Економска криза 2020 - колку сме подготвени

Овозможувањето континуитет на стопанството треба да биде на прво место во агендата на Владата, бидејќи закрепнувањето на економијата ќе дојде токму од приватниот сектор.

Во моментов целиот свет се соочува со пандемијата предизвикана од корона вирусот, која сериозно го загрозува здравјето и благосостојбата на човекот. Како што се предвидува, вонредната состојба предизвикана од вирусот во Европа и светот ќе продолжи со сигурност и до средината на мај 2020 година. Несомнено крајот на борбата против вирусот сѐ уште не почнал. Со сигурност можеме да речеме дека, покрај сериозното нарушување на здравјето, човекот ќе треба да се соочи и со економска криза која ќе ја предизвика оваа пандемија, а чиишто последици ќе почнеме да ги чувствуваме во најскоро време. Со оглед на тоа што имаме веќе рецесија во многу држави, едно е сигурно – неминовна е светска економска криза. Токму поради тоа, сосема логично е нашата држава и Влада навреме да реагираат и да се обидат да го ублажат таквиот удар, кој пред сѐ директно ќе го погоди македонското приватно стопанство. Приоритет на секоја држава во вакви услови е да се обиде производството, ликвидноста на средствата, движењето на капиталот и размената на добра и услуги да не забави, а најмногу од сѐ, да не сопре.

Државата постои за да ги одбрани природните човекови права и слободи, а во време на криза со каква што се соочуваме во моментот, токму тоа и треба да го стори. Овозможувањето континуитет на стопанството треба да биде на прво место во агендата на Владата, бидејќи закрепнувањето на економијата ќе дојде токму од приватниот сектор. Економската криза која почнува во 2020 година, ќе биде анализирана по нејзиниот завршеток, а најдобрите оценки ќе ги добијат оние општества кои ќе успеат најдобро да се справат со уште пооскудните ресурси предизвикани од кризата. Како што воведувањето здравствени мерки е од круцијална важност во време на пандемија, така е од круцијална важност е и воведувањето економски мерки кога се очекува удар врз економијата.

Од овие причини би сакал да наведам одредени економски и даночни мерки (некои од нив можеби веќе се или наскоро ќе бидат воведени од страна на нашата Влада), што со сигурност би помогнале во справувањето со кризата и во справувањето со буџетскиот дефицит, а тоа би биле мерки чие воведување е итно и задолжително.

Постои потреба и од планирање и воведување мерки кои би го намалиле очекуваното прекумерно задолжување на државата, кое е исто така од исклучителна важност, бидејќи по надминувањето на економската криза, владините задолжувања ќе ги плаќаат граѓаните.

Економски мерки кои би требало веднаш да се воведат пред официјалниот почеток на кризата

Непосредно исплаќање на државните и институционалните долгови кон сите бизниси. Тоа ќе овозможи бизнисите да располагаат со повеќе средства, а со тоа и подобро да се справат со кризата што следи.

Целосно даночно ослободување и ослободување од други јавни давачки и од социјални придонеси за вработените во период од шест месеци, односно од април до септември 2020 година, за сите компании од трите најпогодени сектора: туризам, транспорт и угостителство.

Целосно даночно ослободување и ослободување од други јавни давачки како и од задолжителните социјални придонеси за сите вработени во микро претпријатијата (до десет вработени) од април до септември 2020 година, доколку во претпријатието нема отпуштања на вработените од месец март.

За малите и средните претпријатија (до 250 вработени) кои не се од секторите туризам, транспорт и угостителство, државна помош во висина од 50% од вкупниот трошок при плаќањето на задолжителните социјални придонеси за сите вработени (на пр. пензиско и здравствено осигурување) од април до септември 2020 година, доколку во претпријатието нема отпуштања на вработените од месец март.

Укинување на царините за увоз и извоз на производи кои се неопходни во борбата против корона вирусот (лекови, средства за хигиена, итн.) и други неопходни производи (на пр. основни животни намирници). За сите останати производи намалување на царините за 50 % во времетрање од една година.

Укинување на ДДВ на сите производи и услуги кои се неопходни во борбата против корона вирусот (лекови, средства за хигиена, струја и вода за домовите и сл.) и други производи, (на пр. основни животни намирници и безалкохолни пијалаци). За сите останати производи намалување на постоечкото ДДВ за 50% во времетрање од една година.

Одложување на плаќањето на ратите за кредитите на граѓаните и компаниите, во договор со банкарскиот сектор, во наредните шест месеци, односно од април до септември 2020 година.

Суспендирање на исплаќањето субвенции до синдикатите, деловните организации, политичките партии и здруженијата на граѓани или субјектите чија активност не е трговска по природа и не е директно поврзана со поттикнувањето на вработеноста во земјата, здравството, безбедноста на граѓаните, храната или сместувањето на оние кои имаат најмногу потреба.

Пренасочување на средствата наменети за промоција и рекламирање на јавните институции, државата и сите локални самоуправи кон борбата против ковид-19.

Укинување на патните трошоци на сите јавни функционери. Под јавни функционери се подразбираат: пратениците во Собранието, директорите на јавните претпријатија, државните инспекторати, градоначалниците, министрите, обвинителите и правобранителите. Во буџетот на државата за 2020 година донесен на 23 декември 2019, се гледа дека средствата предвидени за патни и дневни расходи се повеќе од 54% поголеми за 2020 година (кои изнесуваат околу 15 милиони евра) во споредба со 2019 од основен буџет (околу 9,6 милиони евра). Ова е речиси недозволиво дури во нормални околности, а да не говориме во време на економска криза. Ребалансот на буџетот за 2020 година, кој треба да се случи наскоро, би требало да подразбира драстично намалување на овие трошоци во споредба со оние од 2019 година.

Замрзнување на сите нови вработувања во јавниот сектор, освен во здравството на период од најмалку две години.

Намалување на платите за 15% на сите државни службеници кои не одат на работа од месец април сѐ до нивното враќање на работното место. За државните службеници кои не одат на работа, а нивната плата изнесува над 40.000 денари нето плата, намалување на платата за 20% од нивната редовна месечна заработувачка.

Овие мерки се преземаат бидејќи приватниот сектор е тој којшто најмногу ќе претрпи последици од економската криза, затоа неопходно е со намалувањето на трошоците за јавната администрација да се избалансира падот на буџетските средства.

Замрзнување на сите непочнати капитални проекти кои не се однесуваат директно на борбата против корона вирусот до крајот на тековната година. Во време кога се предвидува економска криза, приоритетни се здравјето на граѓаните и здравјето на стопанството.

Економски мерки по завршувањето на вонредната состојба, а додека трае економската криза предизвикана од корона вирусот

Воведување мерки за олеснување на отпочнувањето нови бизниси, како на пример: намалување на даночните обврски во привте шест месеци за сите нови фирми, намалување на регулации итн.

Намалување на данокот на добивка на 5% од досегашните 10% за сите компании во времетрање од една година.

Целосно дигитализирање на сите јавни институции каде тоа е можно (на пр. образовни и здравствени), со цел да се намалат административните трошоци и други трошоци за спроведувањето на нивната дејност.

Приватизација на државните институции кои покажуваат загуби и се наоѓаат во лоша финансиска положба, со цел избегнување дополнителни трошоци без остварени резултати и општествена придобивка.

Стратегијата за спречување на последиците од економската криза треба да почне пред таа да кулминира, во спротивно сѐ ќе биде залудно. Од соодносот помеѓу приватниот и државниот сектор произлегува дека во време на раст и добробит приватниот сектор е тој кој го храни државниот буџет, па затоа во време на криза се подразбира државната администрација и органи да се откажат од одредени привилегии кои ги уживаат и на своја сметка да придонесат во зачувувањето на економијата и приватниот сектор во државата.

Во овој момент од суштинска важност е државните власти колку што е можно побрзо да се организираат за преземање мерки за спречување на општествен колапс. Доколку не се спроведат најсоодветните мерки да се спречи силниот економски удар врз македонското стопанство, стравувам дека во блиска иднина властите под економски и политички притисок ќе почнат да спроведуваат популистички економски и социјални мерки, кои не само што нема да помогнат туку и ќе ја одолговлечат кризата, која, како и секогаш, најмногу ќе ги погоди, недолжните претприемачи и чесните работници.

                                                                                   

Александар Богоевски

(Авторот на е дипломиран економист на Технолошкиот институт во Илиноис, САД со работно искуство како финансиски советник и аналитичар во DXC Technology и IBM.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе