Колумна на Божин Павловски

Дренки од истиот дол или тоа што не се прчало не може да се окози

Еееј, колку лошо не водеа овие двајца млади недоквакани лидери: да зажалиме што сме родени како современи Македонци!

Пред 40 години, кога мојот славен професор, Кирил Пенушлиски, ми го донесе за издавање делото „Македонски еротски приказни”, ми покажа едночудо други факсимили од заоставнината на нашиот златен терзија Цепенков, нека биде славен во цел свет, вклучувајќи ја Бугарија, која е најзаслужна што тоа бесценето народно богатство видело бела светлина.

Прво што ми падна во очи беше поговорката „Дренки од истиот дол” запишана во неколку варијанти.

Но веднаш под неа стоеше: „Тоа што не се прчало - не се окозува”.

Собрав рамена во чудење.

„Ајде ние побрзо да си ја објавиме оваа книга, затоа што му треба на народот кој е западнат во апатија”, предложи тој.

Го прашав: „Мислиш ќе помогне?”

Духовитиот професор, без конкуренција најдобар познавач на македонското народно творештво, го разби моето чудење што барале тие еротски приказни, дренките и козите, на купче едно до друго.

„И тоа многу. Ќе види како се совладувале потешки времиња”, рече.

„Ќе ни ја забранат властите”, додадов.

„Нема да го забранат народот. Тие еротски приказни раскажуваат за тоа како преживувал низ вековите. Низ сито пресеани, тие се бисерчиња”, во свој стил заврши професорот, викајќи силно затоа што беше речиси оглувен.

„Но сепак што барале тука овие две поговорки: дренките и козите?”

А професорот рече:

„Народот мудро ги бележел тие што продавале мадиња за бубрези и што веќавале задгробен наместо предгробен живот”.

Како што тогаш ме развесели, така сега го споделувам тоа со вас. Таа книга верно постигна голем успех. Му го поткрена моралот на народот. Ретко се случува кај нас книга да доживее десетици илјади примероци. Да не беше така ние можеби немаше да ја имаме таа забрзана национална еманципација. Се разбира, многу други чинители влијаеја на тој комплементарен историски процес што Хрватот Предраг Матвеевиќ во есеј го нарече - чекор од седум милји.

За да се преживее - треба да се живее. И тоа со полн капацитет. Песни да се пеат, свадби да се прават, љубов да се води, генерации да се раѓаат, дела да се создаваат, солидарност да се покаже за секој маката да ја совлада и со радост и среќа да си го исполни животот. Само такви бабачковци и невести  развиваат и унапредуваат една држава.

Еееј, колку лошо не водеа овие двајца млади недоквакани лидери: да зажалиме што сме родени како современи Македонци!

Верно само миг ги дели Македонците да сфатат дека политички шарлатани им украдоа 15 години од нивните животи.  Но, сега, по 30 години демократско зреење, дури и со почетнички застранувања, треба да се биде зрел и одважен. Не сме казнети од Господа за да трпиме продолжена агонија и да завршиме на ѓубриштето од историјата.

Ако не те бива за водење народ, политика, економија - сиктер на нива. Или во егзил. Не треба ни да се правдаш дека не си сакал да ја заглавиш државата во калта туку да ја внесеш во Европа. Те излажале, но престани да ја размножуваш лагата.

За да просперираш ти, драг човеку, но барабар со тебе и твојот сосед, мораш да си ги заштитиш своите неприкосновени права и да не правиш компромиси со ѓаволот. Да се штитиш во хармонија со твојот сосед. Што ќе правиш ако тој се исели во туѓина? Ќе живееш со утките како твои соседи? И твојата куќа лека - полека ќе ја обвие самотија, па глувотија и на крајот - пајажина. Преиспитај се дали е здраво и мудро слепо да се врзуваш за една или друга партија, или треба цврсто да застанеш зад Македонија. И не е морално да ти се раздени тебе, за на друг да му се стемни.

Сегашниве политички антагонизми се чиста патологија. Ниту едните знаат што е лева идеологија, ниту другите десна.

Луѓе мои, кога се раздружувавме од Федерацијата ние, иако помалку на број, бевме рамноправни со другите балкански народи. Од некои дури и подобри.

Оттогаш датира караницата меѓу бугарскиот покоен Божидар Димитров и нашиот жив и здрав Тодор Петров, што сега е крената на највисоко државно ниво. Од буква до буква истата реторика Захариева и Каракачанов им ја наметнаа на Шеќеринска и на Заев. Како некои телиња му дадовме крила на бугарскиот националистички романтизам ала Џамбаски.

Дренки, навистина зелени дренки седнати во удобни политички фотелји.

Горд народ ни во сон не помислува на Договор за пријателство кој не може да се исполни. Потписниците треба веднаш да исчезнат од видното поле на тој горд народ. Не е цела Европа слепа и нечесна, да не разбере дека мора да се прави Договор што ќе ја одрази рамноправноста на две соседни држави. Кој со задоволство се исполнува, затоа што освен фолклорното богатство, кое тие го кажуваат како македонско но вградено во бугарската традиција, ние друго ништо не делиме. Имаат право секој Македонец што се прославил преку бугарскиот јазик да си го есапат за свој. И многу народ со македонски корени живее во таа земја, тие го сакаат тоа.

Никому нема да му испадне пердув од гордоста ако признае дека низ вековите наши луѓе оделе во Бугарија за да направат кариера, затоа што не сме имале нормиран јазик на кој би го одразиле своето знаење и умеење. И што друго тие способни наши луѓе оставале таму? Душата, најмили мои, душата. Многу од нив и љубов за Бугарија што ги прифатила како татковина. Повеќето таму си ги оставиле и коските.

Како што ќе се гордееме со некој Едикојси што направил свое име во Америка или Канада, така да се гордееме и со Димитар Талев, бугарски класик од Прилеп кој беше на чекор од Нобелова, во исто време со Иво Андриќ.

Повеќе илјади Македонци направиле бугарска кариера и нема зошто да губиме време за тоа прашање. Напротив, треба да се гордееме што сме имале такви луѓе. Во нашите ропски времиња не можело да биде поинаку.

Како раслоена нација во повеќе од 20 држави ние допрва ќе откриваме феномени со нашето вградување во други народи и култури. И ќе се гордееме. Но само толку. Затоа што примарна задача ќе ни биде да ја развиваме својата модерна нација за да учествува во социјалниот и културниот натпревар меѓу народите.

Заевци не треба да се чудат што дијаспората, особено прекуокеанската, која е побројна, нема да земе учество во пописот. Таа политичка игра е многу посомнителна одошто се прикажува. Ако тие немаат свои пријатели во тајните служби на Косово, не значи дека нашата прекуокеанска дијаспора нема свои пријатели во тајните служби на најмоќната држава во светот. Понекогаш сигналите злато вредат.

Ако е за нивна утеха, тој грев Заевци ќе си го поделат со Груевци.

Вождот или Фирерот, како што го викаа Никола, му овозможи на Али Ахмети да ги избере и испрати на курс за изработување на биометриски патни документи во Франкфурт на сите 17 бистри момчиња, повеќето од славно Арачиново. И тие потоа управуваа со техниката за снимање и изработка на патни исправи.

Само Господ знае колкав е бројот на новите македонски државјани од Косово. Можеби и политичкиот врв на Албанците знае и затоа очекува 50 проценти од пленот.

Некој ќе рече: „Ама не е можна толкава корупција. Над тие момчиња имало надзор“. Јајца варени, имало, освен можеби од некој центар на Косово имало - што собирал кајмак.

На Косоварите верно им требаа патни документи за да одат во Европа, но тие си ги бараа и вадеа во матичната база во Србија, може неуверливо да тврди некој.

Ајде да видиме дали не била можна оваа монструозна корупција?

Никола Груевски не е обвинет за злосторничко здружување? Гордана, министерката, не е осудена за злосторничко здружување и дејствување? Мијалков и цела сурија од врвот на сите тие служби не лежат во затвор поради злосторнички дејанија? Оние пребегани во Грција не се обвинети за исти или слични злостори?

А може ли да има уште злостори? Како тоа одеднаш таа дијаспора е најважна за успех на пописот? Многу јасно, во блиска иднина ќе доминира електронското гласање.

Али Ахмети е со милји пред нашиве дренки, зелкари и трговци со национални интереси. А тоа што добивме поекстремни лидери кај Албанците може да се објасни со каубојските филмови. Кој ќе го убие најдобриот - мисли дека ја живее неговата слава.

И македонските лидери преку свои толкувачи често посакуваат на Али да му цркне бачилото со овци. Или барем да биде повикан и задржан во Хаг. Толку години поминаа откако со странски платеници ја нападна својата татковина Македонија но, за жал, не се роди јунак да го испраша каде се гробовите на оние луѓе - живи закопани.

Ќе ви направи тој и попис и отпис. Но прекуокеанската дијаспора нема да учествува во злостор против својот народ.

Академик Божин Павловски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Иако новогодишните честитки во јануари оваа година, беа најчесто за здравје и со желба за „старото нормално“, првите три месеци од 2021 година не навестуваат крупни промени околу тоа кој ќе биде повторно најизговорениот збор и во периодот кој претстои. 

повеќе

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе