Колумна

Едно искуство: „Што може да биде и наше и нивно?“

Сега, додека балканскиве политичари ќе шетаат низ духовноста како волови во свила - каде им се врвните интелектуалци што би внеле елеганција во совладување на споровите?

Чив е Никола Вапцаров?

Кога си задоцнил да се избориш за своја држава заедно со своите соседи, тешко ќе ти биде да ги зачуваш своите базни вредности. И во сферите на духовноста и во својата целовитост. Доколку бидеме нестручни и лесноумни, може да си останеме со прстите в уста. Зевзеци.

Особено тука, на ридестиот Балкан, каде на сите им е тесно и секој би сакал да се прошири, да ги пружи нозете повеќе од чергата. Затоа светот го запомнил Балканот како простор со етнички тензии, речиси геноцидна омраза кон соседот.

Дури и во Африка (во Каиро) ќе најдеш доказ за тоа. Кога отидов да го видам Нагиб Махвуз, идниот Нобеловец, пред 37 години, овој мудар романсиер не заборави да ме одведе на кафе во еден сокак со поглед на Цитаделата. Ме праша: „Дали знаеш како се вика ова место?” Му одговорив: „Се разбира, не”.

„Ова мало брдо се вика Ел Балкан. Овде никој никого не сака”, ми раскажа Нагиб, кој по две години беше преведен и објавен на македонски јазик.

 Нејсе. Кога ние во „Мисла” ја покренавме славната едиција „Матица македонска”, пред близу половина век, имавме света задача да ја исполниме со вредни дела на големи умови од македонско потекло што се одразиле на други јазици и во други култури. Нашиот јазик иако постоел, се користел дома и по пазарите, не бил нормиран во книжевна смисла и особено немал кодови (држава), па затоа сите наши учени луѓе создавале на други јазици.

 Што беше најтешко? Да откриеш кој наш големец оставил некаква трага зад себе дека го боледувал нерешеното македонско прашање и тоа е видливо во неговото творештво, а кој целосно си заминал во друга култура, односно нација. Најблиску до вистината беше да  се напише: „Никола Вапцаров е голем бугарски, македонски и светски поет”. Немавме дилеми за Константин Миладинов. И така натака.

Опинците ги искинавме за да дојдеме до опусот на големиот американски писател од македонско потекло, Стојан Христов. Неразбирливо, тој беше во канџите на големобугарската пропаганда (го застапуваше адвокат на Македонската патриотическа организација). Додека можеше тој не ги даваше авторските права, но кога успеавме да стигнеме лично до Авторот, работите драматично се изменија. Големиот автор не само што се одушеви, туку и дојде за да ја бакне македонската земја. Сите негови преубави дела се наоѓаат во нашите библиотеки.

Немавме проблеми ниту со големиот српски писател од македонско потекло, Анѓелко Крстиќ од Лабуништа, кој умре во Охрид. Неговите потомци од Белград беа презадоволни од гестот. Но, поради она грозно балканско живеење на работ на нервите, се случи инцидент.

Предраг Палавестра „ме растури” во „Савременик”. Како смеам да го сместувам во „Матица македонска” авторот кој лично му се заколнал на српскиот крал? Брзо се разбравме, му беше криво за дезинформацијата. Тоа е тоа.

Кога сакавме да го приопштиме Димитар Талев, бугарски колос од македонско потекло, многу современици ме предупредија да не брзам. Но открив дека неколку години пред да умре, него го посетила делегација што го молела да се изјасни како македонски автор. Тој категорички одбил.

Го поканив во Скопје Владимир Дедиер, познат историчар, водач на таа делегација и го побарав неговото мислење во присуство на Блаже Конески. Заклучокот беше: ако веќе не може да се најде во „Матица македонска”, тој задолжително треба да се најде преведен на современ македонски јазик. Заедно со Иво Андриќ и Мирослав Крлежа, тој ја одбележа својата епоха.

Сакам да прашам: сега, додека балканскиве политичари ќе шетаат низ духовноста како волови во свила - каде им се врвните интелектуалци што би внеле елеганција во совладување на споровите? Не се плашат ли од последиците ако им сторат поголема неправда на своите народи? Има ли смисла Македонците да останат инфериорни и во оваа распределба?

 Божин Павловски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.

повеќе

Нарушени се човековите права и слободи, нема владеење на правото и правосудството, кои треба да бидат основа на процесот.

повеќе

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе