Економскиот раст и развој во стапицата на медиокритетската средина

Македонија сѐ повеќе заглавува во сиромаштија чија стапка изнесува скоро 22 отсто од вкупното население, речиси една третина од децата живеат во сиромаштија.

Загрижува што и новата Влада продолжува со програма за економски раст која е палијативна, ги следи стратешките трендови на државно субвенциониран раст од парадигмата на претходната Влада и не ги адресира вистинските проблеми за креирање на амбиент за ефикасна пазарна економија.

 

Подолг временски период носителите на политики во Република Македонија водат импотентна „дебата“ за економскиот раст и за „столбовите на раст“ на државата, со што го фетишизираат растот на Бруто домашниот производ (БДП) и го губат фокусот за целите на развојот на државата. Оваа „фетиш-дебата“ е всушност плодна почва за политичките елити за кои продажбата на краткорочниот фетишизиран економски раст на нивните клиенти и гласачи всушност не само што не им носи ништо добро на долг рок на граѓаните на Република Македонија туку го подјадува и долгорочниот развој на државата.

Во тој контекст, Македонија сѐ повеќе заглавува во сиромаштија чија стапка изнесува скоро 22 отсто од вкупното население, речиси една третина од децата живеат во сиромаштија, а тоа го нарушува нивниот здрав развој и пристапот до квалитетно образование, јазот на нееднаквоста се шири, младите се со највисока стапка на невработеност и затоа најчесто одлучуваат да ја напуштат земјата. Поради тоа, сметаме дека Владата треба да ја прилагоди својата агенда од економски раст кон реалните потреби на граѓаните за поквалитетен живот, среќа и задоволство од животот.

Конвергенција наспроти медиокритетска средина

Република Македонија долг временски период, уште од времето на поранешна Југославија, е средно развиена земја. Во 80-тите и 90-тите години на минатиот век Југославија била средно развиена земја со околу 4.000 американски долари по глава на жител. Но Македонија и денес е средно развиена земја со околу 5.000 американски долари по глава на жител. Важно е да се забележи дека ние овде не зборуваме за конвергенцијата на приходот по глава на жител на Македонија кон оној на развиените земји туку за нејзината заглавеност во замката на медиокритетската средина.

Конвергенцијата е феномен кој служи за анализа на долгорочните трендови на економскиот раст на земјите. На пример, Република Македонија не може да се пофали дека нејзините политички елити ја поставиле земјата на вистинска патека на долгорочен развој после осамостојувањето. Имено, од 1952 до 2010 година, таа е со најнизок БДП по глава на жител (освен Босна и Херцеговина) споредена со избрани земји како што е илустрирано на следниот графикон.

  БДП по глава на жител од 1952-2010 за Македонија и избрани земји

Но, теоријата на конвергенција изгледа како да не може да се имплементира за Република Македонија бидејќи нејзиниот БДП по глава на жител спореден со БДП по глава на жител за избрани развиени земји е со растечки јаз подолг временски период, како што е илустрирано на наредниот графикон. Имено, општиот политички амбиент кој водеше кон неинвестирањето на потребно ниво воопшто во капитални проекти во Македонија како и инвестирањето во последната декада во капитални проекти кои имаа негативни мултипликатори беа главните причини за дивергенција наместо конвергенција со поразвиените економии.

БДП по глава на жител од 1952-2010 година за Македонија и избрани развиени земји  

Резултати од немањето на политички консензус за економската иднина на Македонија

Македонија е заробена во медиокритетска средина затоа што повеќе децении е средно развиена земја. Како таква, стеснето и е полето за конкурентна предност како пред помалку развиените земји така и пред повеќе развиените земји.

 

Таа на помалку развиените земји би можела да им конкурира со пониски плати, но таквата конкурентна предност е веќе исцрпена со претходната политичка елита преку промоцијата на Македонија како земја со „најефтина работна сила“, што не вроди со постигнување на високи резултати. Македонија, исто така, е растргната од неуспешните политики од претходната политичка елита и нејзините стратешки определби. Имено, како земја аспирант за членство во ЕУ, Македонија стратешки е определена да се развива како земја која ќе почива на знаење, иновативност и услуги и производи со повисока додадена вредност, а таквата стратешка определба е тешко дури и контрадикторно да се имплементира со ниско платена работна сила и со образование кое не ги задоволува потребите на пазарите. Оттука, тешко е за Македонија да постигне повисока стапка на економски раст и развој од помалку развиените земји со тоа што ќе им конкурира со пониски плати за работната сила и поради тоа што ценовната конкурентна предност базирана на ниски плати, даночни олеснувања и субвенциониран раст што се заснова на задолжување се веќе исцрпени, а не вродија со солидни економски резултати.

 

Од друга страна, пак, капиталните средства и инфраструктурата на државата се амортизирани и бараат високи капитални инвестиции и странски директни инвестиции (СДИ), кои ќе бидат привлечени од владеење на правото, контрола на корупцијата и отчетноста на политичарите, за да може да им конкурираме на поразвиените економии. Политичарите треба да бидат загрижени од ваквото ниско ниво на квалитет на инфраструктурата и оскудни СДИ, кои се привлечени со државни субвенции, во споредба со другите земји во регионот и нивните СДИ. Особено загрижува што новата Влада продолжува со палијативна програма за економски раст која ги следи стратешките трендови на државно субвенциониран раст од парадигмата на претходната Влада и не ги адресира вистинските проблеми за креирање на амбиент за ефикасна пазарна економија. Уште во самиот наслов на Планот за економски раст на Владата, таа се заложува за економски раст, а не за економски развој. Планот не се темели на анализа на проблемите туку на интуитивен збир на барања на бизнис секторот, но не и на потребите на граѓаните на Република Македонија.

Како понатаму?

Она што може да се направи е да се напушти парадигмата на субвенциониран економски раст и да се ослободат пазарите од државна интервенција. Владата треба да креира амбиент за економски развој, а не да вработува и да креира работни места. Тоа не е улогата на една влада во парламентарна демократија и во ефикасен пазарен систем. Регулаторните тела да ги регулираат пазарите и да се ослободат од политички притисок. Даночниот систем треба да биде едноставен без ослободувања и да не креира преферирани категории на субјекти. Образовниот систем треба да биде поддршка на економските субјекти. Јавните финансии и администрацијата треба да ја зголемат својата ефикасност на работење. Државата треба да помогне и да преферира иновативност како и имитација на производи и услуги со повисока додадена вредност кои се развивани од поразвиените економии. На тој начин се доаѓа и до повисоки плати и поквалитетен живот. Само со посветеност кон натпревар со поразвиените ќе почне да се менува перцепцијата за инвестирање кон повисоки технологии и преферирање на знаење и вештини кои ги бараат пазарот и економските субјекти. Повисоката технологија води кон производи и услуги со повисока додадена вредност, а не административното зголемување на платите. Со посветеност кон конкурирање со поразвиените ќе се утврди дека одржливоста на СДИ не е во ценовните предности (ниски плати, даноци и субвенции) туку дека се во доброто владеење, почитување на правото, недискриминацијата, контролата на корупцијата, отчетноста.

 

Патот кон иновации и вештини не може да се изоди со административна заложба за висока стапка на запишување на студенти и со упросечување на знаењата туку со квалитет на образованието.

 

На краток и среден рок треба да се даде фокус кон зголемување на ефикасноста на капиталните расходи во инфраструктурата. Потоа, сите оние точки каде граѓаните и економските субјекти имаат контакт со државата треба да бидат автоматизирани и дигитализирани. Граѓанинот и економските субјекти не ги интересира административната процедура. Тие за тоа гајле веќе имаат платено данок, а и во 21 век е малку непримерно за земја аспирант на клуб на земји каде иновацијата е движечка сила да се занимава со документи во хартија и долги административни процедури. Законите треба да креираат амбиент за економски развој и да регулираат пазари, а не да акомодираат доминантни играчи на пазарот.

доц. д-р Марјан Николов

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе

Подгорица во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито.

повеќе

Mоменталната правна поставеност на урбанистичкото планирање не обезбедува соодветна судска заштита на граѓаните.

повеќе