Државна администрација (Live)

Благодарејќи на коронавирусот, граѓаните го видоа вистинското лице на  оваа натприродна организација, наречена државна администрација. Алчна, себична, несолидарна, нечувствителна.

Уште во 1980 година, професор Др. Никола Кљусев, на нашата мала група студенти  на Економскиот факултет, смер Економска политика и развој, ни рече: „Драги мои колеги, сега кога ги завршувате студиите, ве очекува работа. Ви посакувам сѐ најдобро. Но запомнете, во сите држави постои една натприродна појава која се вика, државна администрација. Таа живее и преживува и во капитализмот и во социјализмот и во комунизмот. Ако пробате да ја чепнете, веднаш ќе ве изеде. Ако и отсечете еден крак, ќе израснат десет нови“.

Некои ја именуваат како „deеp state“, некои како „бирокоратија“, некои како „чиновнички апарат“. Единствен именител на оваа организација, без разлика кој како ја нарекува, е трошење на парите на граѓаните. Не постои ниту една друга организациска форма создадена од луѓе, која функционира толку беспрекорно, без разлика на општественото уредување на државата. Може да е време на благосостојба или сиромаштија, војна или мир, природни или неприродни непогоди, оваа организација функционира како швајцарски часовник.

Нејзината моќ, непосредно (live) ја видоа и граѓаните на Македонија. Само што се спомена можноста од минимална плата, оваа организација веднаш го извади мeчот и преку ноќ го реши прашањето во своја корист. Да, минимални плати за функционерите, но не и за администрацијата. Дали сте слушнале некогаш, на некој, да му е решено некое прашање за 48 часа. Невидена моќ.

Во овие вонредни услови, сите граѓани се согласни дека работниците во здравството, МВР, АРМ, кризни организации, противпожарните служби треба да добиваат полна плата. Дури на најзаслужните и да им се покачат. Но, ниту еден граѓанин не е согласен, кога стопанството и економијта се рушат, државните чиновници, од кои 50% буквално и ништо не работат, да се гостат во куќата на сиромаштијата.

Граѓаните молчеа и беа неми сведоци на вртоглавото размножување на оваа организација до невидени размери. Причините за молкот се повеќе. Некој од роднините ви работи во таа администрација, се плашите дека ќе ви прават проблем, мислите дека и на вас ќе ви вработат некој или пак ќе ви дадат некој тендер. Но, благодарејќи на коронавирусот, граѓаните го видоа вистинското лице на  оваа натприродна организација, наречена државна администрација. Алчна, себична, несолидарна, нечувствителна.

Бидејќи никој не дава официјални податоци, се претпоставува дека по сите основи од државната каса се гостат над 170.000 луѓе. Тие  само за плати годишно  трошат  1,2 мијларди евра од буџетот на државата. Заедно со трошоците за нивното работење „неработење“, тие трошат околу 1,8 милјарди евра. Тоа e безмалку  половина од целиот буџет на државата. Сега државата ќе ја задолжуваме со нови кредити, за да го платиме спокојството и комфорот на државната администрација.

Коронавирусот ќе замине. За жал, мал број на наши сограѓани предвреме ќе го напуштат овој свет. Стопанството немо го чека огромното економско цунами. Штетите од него ќе се поправаат со години. Но, една работа е прироитетна. Македонските граѓани ќе мораат добро да размислат што правиме со оваа организација наречена: државна администрација, бирократија, чиновнички апарат, deep state или наречете ја како сакате. Во најтешките моменти на македонската држава, тие нѐ предадоа.

Ангел Наков   

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе