Една година подоцна: пандемија, членство во НАТО и одложен попис

Иако новогодишните честитки во јануари оваа година, беа најчесто за здравје и со желба за „старото нормално“, првите три месеци од 2021 година не навестуваат крупни промени околу тоа кој ќе биде повторно најизговорениот збор и во периодот кој претстои. 

На домашен терен, изминатата пандемиска година ни донесе и заокружување на еден од стратешките приоритети на независната македонска држава - членството на НАТО, но како да не можевме доволно да му се израдуваме на истото.

На 11 март 2020 година, Светската здравствена организација (СЗО) официјално прогласи пандемија со вирусот SARS-CoV-2, колоквијално познат како коронавирус или ковид-19. Ваква турбуленција во сите сфери на живеењето, предизвикана од настан во меѓународното јавно здравство, очигледно, не можеа да предвидат ниту најголемите глобалисти, а можеби ни најдоблесните Нобеловци, добитници на признанието од областа на медицината.

По појавувањето на изолираниот случај од декември 2019 година, првото нешто на кое сведочевме беше тоа што на мошне неславен начин, кинескиот град Вухан стана навистина вирален. Од друга страна, остатокот од светот дури ни во најпесимистичкото тогашно сценарио не се надеваше дека вкупното светско население, безмалку, од 8 милијарди жители, ќе живее и опстојува веќе 12-13 месеци, па и повеќе, со целосно нови околности за битисување. Вирусот, за брзо проширен на сите континенти, на европско тло првите енормни размери ги достигна во Италија. Се разбира, ниту Македонија не остана имуна на ова и оттаму, на 18 март 2020 година Владата поднесе предлог за утврдување на постоење на вонредна состојба. Со ова, почна да се пишува нова македонска правна историја и за прв пат се јави потребата од активирање на уставните одредби за вонредна состојба.

Исто така, на домашен терен, малку подоцна, во третата мартовска декада, поточно на 27 март, 2020 година, Северна Македонија стана полноправна членка на најголемата воено-политичка алијанса во светот - НАТО. Конечното исполнување на една од македонските стратешки определби се случи токму лани, по долги 27 години процес на пристапување. Истото следеше и по едно горко вето од 2008 година во Букурешт, проследено со кочница и лет во место во времетраење од 12 години.

Процесот кој формално го отпочнавме во далечната 1993 година, со усвојувањето на Резолуцијата за пристапување кон НАТО, го завршивме во година на невидена пандемија. Присуството во оваа алијанса, заедно со останатите 29 земји членки, како да има уште поголема симболика при околностите во кои го прославуваме првиот наш роденден таму - годишнина од пристапувањето кон Северноатлантската договорна организација (НАТО).

Безбедносно стабилни, слабо имунизирани

Националната, регионалната и трансатлантската безбедност се еден од постулатите на НАТО сојузот. Во тековните неизвесни пандемиски времиња, кои неспорно се одолжија и траат подолго од било чија претходна претпоставка, важноста една држава да има пријатели и сојузници на надворешен план е огромна. Годината која драстично ги промени и измести од колосек животите на граѓаните, беше и годината во која Северна Македонија стана полноправна НАТО членка. Очекувањата од членството се оправдано високи, но околностите се такви што ниту некој размислува, ниту детално ги анализира придобивките од станувањето членка во најмоќниот воен сојуз. А, истите придобивки се тука и ги има. Иако навидувам не толку „опипливи“, меѓу другото, сепак, се работи за неспорната модернизација на воените центри и армијата, зголемената безбедност на македонското небо и воздушен простор итн.

Од друга страна, напредокот и ефектите на економски план, кои споредбено, не изостанаа кај земјите од нашето опкружување по нивното зачленување во НАТО, во македонскиот контекст ги немаше низ изминатата година. Останува отворено прашањето дали истото се должи на непредвидената пандемија на која не останаа имуни ниту најревносните НАТО членки или и некои други околности одиграа улога. Дополнително, ако пандемијата може да се смета за оправдана причина за отсуството на високи економски показатели, токму таа пандемија можеби и беше основ за земјите сојузнички да се вклучат појасно и директно во залагањето за соодветна распределба на вакцините кои се произведуваат кон сите членки.

Очајноста на луѓето, задолжителните изолации и самоизолации, влезот на вирусот во кругот на семејството и наглиот пораст на смртните случаи, зачинети со траума на која едвај и се наѕира крајот, отвораат многу дилеми. Една од дилемите беше и одржувањето на пописот токму во цутот на пандемијата. Оваа основна статистичка операција и е тоа како потребна за било какво соодветно планирање на политики во нашата држава. Но „гатанката“ беше дали ако се чекало 19 години, може да се почека и уште некој месец за нашето попишување.

Пописот сега е одложен за некои надежно подобри септемвриски денови, меѓутоа во периодот кој му претходеше, често наидував на ставот дека оваа статистичка операција е еден вид на граѓанска должност, па и законска обврска. Да, согласен сум со ова. Притоа, ајде да констатираме и да се согласиме сите дека и здравствената заштита на граѓаните е уставна категорија и обврска, а истата знае да потфрли. Граѓаните секојдневно плаќаат даноци, а преку задолжителните придонеси од своите месечни бруто плати го полнат и солидарниот здравствен фонд. Куриозитет или не, многумина од нас почнаа да се насочуваат и кон двојно осигурување - денес и она доброволното приватно здравствено осигурување зема замав.

(Не)способноста и геополитиката

Тесна е врската помеѓу битката со невидливиот непријател и приоритетите на една држава, но уште потесна е и границата помеѓу (не)способноста и геополитиката. Да се биде вистински државник во ера на нечуена пандемија, не било нималку лесна работа. Првото правило за одговорно практицирање власт е дека нејзините носители не смее, а да не се запрашаат, каде треба да ја исцртаат линијата за тоа до каде оди (гео)политиката, а каде започнува грижата за здравјето на сопствените граѓани.

Немоќта при набавката на вакцини и објективно ограничениот пристап до истите, кај нас се зачинети со дискусиите, веќе добропознати во македонскиот етер, како што е онаа „чие е детево?“. Па така, се дискутира од се по нешто. Чија вакцина е поделотворна, дали онаа прозападната или онаа која потекнува од подрачјето каде е првиот позитивен случај, дали контактот со одредени светски центри на патот до обезбедување вакцини е отстапување од геополитичката ориентација или не. Сето ова, повеќе низ призмата на теоријата, оти во пракса, ситуацијата до скоро ни беше сведена на немање никаква вакцина, освен оние добиени преку донации или преку солидарните наднационални механизми.

Нумерацијата на претходното уште попластично ја отсликува нашата сурова реалност. Достапните податоци, заклучно со 12 април, велат дека бројот на вакцинирани граѓани изнесува 26.014, а бројот на заинтересирани лица за вакцинација е 154,248. Двете бројки се прилично разочарувачки. Првата, имајќи го предвид фактот дека повеќе од четири месеци по одобрувањето на вакцините во светот, како држава сме имунизирале едвај 30 илјади наши сограѓани. Голем дел од нив здравствени работници, што е за поздравување.

За волја на вистината, можеби уште попоразителна е катастрофално ниската бројка на лица кои изразиле интерес за вакцинација. Согласно последниот спроведен попис од 2002 година (население од 2.022.547 граѓани), процентуално, бројката на заинтересирани лица за прием на вакцина би била помала од 7%.

Задоцнето вакцинирање

Вакцините против ковид-19 излегоа од фабриките на фармацевтските гиганти кон крајот на 2020 година. Колку за илустрација, Србија, својата прва вбризгана вакцина ја има на 24 декември (датум кој, инаку, е црниот понеделник за македонскиот парламентаризам). Од другата страна на границата, ние ја започнавме својата (масовна) вакцинација на 5 април и споредбено, тоа е повеќе од три месеци задоцнување. За да е симболиката уште поголема, месецот март 2021 година претставува, статистички, најцрниот месец од пандемијата во нашата држава.

Од тие причини, дилемата дали може(ше) повеќе и подобро во процесот на имунизација е сосема легитимно отворена во јавниот дискурс од граѓаните кои се даночни обврзници и здравствени осигуреници. Македонската слика со отсуство или недоволен број на обезбедени вакцини поставува многу прашалници.

Ако државата дозволено пенетрираше во нашите животи целата измината година, наметнувајќи безброј рестрикции, „локдаун“, карантин, полициски час, кои повеќето од нас беспоговорно ги испочитуваа, тогаш уште повеќе дозволено и легитимно е барањето на населението за агилност и проактивност во обезбедувањето услови за негова имунизација. Дополнително, фотографиите кои говорат за вакциналниот туризам кој се случува кај северниот сосед, не може, а да не не разочараат како држава. Особено, знаејќи дека станува збор за нешто кое стигнува од земја која не котира помеѓу земјите со најдобро здравство или најсилна економија, дипломатија, па ни демократија. И покрај тоа, истата таа наша северна сосетка, макар нека е и преку вакцинирање со вакцини кои се при крајот со рокот на употреба, држи час и поставува какви-такви стандарди.

Ова само додатно ја легитимира лутината за бавното темпо на имунизација, како и слабата јавна кампања за подигнување на свеста за значењето на вакцините и неадресирањето на антиваксерите, кои очекувано постојат и во македонските околности. За момент, изгледа како да имаме неверојатно кратка институционална, но и лична меморија, па ги забораваме негодувањата кај нас и за една рутинска вакцинација против морбили во годините зад нас.

Институциите и сите ние мора да ја поттикнеме вакцинацијата

Претходно изнесената информација за премногу нискиот процент на покажан интерес за вакцинација, нека е истиот и неажуриран, го воскреснува прашањето како државата планира да се справи со лажните вести, дезинформациите, митовите и другите алатки со кои комотно и хипокритично располагаат љубителите на конспиративните теории. Повеќе од јасно е дека ваквата состојба не е уникат само на македонската реалност, туку бројките на (потенцијално) вакцинирани е релативно ниска ширум светот, со чест на некои исклучоци. Затоа, потребни се здружени сили за спротивставување на неиздржаните антиваксерски теории, но и на вакциналниот национализам кој може да е на повидок.

Сопствениот придонес кон започнување и активирање на ваквото поттикнување би го дал со следната помисла. Приемот на вакцината, без сомнеж, ќе продолжи да се одвива на доброволна основа, а така и треба да биде. Но, за да бидеме доследни при заземањето став во однос на прашањето за вакцинација, би требало да се навратиме наназад. Враќајки се назад на првите мигови од пандемијата, всушност доаѓаме и кон одговорот на најактуелното прашање периодов - за или против имунизација.

Несомнено, борбата со глобалната пандемија и неуморниот виурс со сите негови појавни форми, бранови и соеви, постојано е проследена со низа нетипични, па од време на време и противречни мерки. Разбирлива е умерената доза на скепса за „неприродниот“ карактер на вирусот, за влијанието и начинот на информирање на мас-медиумите, за брзината на создавање на вакцините. Ама, непобитен факт се и огромното психолошко назадување и менталното здравје како колатерална штета, кои траат и траат и кај оние „прележаните“ и кај „непрележаните“. Истото можеме да го забавиме или сопреме, само ако историјата и пандемичниот „шпански“ грип ни се учител.

Редно е да признаеме дека речиси 365 денови подоцна, одговорот и спасот го имаме, а наше е да го уважиме. Како поединец, една од моите водилки низ животот е дека е навистина посакувано, човекот покрај својата стручност и специјалност, да поседува и општо образование и воспитание и општа култура. Но, тоа никако не значи дека ние, луѓето треба да тежнееме да бидеме „сезнајковци“ и „сештолози“. Следствено на тоа, велам правото и неговото толкување треба да им биде оставено на правниците, информатичките науки на информатичарите, а медицината - на медицинарите.

Секој има право на свое мислење, но не и на свои факти - извонредна мисла која ја прочитав неодамна. Апсолутно. Моментот кога околу тоа ќе се усогласиме, ќе биде првиот момент кога ќе може да зборуваме за враќање кон вистинските вредности и воспоставување на толку неопходната верба во науката. Така, ќе ја пребродиме моменталната, ама ќе бидеме поподготвени и за било која идна пандемија.

Не треба да имаме дилема околу тоа дека токму врз институциите на системот лежи најголемиот дел од одговорноста за имунизацијата, борбата со потенцијалните антиваксерски движења, хиперпродукцијата на дезинформации за здравствени теми, но и не треба да заборавиме дека тие институциите не се зградите, туку тие се составени од нас, граѓаните.

Во таа насока, охрабрува и одложувањето на пописот на населението, домаќинствата и становите. Иако оваа долгоочекувана операција е и тоа како потребна и требаше да започне на први април, рекордно високите бројки на заразени, но и на смртни случаи, не претставуваа никаква првоаприлска шега и добро е што дојде до нејзино одложување. Сме чекале 19 години, ќе почекаме и уште некој месец. На крајот, верувајќи и на медицината и вакцинирајќи се, да не релативизираме и да се потсетиме дека нема поголема европска, трансатлантска, светска, па и цивилизациска вредност од заштитата на колективното здравје.

Иван Дургутов

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе