Држава не се брани само со декларации

На странците треба да им е јасно дека што ќе биде во Македонија и како ќе тече политичкиот процес одлучува само македонскиот народ кој ја дава својата доверба на избори.

За почеток еден пример од бугарската историја. На 22 април 1923 година на парламентарните избори во Бугарија тамошните земјоделци добиле впечатлива победа. Во Собранието влегле 212 нивни претставници, а опозицијата имала само 16 пратеница. Претседателот на Владата Стамболиски пророкувал дека ќе владее 20 години. Пред и по победата земјоделците организирале митинзи од 100-150 илјади приврзаници. Независно од тој пораз, опозицијата замислува да оствари „пуч“. Владата го дознава датумот 9 јуни, но аристократски не презема никакви мерки. Истиот ден неколку стотина офицери и војници ја симнуваат земјоделската Влада, а претседателот Стамболиски е убиен.

Во споредба со денешните состојби во Република Македонија, тогаш бугарската Влада немала непријатели во соседството, ниту мешање на странски служби. Независно од тоа - пропаѓа.

Спротивно на Бугарија, од 1991 година до денес против македонската држава се води необјавена војна. Мобилизирани се странски служби - владите на Грција, Бугарија и Албанија, албанскиот фактор во државата плус петоколонашите (соросоиди и други платеници). Повеќе од еден месец македонските граѓани се под перверзен геноцид од „бомбите“ на Заев, кој го трујат народот, ги рушат државните институции и самата држава. Во исто време државата молчи, сеедно дали станува збор за странски служби и прислушувања во некој дел на Африка, а не во Македонија. Како во приказната „Куќа гори баба се чешла“.

Логично, внатрешните и надворешните непријатели се охрабруваат дека во нашата земја не се почитуваат ниту законите, ниту државата.

Прашањето е дали моментално имаме држава или само табела Република Македонија?

Прво: Заев фрла слободно една по друга „бомба“ кои му ги дава странска служба;

Второ: Опозициските медиуми слободно плукат, оценуваат, плашат со физички терор;

Трето: Претставници од ЕУ и странски амбасадори се држат како „гаулајзери“, прават притисок врз Владата, судството, полицијата и даваат поткрепа на своите;

Четврто: Македонските министри и премиерот на прес-конференции се правдаат за нелегалното прислушување, наместо да го земат стапот. А за да биде циркусот полн, СДСМ поднесе кривични пријави против нив;

Петто: Владеачката ВМРО-ДПМНЕ одговара на сето тоа со декларации дека Заев одработувал за странски служби и дека немало да допушти разнебитувањето на државата (таков став исто е перверзен бидејќи Македонија секојднево се урива).

Единствениот заклучок е дека практично државата не постои. Зошто тогаш се гласаше на парламентарните избори? Зошто се избираа пратеници? Зошто е создадена Влада?

Македонските граѓани (и баш тие 500 илјади кои гласаа за тој претседател и таа Влада) бараат:

Државните институции да ги преземат најитно законските мерки за да престане психолошкиот геноцид врз македонскиот народ. Колку докази за шпионажа чекате? И на малите деца им е јасно дека Заев, врвот на СДСМ, соросоидите и нивните медиуми се поврзани како свински црева. Тогаш каде се одлуките на обвинителството, судството? Ставот дека Заев морало да се остави слободен сам да тоне, не држи бидејќи со него тоне и македонската држава. Не држи вода и ставот дека сите (со исклучок на шпионите) мора да бидеме мирни за да немало тензии. Ние мора да го зачуваме законскиот ред и државата за денешните и утрешните генерации, по која и да е цена.

На странците од секој вид еднаш засекогаш да им биде кажано дека македонската држава не прифаќа сугестии, уцени, притисок од каде и да е. Дека што ќе биде во Македонија и како ќе тече политичкиот процес одлучува само македонскиот народ кој ја дава својата доверба на избори. А тие кои не ги почитуваат изборните резултати ќе се соочат со законот, со државните институции, ако е потребно и со македонската полиција и војска.

Само тогаш ќе престанеме да бидеме македончиња и ќе станеме Македонци. Ама за таа работа е потребно да имаат „муда“ и „обичните“ македонски граѓани, македонските новинари и македонските политичари.

Прв тест за тоа е одговорот на прашањето:  Од која странска служба продолжува да добива прислушувани разговори Заев? Сите ја знаеме, ама нека некој овластен најде храброст да каже.

Стефан Влахов Мицов

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе