„Друже Тито, ми ти се кунемо“

Подгорица во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито.

Не е изненадувачки што приказната за Тито, па дури и за неговиот излеан лик, предизвикува многу внимание во регионот. Затоа не е изненадувачки ни што архитектурата во поранешна Југославија доби своја почесна изложба во њујоршката MOMA. Бидејќи поважна од парчето бронза е идејата за еманципација, еднаквост и единство што Тито ја вдахна во овие области.

Се сеќавам на тој ден како да беше вчера. Имам шест години, стојам сред толпата во спортскиот центар Морача во Титоград, салата изгледа огромна и преполна со деца. Сите сме облечени во сини униформи, мајка ми ми ја врза косата во кики и ми стави украсни црвени ленти – ми одговараа со црвената марама околу вратот. Бев сама во групата, за прв пат на некој значаен настан без родителите. Наставничката, Мирјана Перишиќ, никогаш нема да го заборавам тоа име Мирјана Перишиќ, стоеше пред нас. Тогаш од разгласот се слушна: Денес кога станувам пионер... Салата се затресе, тишината можеше да се сече со нож, а јас посегнав во џебот од мојата мала, работничка кецела и го допрев растопеното чоколадо. Не знам од каде се најде во мојот џеб, не се сеќавам дали мајка ми ми го даде за да се засладам откако ќе станам вистинска пионерка. Во суштина, се сеќавам дека прстите ми тонеа во мекото чоколадо и размислував како сепак да не ја изгубам. Тогаш ги извадив прстите, ги излижав еден по еден, а цело време во позадина одекнуваше заклетвата. Не станав пионер, оти не ги изговорив волшебните зборови. Нема врска, си реков целата измачкана, и така имам време да станам младинка, тоа е поважно, си реков.

По итна постапка

По речиси 35 години, никогаш не станав ни младинка - СФРЈ почна да се распаѓа баш таа година кога требаше да полагам заклетва. Архитектот на СЦ Морача, Предраг Мишко Дмитровиќ, неодамна почина и главните медиуми известија многу доцна. Остана само пепелот од поранешната татковина, седум нови држави - од кои повеќето ја презираат другата страна, ксенофобија, страв од различност - и мојата страст кон чоколадата.

Затоа бев изненадена кога медиумите, не само локалните, црногорските туку и регионалните, ентузијастички ја пренесоа одлуката на локалното собрание во Подгорица, според која се одлучува дека градот во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито. Иван Вуковиќ, градоначалникот, побара одлуката за споменикот на Тито да се стави на дневен ред по итна постапка. Објаснувајќи ја одлуката, градоначалникот вели: „Тој (Тито) секогаш беше подготвен за нејзините подвизи (тие на Црна Гора) да даде најголемо признание и да ѝ помогне за сè што, во негово време, таа не можеше да го стори сама... Уште не постои човек што ги решил сите загатки во историјата. Ни Тито не можеше. Тој ја вршеше својата задача. Сето ова е доволна причина во градот кој со децении чесно го носеше неговото име да биде поставен споменик на светскиот и нашиот визионер и борец како што беше Јосип Броз Тито. Со подигањето на овој споменик се зачувува споменот на истакната личност, револуционер, борец против фашизмот, еден од најголемите државници на 20-от век“.

Маршалот од лагер

Така, Собранието на главниот град ја усвои програмата за подигање на спомен обележјето на Јосип Броз Тито во Подгорица, со 36 гласови од членовите на владејачката коалиција и два гласа од опозициското Граѓанско движење УРА.

Споменикот што Подгорица ќе го добие не е нов. Напротив, тој споменик стоел на лагер во војната касарна Маслине, кој знае колку долго. Верувам дека станал непожелен на почетокот на деведесеттите години, можеби дури и во 1992 година, кога Владата го распиша често оспоруванит референдум за државниот статус на Црна Гора, со двосмислено прашање и голем број нерегуларности, на кој референдум титограѓаните одговораа на прашање за името на градот. И додека со години беа критикувани условите на референдумот што доведе до создавање на СР Југославија, затоа што прашањето за името на градот беше поставено заедно со прашањето за тоа дали Црна Гора треба да остане во заедница со Србија, мнозинството гласови против името Титоград и враќањето на старото име на градот остана во сенка, како сосема логичен продолжеток на политичкиот курс на владата на Србија која беше лојална на големиот брат Милошевиќ. Тој март 1992 година, Црна Гора избра да го следи Милошевиќ и да стане дел од СР Југославија, а во исто време се „ослободи“ од своето минато наследство и го смени името на главниот град. Опозицијата, која не учествуваше на референдумот, долго ги оспоруваше резултатите наведувајќи дека условите за референдумот не биле демократски.

За да може црногорската влада да се дистанцира од Милошевиќ, сè повеќе ќе го величи подемот на социјалистичка Црна Гора како златна ера на напредок. Меѓутоа, и во тоа време се случувале грешки, како името „Титовград“, кое поради лапсус на авторот на законот пет децении стоеше во официјалниот акт за именување на градот од 1946 година.

Беше ли подобро?

Старото име Подгорица за прв пат се спомнува во 1326 година, а беше вратено во март 1992 година. Од старата Југославија, остана булевар со името на Тито во главниот град, а во едно од напливите на југоносталгија беше отворено кафуле наречено Титоград. Ако не ја сметаме појавата на една холандска рок група, која кој знае зошто се нарекуваше Титоград, сè до одлуката на пратениците во Собранието на Подгорица, ликот и делото на Тито не беа во крупен план.

И тогаш почна - медиумите агресивно ги анкетираа граѓаните во врска со споменикот, а граѓаните најчесто ја поздравуваа намерата на градските власти. Овој ентузијазам е малку изненадувачки со оглед на тоа дека, според истражувањето на Галуп спроведено во 2017 година во поранешните републики на СФРЈ, Црногорците не се баш и некои југоносталгичари.

Истражувањето покажа дека југоностастијата е најголема во Србија и во Босна и Херцеговина. Црна Гора е помалку носталгична, но и тука две третини од испитаниците гледаат штетни последици од распадот на старата земја, речиси ист процент колку и во Македонија. Само Косово и Хрватска имаат мнозинство што смета дека е добро што старата земја се распадна, додека Словенците се поделени.

Најгласните противници на враќањето на бронзениот Тито во Подгорица се пратениците од опозицискиот Демократски фронт. Радош Зечевиќ, член на партијата предводена од четничкиот војвода Андрија Мандиќ, вели дека „само голема будала можела да предложи да се подигне споменик на некој кој побарал од Британците да ги бомбардираат Подгорица и Никшиќ на Велигден во 1944 година“. Во својата осуда на поставувањето на споменикот, Зечевиќ не отстапува од политичката матрица на клеро-националистите, претставени во настапите на Митрополитот на Српската православна црква Амфилохија, авторот на кованицата „брозомора“ со која го објаснува падот на современа Црна Гора.

Поважно од бронзата

Знам дека ќе речете дека тоа е носталгија. Но, во своја „одбрана“ го користам објаснувањето на новинарот од сараевско „Ослобоџење“, Гојко Бериќ - „нормално е што многу граѓани од поранешна Југославија, кои го означуваат своето агресивно националистичко опкружување како „југоносталгичари“, мислат дека во таа држава им било подобро отколку што им е денес. Тоа главно се луѓе кои верувале во демократија, а потоа се увериле дека тоа е лага, тоа се работници кои биле измамени и завршиле на улица во транзицијата, тоа се пензионери кои нивните нови држави ги ограбиле, сè на сè - луѓе кои не добиле ништо од тој историски хаос, а ја изгубиле економската и социјалната сигурност“.

Затоа не е изненадувачки што приказната за Тито, па дури и за неговиот излеан лик, предизвикува многу внимание во регионот. Затоа не е изненадувачки ни што архитектурата во поранешна Југославија доби своја почесна изложба во њујоршката MOMA, колку и црногорските институции да не знаат како да дадат слична чест на гигантите од домашната архитектура чии дела се огрдуваат со новоградби. Бидејќи поважна од парчето бронза е идејата за еманципација, еднаквост и единство што Тито ја вдахна во овие области, а особено во овој град, малиот град Подгорица, кој пред одлуката да стане центар на СР Црна Гора, беше гратче од петнаесет илјади жители.

Поважни од ликот на Тито се идеите за развој, кои ги пресекоа токму оние кои го запоставија споменикот цели 25 години. Затоа поставувањето на споменикот на Јосип Броз е важен момент за Подгорица, затоа што треба да нѐ потсети дека можеме и умееме да постигнеме повеќе.

Аида Рамусовиќ (Aida Ramusović)

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе