЕНЕР, затоа што тој е создаден за тоа, а денес е повеќе од потребно, во услови на криза, да се користи на максимален начин. Доколку на компаниите им треба помош, Стопанската комора на Северна Македонија ќе им помогне во методологијата на неговата примена. Стручната служба на Комората ќе организира едукации за корисноста и за користењето на ЕНЕР за да се зголеми неговата функција.

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе