Единаесетооктомвриски: Зошто ни е потребен неомакедонизам

Македонизмот често е мистика и точка на недоразбирање и меѓу Македонците и на Македонците со другите народи во и околу Македонија.

Причина за тоа се различните (екстремни) толкувања на македонизмот: во Бугарија како упад во (романтичен) дел од историјата, а во Грција, во хелено-културолошката идентификација. Неформалната дефиниција на македонизмот кај нас е: „...национална идеологија и политичка доктрина заснована на чувството на македонска припадност и македонската национална самобитност, што се обосновува со античко македонското наследство, во поткрепа на националната посебност и самобитност на македонскиот народ во однос на соседните. Македонизмот е национална концепција во борбата за етнокултурна и државно-политичка еманципација на македонскиот народ како посебен ентитет во словенскиот свет“.

Притоа, контрадикторноста е во самата двојна дефиниција што сака на едно место и да го спои античкото и словенското и да го исклучи секој што етнички не се идентификува како Македонец. А всушност само ги храни конфузијата и конфликтноста во и кон македонскиот народ и нација. Децениски.

Затоа потребата од дефинирање на македонизмот како (модерна) национална доктрина, а не како политичка идеологија денес е надпартиска и надгенерациска. Токму измешаноста на идеологија во нација и политичка доктрина потпикната во сржта на националното дефинирање, поттикнува доживување на дефиницијата на македонизмот како смислена конфузија за заштита на привилегиите од минатото.

Тридецениската независност сѐ уште нема дадено правец на македонизам како основа на договор кај Македонците и меѓу Македонците и Албанците, а потоа и Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците... креиран во Скопје како главен град на суверена Македонија. А правец нема бидејќи, како и економските и политичките елити и нивните НВО-медиа-службењачко-научни деривати, сѐ уште се води од инерцијата на ју-инспирираниот македонизам втемелен на припадноста кон 20 милионската федерација и тогашните домашни и меѓународни констелации.

Корисно е да се потсетиме дека македонизмот е проткаен во градењето на нашите институции (политички, образовно-научни, економски...), но и дека од 1970-те, паралелно со пресметката со „анархо-либералите“ во СКЈ/М, од македонско-конструктивен преоѓа во процес на ЈУ-заштитништво. Наспроти тенденциите на северните ЈУ-републики и нивните кадри кои активно се подготовуваат за крајот на федерацијата. За илустрација, освен сеприсутниот Колишевски, имаме ли уште некој во колективното сеќавање за лидери на СР Македонија пред и по генерацијата на Крсте Црвенкоски и имаме ли дисиденти-македонисти кои не биле на државна пензија?

Од денешен ракурс, тоа е периодот на трансформација што македонизмот од доктрина на развојна проактивност за етно, културна, економска, научна... ренесанса на македонскиот народ што е насочена кон, а не против некого – го доведува во позиција на конфликтна, реактивна платформа насочена против, против сите кои се спротивставени на ЈУ-федерализмот и етатизмот. Во и околу Македонија.

Настрана историските мотиви и предрасуди кон македонскиот народ и држава, претходното донекаде ни го разјаснува и односот на соседите кон македонизмот. Но и изворите на конфликтноста во домашната политика, од самото референдумско прашање за независноста „со право на здружување во иден сојуз на југословенски држави“, преку конфликтот 2001 и рамковна Македонија, до Северна Македонија.

Неомакедонизмот е во судир и со ЈУ-македонизмот и со убер-македонизмот

Интересно е што и ЈУ-инспирираниот македонизам и македонската полит-економска, медиа, НВО и научна „елита“ што го застапуваше од 1980-те (или нејзините семејни потомци) и денес се на истите позиции. Македонизмот како неформален извор на конфликтност, а елитата прераспоредена иако ребрендирана: плурализирана од СКМ и ССММ во политичките партии. Приватизирана од соц-самоуправна во тајкунска. Реорганизирана од единствените РТВ Скопје и НИП во плурализам на медиуми и унисоно необјавени информации. Етнички компактна, клановиски организирана од судството, преку правниот и дериват приватните факултети до МАНУ.

Интересно е и колку таа елита тешко се помири дека суверена Македонија сепак профункционира во декември 1992, со стапнувањето на првиот американски војник на скопскиот аеродром во мисијата на УНПРОФОР. Истовремено, неразбирајќи дека американската поддршка за македонската национална самобитност, официјализирана од Карнегиевата комисија на почетокот на ХХ век, не значи и поддршка и разбирање за македонизам заснован на „југо-сентимент“ и анти-албанство или општо на анти-соседски чувства.

Затоа, таа елита заштитник на ЈУ-македонизмот нужно произведуваше упади во креирањето на потребниот неомакедонизам. Прво со службењачкото стимулирање на убер-македонизмот, исклучив и кон немакедонците и кон неправославните Македонци, правејќи нѐ порозни за источни влијанија. Потоа со антико-манијата, од сонцето од Вергина на државното знаме сѐ до „Јавањето на Букефал“ низ книгите на Тупурковски. За да финишира со антико-хистеријата на Груевски од 2009, за која славењето на фалангите беше побитно од илинденските традиции и анти-фашизмот, нанесувајќи штета и на македонското етно-ткиво и на кохезивните основи на нацијата.

Денес, пак, откако овие упади ни рикошетираа, македонизмот за власта стана табу, а договорите со Бугарија и Грција, пак, исклучива рамка за дневно-политичкото дејствување по дома, наместо како основа за отворање на внатрешниот општествен и надворешниот (регионален) дијалог. Станува јасно – ако историските прашања со Бугарија се отворени денес, идентитетските со Грција остануваат за потоа.

Неомакедонизмот и „историските договори“ на Македонците

Заев и Пендаровски денес се обидуваат НАТО и ЕУ од национални приоритети да ги претворат во суштина на македонизмот. Секако неуспешно и кај Македонците и кај Албанците, бидејќи политиката е дефинирана од гласачите, но општеството – од граѓаните и нивните чувства и вредности.

Со тоа се потврдува потребата од градењето на нео-македонизмот како доктрина низ која Македонците ќе дојдат до внатрешен договор на тешки, но битни политички, економски, демографски и општествени теми, прецизирајќи се во модерниот свет, без преувеличување или потценување на својот историски од. Дури потоа тој нео-македонизам може да произведе суштински, а не само меѓупартиски површен договор за односите меѓу Македонците и Албанците. Во кој правата не се „даваат“ и „добиваат“ врз основа на број, туку на рационален договор што ги штити и спецификите на Македонците – конституенти само на оваа држава, но и потребите на Албанците. Само таквиот консолидиран нео-македонизам може да создаде основа за државен правец и политичка промисла која ќе ги уредува односите со соседите поставувајќи ја Македонија како раскрсница на коридорите со кои с(м)е поврзани. И како држава со смисла во регионот и функција во интеграциите кон кои се стреми.

Затоа кованицата неомакедонизам не зборува за нов народ, туку за потребата од еден свеж, модерен и изворно-домашен правец на македонското етно и национално консолидирање. Со него Скопје ниту ќе е субмисивно кон соседите ниту ќе им изигрува судија на моралното поведение, а пошироко ќе води промислена политика и ќе соработува стратешки, според заедничка цел и утврден национален интерес.

Ивон Величковски, иницијатор на Движењето за Нова Република

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.

повеќе

Нарушени се човековите права и слободи, нема владеење на правото и правосудството, кои треба да бидат основа на процесот.

повеќе

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе