Договорот со Бугарија е спротивен на домашното и меѓународното право

Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија има стручни и професионални недостатоци

Зоран Заев на домашен терен вети вршење на државните функции од стручни и професионални лица, додека пак, на меѓународен план постои основна претпоставка дека надворешната политика на државите ја водат стручно и политички висококфалификувани луѓе.

Меѓутоа, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија има стручни и професионални недостатоци кои го прават спротивен на домашното и меѓународното право.

Најпрвин за недостатоците од аспект на домашното право.

Според домашниот закон за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, Македонија склучува меѓународни договори согласно со Уставот. Меѓутоа, одредбата од договорот со која се откажуваме од грижата за Македонците во Бугарија не е во согласност со Уставот.  

Понатаму, примарна надлежност за склучување на меѓународни договори според домашниот закон има претседателот на Републиката, а за одредени прашања наброени во законот (член 3 став 2) меѓународни договори склучува и Владата. За прашањата во договорот поврзани со заканата за мирот, територијалните претензии, дејствија од непријателски карактер, Владата нема надлежност, туку тоа се прашања за кои меѓународни договори во име на Македонија склучува претседателот.

Како и да е, сѐ уште има доволно време пратениците до ратификацијата да ги испитаат прашањата што не се во согласнот со Уставот и повредата на внатрешното право околу надлежноста за одредени прашања во договорот.

Во продолжение за недостатоците во договорот од аспект на меѓународното право во смисла на Виенската конвенција за договорно право од 1969 година со која меѓународното право доби „договор за договорите“.

Според меѓународното право, меѓународен договор претставува израз на волја на два или повеќе субјекти на меѓународното право, со цел да се создадат реципрочни права и обврски за договорните страни. Меѓутоа, договорот со Бугарија не е реципрочен, бидејќи содржи одредби од кои произлегуваат обврски само за Македонија, и оттука, меѓународно-правно опсервирано овој документ не може да се нарече меѓународен договор (од практични причини во текстот го употребувам терминот договор).

Понатаму, за валидноста на еден меѓународен договор, за кој се подразбира слободна согласност, потребно е да бидат исполнети и два општи услови, прво, да биде склучен од страна на надлежни органи и второ, да постои дозволен предмет на договарање.

Не е спорно дека според меѓународното право (член 7 став 2 од Виенската конвенција за договорно право) претседателите на владите се овластени да склучуваат договори врз основа на нивите функции, без полномошна. Меѓутоа, веќе спомнав погоре дека во договорот се уредуваат прашања за кои Владата нема надлежност. Договорот има и недозволен предмет бидејќи ја исклучува грижата за Македонците во Бугарија иако државите со билатерални договори треба да ја регулираат положбата на своите национални малцинства, а не да се откажуваат од нив. Според меѓународното право, малцинските и човековите права влегуваат во корпусот на правилата jus kogens (апсолутно задолжително меѓународно право) од кои државите не се овластени да отстапат по пат на договорен ангажман (ова е потврдено и од најкомпетентно место - Комисијата на ООН за меѓународно право, Y-book of ILC, 1966/II, стр. 247-249).

Понатаму, договорот е спорен и од аспект на јазикот. Договорите се пишуваат на оној јазик што страните ќе го изберат. Во минатото, до 18 век, латинскиот служел како дипломатски јазик, од 18 век натаму преовладува францускиот, а по првата светска војна започна да се употребува и англискиот јазик. Двостраните договори обично се склучуваат на јазиците на двете договорни страни, што значи дека договорот треба да се склучи на македонски и на бугарски јазик. Во меѓународните односи се случува само страните да го изберат јазикот на едната договорна страна или, пак, поради олеснување, да го искористат јазикот на некоја трета држава, но, меѓународната пракса никако не ја познава јазичната конструкција „јазик согласно Уставот на...“

Заканата спрема државата не е дозволена при склучувањето на меѓународните договори (член 52 од Виенската конвенција за договорно право). Бугарија, со цел да изнуди склучување на овој договор упати закана во смисла дека нема интегрирање/вето за Македонија во евроатланските интеграции доколку не се прифати договорот. Современото меѓународно право ги смета договорите склучени преку закана како апсолутно ништовни.

Гледано меѓународно-правно, договорот е во извесна контрадикторност, бидејќи, од една страна со него се бришат Македонците во Бугарија, а од друга страна се повикува на документите на ООН, ОБСЕ и Советот на Европа, а токму принципите запишани во овие меѓународни документи се во духот на признавањето и почитувањето на човековите и малцинските права. Дури, според овие документи, стабилноста на меѓународниот поредок зависи од тоа во која мера се почитуваат човековите и малцинските права во секоја држава.

Не е на одмет да кажам дека со договорот со Бугарија продолжуваме со погрешниот тактички приод на екстремна кооперативност, налик на оној на претседателот Глигоров, кој, брзопотезно се согласи со промена на Уставот во 1992, промена на името во 1993, промена на знамето во 1995, мислејќи дека така ја импресионира европската јавноста, но, Македонија повратно немаше никаква корист иако практично ги потроши клучните адути во спорот со Грција.

Во договорот со Бугарија е препишана одредбата од Времената спогодба со Грција од 1995 (членот 6) со која се откажавме од грижата за Македонците во Грција, со што сега се откажуваме и од грижата за Македонците во Бугарија. Со ваквиот погрешен приод на екстремна кооперативност, најпрви со Грција, сега со Бугарија, прашање на време е кога и Србија ќе не услови со откажување од МПЦ (доколку Србија влезе во ЕУ, условот за МПЦ е неизбежен во услови кога за Македонија светот завршува во Брисел), па условувањата од Албанија...

За крај, власта прави еуфорија од договорот со Бугарија и ликува што амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и САД го поздравија договорот, но, власта треба да знае дека и во 1913 во Букурешт странските претставници го поздравија Букурештанскиот договор, а знаеме како поминаа Македонија и Македонците со тој договор.

Севкупно, се прави искривување на општо познати меѓународни факти со обидот Македонија да се прикаже како вештачка држава на местото на вистинските вештачко создадените држави како што се Бугарија (создадена од царска Русија и Грција создадена од западот). Патем, за историјата на концептот за обезличување на Македонците чие продолжение е договорот со Бугарија, пишував во мојата претходна колумна насловена како „Клио“.

Како и да е, иронијата да биде поголема, во историјата други нѐ делеле, а сега самите зборуваме и договараме поделба меѓу Македонците.

Јанко Бачев

(Авторот е универзитетски професор и претседател на Народно движење за Македонија)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Без оглед дали сте поддржувач или противник на претходната власт, не можете да оспорите дека таа постави сосема нови стандарди во поглед на мерките, напорите и вложувањата за да се привлечат странски инвестиции, за наши услови. 

повеќе

Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот – САД и Кина имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

повеќе

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе