Државно земјоделско земјиште на продажба – никако

Се прашувам како тоа кој седна на тоа проклето премиерско столче сака да продава нешто што припаѓа на сите нас? Што ли е тоа што ги тера на продажба?

На 17 ноември нашиот сегашен претседател на влада Зоран Заев на една наша телевизија изјави дека планираат да го продаваат земјоделското земјиште што е во државна сопственост.

Му пуштив СМС порака преку друг високо позициониран политичар во Владата со укажување дека тоа не е во ред. Добив повратно дека немало да се продава на странци.

Таман да почнам да пишувам зошто државното земјоделско земјиште не треба да оди на продажба кога бум, експлозија, Заев даде интервју за БГНЕС. Уште неосвестени дојде на дневен ред давањето на државјанства со два-тројца сведоци и пописот, па прашањето за наши дипломати со два-три пасоши, па реформата на школството и обидот за бришење на историјата.  Интензивно и екстензивно бомбардирање, но овој пат со државо-разурнувачки бомби кои на еден или друг начин ќе го урнат власт Заев, наспроти режимо-разурнувачките бомби од пред пет години кои го донесоа на власт. Бомбардирање во сред пандемија кога не можеме да се видиме ни со своите најблиски, а камо ли пак да се организира граѓанска иницијатива против некоја ненародна активност на власта.

На 24 декември 2020 година,  пак на дневен ред на г-дин Заев е продажбата на земјоделското земјиште, при што тој најави дека: нема да се продава земјоделско земјиште под 10 хектари, само домашни физички и правни лица ќе имале можност да купат при што правните лица може да имаат странски капитал, ќе се продава по цена од  250-450 евра за декар, концесионери ќе имале право на првенство на купување, нема да има можност тоа земјиште да се пренамени во градежно, ќе се продаде 10%-15% од расположивото земјоделско земјиште, ќе се добиеле околу 200-300 милиони евра приход, очекува од јуни 2021 да почне со продажба и да заврши до крајот на 2023 година, веќе од Катар има заинтересирани инвеститори.

Се прашувам како тоа кој седна на тоа проклето столче сака да продава нешто што припаѓа на сите нас? Што ли е тоа што ги тера на продажба?

За да имаме релевантна анализа и да изведеме добри заклучоци мораме работите да ги ставиме во поширок контекст на она што се случува во светот и за она што го имаме кај нас.

Има сѐ повеќе и повеќе луѓе на планетава кои јадат и ќе јадат сѐ повеќе и повеќе. Имаме глобално затоплување. Имаме невидено ниво на миграциски движења кое е само предвесник на брановите што ќе следуваат. Обработливото земјиште пак е лимитирано, не можеш да го растегнеш освен ако не влезеш во море/океан каде што за човечка исхрана има алги и морски треви и риби (сѐ помалку и помалку и сѐ повеќе со полни стомаци пластика), но не и пченица или крави. Значи земјоделското земјиште е лимитиран ресурс и сѐ повеќе ќе се бара заради опстанок. Тоа е стратешки имот. Голема точка.

Во Македонија во изминатите 30 години имаме тотално осиромашување на граѓаните и ненормално богатење на неколкумина. Последователните влади составени во најголем број од комбинација на трите партии ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не доведоа во ситуација да сме меѓу најсиромашните три држави во Европа.   

По корупција во сите тие години сме во топ три во Европа.

Ние сме мала земја и теренот кај нас е пред се ридско-планински со исклучок на котлините а во неколку големи региони на места кај што би очекувале да имаме земјоделско земиште имаме ерозија на почвата. Значи имаме малку расположиво земјоделско земјиште од прва категорија споредено со некои други земји.

Е сега, кога ги изнесов релевантните факти за ситуацијата во светот и кај нас, да ја анализирам предложената продажба. 

1. Минимум површина на продажба и фирми со странски капитал

Претседателот на Владата вели над 10 хектари. Ако е 11 хектари, по средна цена (од најавениот ранг на цени) од 350 евра тоа е инвестиција со се трошоци од 40.000 евра минимум. Поради сиромаштијата 99,99% од македонските граѓани нема да можат да си дозволат да купат, а тоа е случај и со 99% од фирмите поготово по оваа пандемија.  

Бидејќи правните лица кои се со странски капитал ќе бидат валидни купувачи значи дека земјиштето ќе отиде во рацете на странци преку формирани фирми со 1 евро капитал (и тоа е реформа на влада предводена од Заев), а за реално исклучително ниска цена споредено со која било друга земја во свет.

Да се разбереме, тоа е продажба, еднаш засекогаш, со која некој добива тапија. И тој некој дефакто е странец, иако дејуре е домашна фирма и ја добива нашата земја, нашиот стратешки имот. Направете малку пауза тука, размислете за ова, воспримете во себе што значи странец да владее со нашето земјоделско земјиште. Вратете се во турско.

Ако прашаш кој било малку поискусен разузнавач веднаш ќе ти каже дека позади тие фирми со странски капитал многу лесно можат да стојат интереси од наши „блиски пријатели“ кои со канализирање на нивните тајни фондови за специјална војна ќе можат да го добијат нашиот стратешки имот. Кога ќе го добијат, убиството на Македонија е завршено! За грст зелени хартии.

Доаѓа „Кара-Бабарога” или витката „Sugar-babe” и вели мрш од мојата сопственост. А на таа сопственост тие нема да произведува храна за нас (која се повеќе ќе ни треба следствено на погоре опишаните трендови) тие ќе произведува производи кои ним ќе им одговараат. И ќе донесат нивни луѓе да работат (ова за да не му текне на г-динот Заев да не замајува со приказни за нови вработувања на продаденото земјиште). 

2. Предложен ранг на цени

Во Македонија приватна нива со прва категорија почва и близина на пат и на водоснабдување не е под 1.000 евра за декар. За да окрупниш пак земјиште, да ги купиш комшиите ти треба многу повеќе затоа што секој продавач е свесен дека купувачот ги ќари и меѓите т.е. од неупотребливо земјиште ги претвара во употребливо.  Ако е тоа пазарната цена зошто се оди со вакви ниски почетни цени 250-450 евра за декар, а за крупно земјиште?

За да ви ја разоткријам опасноста зад оваа најава ќе ја споредам со продажбата на градежно земјиште во Скопје. Веропулос го купи земјиштето ( во 2006 година ми се чини) спроти НБРМ на јавно наддавање за 550 евра/м2 и тоа беше вистинска пазарна цена. Во 2012-2013 година, значи шест-седум години покасно, уште поатрактивно земјиште, каде што е сега Капитол мол, отиде за 136 евра/м2. Вистинскта пазарна цена беше и тогаш минимум 550 евра/м2 ако не и 600 евра/м2. Што беше разликата? Во првиот случај беше навистина транспарентно организирана лицитација со реална стартна цена и бројни купувачи. Вториот случај беше не баш транспарентна продажба со еден купувач при што во претходни игри беа елиминирани другите потенцијални купувачи за кои имам инсајдерски информации дека беа спремни да платат до 620 евра/м2. Исто во вториот случај имаше исклучиво ниска стартна цена и услови кои беа напишани за тој еден купувач. Ве молам размислете какви разговори се воделе помеѓу продавчите на тоа државно градежно земјиште кое официјално отиде по 4 пати пониска цена од реалната пазарна цена и купувачот? Да не ги имаше овие разговори во бомбите од пред некоја година?

Е ајде сега размислете какви разговори ќе има помеѓу тој што ја води овој пат продажбата на земјоделското земјиште и странските купувачи. Откако размисливте, да ве прашам дали ви стана јасно зошто најавената цена е одредена, види коинциденција, пак четири пати пониско од релевантната пазарна цена?

3. Концесионери со право на првенство на купување

Концесионерите ќе имаат право на првенство на купување. На прв поглед ОК. Но, бидејќи сме потврдени шампиони во корупција веќе 30 години, сосема валидно е да се сомневаме дека и некои од процесите на давање на концесии беа коруптивни. Се сеќавате на Субрата Рој? Јас знам за еден предмет од јавен повик за концесија на земјоделско земјиште кој мистериозно е исчезнат од архивите на Министерство за земјоделство. Колку такви има? Знае некој?

4 .Нема да има градење на земјоделското земјиште

Нема да има можност да се гради на земјоделското земјиште. Па и не мора, има градежно кое странците си го купуваат. Ова е замаглување – демек ве штитиме не се секирајте.

5. Процент од земјиштето на продажба

Ќе се продава 10%-15% од земјиштето. Ама чекајте, процент од која целина? Целина со она еродираното или само прва категорија? Ако е од целото тогаш отиде 100% од онаа од прва категорија. И тука пак да направам паралела со градежното земјиште во Скопје. Се сеќава некој пред 30 години кога никна првата зградичка во Дебар Маало или првата зградичка во Тафталиџе или првата зградичка во Кисела Вода? Застана продажбата и градбата на 10%-15% од расположивата површина во Скопје? Кога се ствараа законски услови за градбите во прв момент никој не реагираше негативно освен по некој комшија до локацијата за градба и тоа откако ќе почне изградбата. Кога се градеше на паркови локалците ќе се побунеа речиси секогаш касно откако поминале ДУП-овите и толку. Сега кога имаме бетонски градби на 90% од површината на Скопје свесни сме дека тоа наше сакано Скопје стана нехумано место за живот. Приватниот интерес го надвладеа заедничкиот општ интерес. Е па така ќе биде и со земјоделското земјиште. Кога ќе се створат законските услови за продажба на истото, лека полека тоа целото ќе отиде и тоа во овој случај во странски раце. Кога ќе се продаде, тогаш оди трчај по Девствени острови или комшии.

По пат тука да прашам дали има некој што знае во државата колку проценти од земјоделското земјиште во државна сопственост е дадено под концесија? Нема. Е па нема ни да има информација за процентот на продажба на земјоделско земјиште

6. Приход за државата

Г-динот Заев вели ќе се добијат 200-300 милиони евра и ќе отплателе дел од долгот на државата. И сега народ треба да падне во транс. Многу пари – ќе се намали долгот на државата радувајте се.

Да прашам, што видоа граѓаните од продажбата на фирмите во приватизацијата, од продажбата на ОКТА, Стопанска банка, Електродистрибуција, Телеком? Им се дигна стандардот на живот? Нивото на среќа? Се подигна економијата на државата? Се намали задолженоста?

Како што од тие продажби не видовме ништо добро и од оваа продажба граѓаните нема ништо добро да видат. Бидејќи сме водечка земја по корупција тоа значи дека има голема веројатност тие пари да не завршат кај што треба, туку онака како што знаеме.

Значи, губиме стратешки ресурс за навек за нула резултат за граѓаните.

7. Планирано темпо на продажба

Заев вели во јуни 2021 почнува во декември 2023 завршува продажбата, а до јуни 2021 малку демек демократски ќе се консултираме, ќе си помуабетиме.

Да сака тој низ демократски процес да одлучува прво оваа продажба ќе беше јавно истакната за време на кампањата на претходните избори во програмата на СДСМ, потоа јавно ќе ја разговараше со своите партнери во коалицијата, па со партнерите во Владта. Па ќе разговараше со опозицијата, па со јавноста преку дебати на кои ќе учествуваме ние стручните луѓе, и на крај по еден консензус за или против заедно со опозицијата ќе донесеше релевантен закон или пак ќе повикаше на референдум.  Така е во демократии.  Замислете како вакво нешто би одело во Швајцарија?

Бидејќи тој вели почнува јуни 2021 завршува декември 2023 значи дека тој веќе донел одлука сам (со неговите ментори) и јасно е дека за вистинска демократска одлука нема место. Односно од негова гледна точка ќе лаат кучињата и ќе ги пушти да лаат до јуни 2021, ама тој си одлучи и ќе распродава и дека додека му трае официјално овој мандат ќе го продаде цело.

Повикот за демократски дијалог е само замајување на јавноста.

8. Има заинтересирани купувачи од Катар

Интересно е дека сите наши властодршци ги прикажуваат странските инвеститори како месии кои ќе нѐ спасат со вработување. Дали е така?

Катарците ќе купееле 3.000 хектари на кои ќе одгледувале овци т.е. ќе извезуваат јагниња за Катар.

Тие официјално ќе платат 7.500.000 - 13.500.000 евра за земјиштето кое и ќе го оградат така што друг одгледувач на добиток нема да може да влезе за паша. Ќе вработат веројатно неколкумина овчари и еден управител (управителот највероватно ќе биде од катар – значи едно вработување помалку). Ќе склучат договор со еден адвокат, едно сметководствено биро. Ако се паметни ќе склучат договор и со едно ревизорско друштво. Ќе изградат со време своја мала кланица со неколку вработени. Јагнето ќе го извезуваат, а профитите ќе си останат во нивните џебови. Толку. Економскиот бенефит од ова е еднократен и многу мал.

Ајде сега да ја замислеме другата варијианта бидејќи таа постои. Да го развиеме ние нашето земјоделство вклучително и овчарство. Да ги доразвиеме нашите постечки кланици, да го доразвиеме туризмот вклучително и угостителството. И да ги продадеме јагнињата произведени на нашите пасишта на странски туристи во форма на печено јагнешко во ресторан, а залиено со добар вранец. И така секоја година. Додадена вредност на н-та степен во однос на оваа на Заев.  Приходи за многу од граѓаните и за државата. Ама така, ќе ги нема ситуациите погоре опишани во точка 2 и 6 и ќе треба сериозно Владата да поработи, а кој да работи кога може да продадaт. 

9. Што е тоа што г-дин Заев не го спомнува

Г-динот Заев не спомнува што со ресурсите кои се под првиот метар земја? Кога некој има тапија тешко со него ќе разговараш за тие ресурси. А тие ресурси сега со овој развој на технологијата се бараат со прелет на авион/сателит. И со некое бушење бунарче демек. Ајде после еколози трчајте по Иловица.

Заев не спомнува оддржлив еколошки развој во функција на македонските граѓани - не спомнува иднина.

10. Заклучок

Неспорно од погоре изнесените факти и логички размислувања се заклучува дека намерата на г-динот Заев не само што е погрешна, туку е исклучително опасна по опстанокот на државата.

Од неговото обраќање пак се гледа дека тој одлучил да ја спроведува оваа исклучително опасна активност. Тој нема вистинска намера да разговара за другата варијанта каде владата ќе работи на вистински економски развој на дражавата.

Тој со сите погоре споменати „нови бомби” ја растура државата, а последниот клинец во ковчегот на Македонија ќе биде продажбата на земјоделското земјиште.

11. Повик

Дали сте свесни дека кога се претставувате кажувате од која земја сте? Дека велите ова е мојата земја? Земја = мајка. Ни го земаа името, не ја оспоруваат желбата да се молиме на Бога, ни го оспоруваат јазикот, ни ја бришат историјата, а сега да ни ја земат и земјата. Да нѐ нема.  

Драги граѓани на Македонија имате две алтернативи -

а) да си спакувате куферите и да си отидете во свет и

б) да застанете на протести со цел рушење на оваа опасна Влада, креирање на демократски избори со една изборна единица и отворени листи и бирање на вистинска развојно ориентирана влада која ќе работи за доброто на сите граѓани.

Јас ја бирам втората и се надевам дека повеќето граѓани на Македонија ќе го препознаат моментот кога „се вади кубурот”.

На протести, да ја срушиме оваа власт и да се избориме за оваа наша земја.

Јордан Трајков

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Опседнатоста со лесна и брза заработувачка, завидливоста и љубомората кон побогатите, невидената мрзливост комбинирана со желбата за убав и прилично ситуиран живот, од Македонците создаде зомбизирани суштества кои лутаат низ времето и просторот, без патоказ и без изграден вредносен ориентир по кој ќе се водат низ животот.

повеќе

Иако новогодишните честитки во јануари оваа година, беа најчесто за здравје и со желба за „старото нормално“, првите три месеци од 2021 година не навестуваат крупни промени околу тоа кој ќе биде повторно најизговорениот збор и во периодот кој претстои. 

повеќе

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе