ДУИ не ја затвори вратата со ВМРО-ДПМНЕ

Последните истражувања на јавното мислење покажаа дека поделеноста на гласачкото тело на Македонија, од последните парламентарни избори лани во декември, речиси не е променета.

Овие анкети покажуваат дека во голем број општини ќе се оди на гласање во втор круг, на 29 октомври. Разликите во истражувањата во корист на едниот или на другиот се сведуваат на проценти од статистичка грешка, 2-3 отсто.  

Поларизацијата, особено на македонското гласачко тело меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и натаму е една од главните карактеристики на политичкиот амбиент во Македонија. Кај македонските гласачи Албанци по подолго време изборот се сведува меѓу четири политички субјекти и ја менува претходната комотна позиција на штабовите на ДУИ и ДПА. На сцена се и Беса и Алијансата за Албанците.

По формирањето на владината коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, и отстапките кои социјалдемократите ги прават и ветуваат во однос на барањата на албанскиот политички кампус, се чини дека е зацврстено новото „братство“ меѓу лидерите на двете партии Зоран Заев и Али Ахмети. Отворената поддршка која овие двајца ја даваат за кандидатите за градоначалници на другата партија покажува дека новиот двоец СДСМ и ДУИ засега добро функционира.

Сепак, се чини дека не е сѐ така како што на прв поглед изгледа и покрај последните соопштенија на ДУИ. Предноста на СДСМ во однос на ВМРО-ДПМНЕ не е таква каква што се очекуваше, а некои и ја посакуваа.

Oна што го дознаваме од албанската дијаспора е дека комуникацијата на релацијата ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ во ниту еден момент не била ни запрена. Ако на почетокот таа била на ниво на пониски партиски ешалони, што партиски извори и го потврдуваа, како што се приближува денот на гласањето за локалните избори, неофицијално, веќе се одржале и средби на лидерско ниво меѓу Никола Груевски и Али Ахмети. Без разлика на соработката на СДСМ со ДУИ, на Ахмети воопшто не му пречи да преговара и со Груевски. За секој случај.

Што ако СДСМ изгуби во повеќе општини? Во тој случај притисокот на ВМРО-ДПМНЕ за одржување на предвремени парламентарни избори (што и го најави генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски) ќе се зголеми, а ДУИ во последниве 15 години не е навиканата да биде во опозиција. Тие досега еднаш веќе беа партнери на СДСМ во власта, а не ги забораваат ни убавите 11 години владино коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ.

Во таква ситуација желбата на Ахмети да ја држи отворена вратата со Груевски изгледа сосема логична. Особено ако се знае дека ВМРО-ДПМНЕ ја отвори вратата за соработка со Беса, партија на Албанците во Македонија која станува најсериозен конкурент на ДУИ во освојувањето на гласачите Албанци.

Александар Стојановски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе

Жените имаат повеќе тешкотии од мажите да најдат значајна и добро платена работа, а процентот на жени во глобалната работна сила постојано заостанува зад процентот на мажите. 

повеќе

Во нашето општество сме опкружени со многу, многу партизани. Партизани во политиката, партизани во образованието и науката, партизани во бизнисот...

повеќе