Договорот со Бугарија!?

Очигледно е дека никој од нашите преговарачи немал знаење за преговори, па оттаму изостанала моќта за постигнување на балансиран договор.

Во 2008 година на г-ѓа Бакојани, преку весникот „Време“ (1 април), кога таа ни понуди потпишување на сличен договор на овој со Бугарија, ѝ порачав дека добрососедството и пријателството се во основата на секоја политика, а без реципроцитет нема помирување и градење на добрососедство. 

Нагласувам дека во светската практика, па ако сакате и договорот склучен меѓу Германија и Франција од минатиот век кој за оваа тема и денес претставува урнек, договорите почиваат на некои системски претпоставки, чија основа се наоѓа во концептот на Аристотел. Прво, тој модел бара коригирање на минатото со доверба и затворање на истото со давање право на жртвите и, врз таа основа, креирање заедничка меморија. Второ, примена на заздравувачката правда која бара одговорност на кого било и заради што било, а потоа воведување на нови норми за иднината. Трето, обесштетување што опфаќа компензација на штетите и реституција на ограбеното национално богатство. Е па драги мои јас лично ништо од ова не слушнав во информациите кои ги даваа надлежните од власта, а богами и од опозицијата за нашата тема. Текстот на објавениот договор сосема убаво го потврди споменатото. Асиметричниот состав на договорот е факт, што укажува дека нашата страна пристапила неподготвена и без знаење како да преговара за овој проблем од неговиот почеток. Или пак го следела моделот на Платон, без да го познава, а кој почива на „авторитетот“ на другата страна.

Тоа веројатно произлегло од оценката за нашата зависност на патот кон ЕУ и НАТО од другата страна, на која треба вака да ѝ се умилкуваме, што за мене е погрешно бидејќи не знаеш како да се справиш со проблемот, односно не знаеш дека постои и друг пристап.

Значи нашата страна отишла на свадба целосно неподготвена, бидејќи немала аристотелски системско-правен пристап каков што го споменав. Очигледно е дека никој од нашите преговарачи немал знаење за ваков пристап, па оттаму изостанала моќта за постигнување на балансиран договор. Она што тука неизбежно мора да се нагласи во оваа прилика е дека овој договор ако биде потпишан онаков како што е, лесно ќе се вброи во оние договори кои според сознанијата во теоријата за преговарање се категоризираат како крајно нерационални, неумни, и нефункционални договори кои им создаваат проблеми на идните генерации. Нема да одам во подалечната светска историја, каде се запаметени многу такви примери, ама почитувани морам да ве потсетам само на два договори кои ни се познати на сите. Првиот е договорот што е потпишан по завршувањето на Првата светска војна, со кој на Германија ѝ беа наметнати неподносливи услови. Тој е историски договор и во теоријата на преговарање е познат, покрај другото, како сериозен поттик на Хитлер да ја предизвика Втората светска војна за да ја врати гордоста на германскиот народ.

Не сакам ова да прозвучи како оправдување на фашизмот, ама Хитлер на Франција откако брутално ја пороби, ѝ наметна нов договор во Втората светска војна, за корекција на претходниот, инсистирајќи да се потпише во истиот вагон во кој беше потпишан и претходниот договор. Ако, почитувани, не ја знаете поуката, која по овој договор е почитувана во теоријата за преговарање и во политиката, е дека не треба пред преговарањето да се појде со намерата непријателот да се види мртов.

А вториот договор или политичката одлука е наша, на демократска Македонија. Политичката елита од тоа време ја отстапи нашата територија околу Св. Прохор Пчињски на северниот сосед, слично како што е отстапен дел од наша територија, на истиот сосед, а која денес се наоѓа на Косово. И така проблемот со прославата на Илинден денес е дека не е можно да го славиме празникот на местото каде што треба. Проблемот нема да биде решен бидејќи е загубен во божемниот лавиринт на односите црква-држава. Тој алтруистички однос кон нашите национални интереси нè следи постојано потоа. Поради тоа јас мислам дека сега надлежните треба сериозно да оценат кои последици ќе ги предизвика договорот за кој тука станува збор. На надлежните е одговорноста за што ќе се определат. Приоритет ќе му дадат на договор што нема да биде функционален заради брз влез во НАТО, без да биде балансиран и функционален, бидејќи не е базиран на системскиот пристап на реципроцитет и трајност. Заради сето ова ценам дека брзањето да се потпише овој договор е сериозна и целосно проблематична политичка определба.

Би сакал сосема накратко да се задржам на уште еден момент што според мене е многу битен и може да стане одлучувачки за иднината на овој договор, но и за нашите дамнешно нереализирани намери за пристап кон ЕУ и НАТО, а на крајот и за опстанокот на државата, а јас досега не го сретнав во расправите. Позицијата и опозицијата имаат спротивставени ставови или политички процени за корисноста и штетите на овој договор, иако ниту едните ниту другите не поаѓаат од принципите погоре споменати. Поради тоа, но и поради сосема изострените и крајно спротивставени политички односи меѓу нив, особено по последните избори, не сум сигурен како и дали воопшто ќе се постигне консензус за ратификација на овој договор. Не знам дали ВМРО-ДПМНЕ ќе заигра или не според онаа изјава на српскиот министер за надворешни работи „како они нам тако ми њима“ или поинаку речено по принципот мило за драго, со што ситуацијата сериозно се комплицира. Уште ако на ова се додаде дека од осамостојувањето на државата овие две партии се со крајно спротивставени ставови за сѐ, а во последно време дури и националните интереси се во залог само да се дојде на власт, тогаш неизвесноста станува крајно извесна. Целисходноста на овој договор треба да се цени и од аспект на тоа какви договори со ваква проблематика ќе склучуваме во иднина со другите наши соседи. Не сум јас ничиј советник, уште помалку наклонет кон едната или другата партија, ама кога станува збор за националните интереси, јас ѝ припаѓам на онаа струја или фракција што ги брани нив без оглед од која партија доаѓа одлуката. Не сум сигурен докрај дали има или не други пазарења, во ова констелација на политичко-правно-праведни односи кај нас. Ако постои нешто такво посакувам да се случи без жртвување на националните интереси. Верувам дека стратезите и на едните и на другите веќе имаат свои процени за оваа крајно неизвесна и сложена состојба. Јас тука и на едните и на другите сериозно им ја препорачувам книгата на Хенри Кисинџер за завршувањето на војната во Виетнам, во која покрај проблемите на поделбите меѓу политичките партии и поделбата на јавноста во САД и се третира и нивното средување.

Македонија во врска со овој договор не ја водеше водата на својата воденица (националните интереси), уште со почетокот на подготовката и особено со потпишувањето на Декларацијата од пред 20-ина години, ниту знаеше како тоа да го изведе. Па затоа денес зборуваме за последиците на тоа незнаење. Сметам дека и тогаш ама и сега за договорот е пропуштена сериозна шанса да се направи урамнотежен и системски издржан договор. За жал надлежните немаа и немаат сериозни познавачи на теоријата за конфликтите и нивното средување, потоа за системскиот пристап. Но за жал тие немаат сознанија ниту за врвните научни претпоставки проверени компјутерски околу преговарачките игри и кооперацијата. Така мислам дека отиде во неврат и шансата, врз таа основа, да се постигне добар договор и особено консензус. Ама за жал кај нас незнаењето е доминантно, а политикантството има приоритет над него, особено во оваа сфера. Кај нас наместо поимот бреиндреин, во политиката ни треба воведување и практицирање на суштината на поимот бреинсто(р)м. На официјалните советници и на политичарите им ги препуштам одлуките, бидејќи тие се одговорни и добро платени за тоа. Во тој круг на надлежни ги вбројувам и дел од професорите од нашите универзитети и академиците кои се повикани да нудат решенија за сите проблеми, вклучително и за предметниот договор, а нивниот ефект од нивните предлози е константен и видлив во последните 30-тина години. Македонија тапка ли тапка во место.

М-р Ѓорѓи Трипков, економист-аналитичар

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Пораката на амбасадорот Бејли среде Скопје, јас не ја сфатив како шлаканица врз ДИК и нивните неодговорни членови (за наша несреќа едногласни во мислите и менталната матрица)!

повеќе

Дипломатијата е уметност невозможното да го направите возможно (Ш.-М. Талеиран).

повеќе

Односите меѓу Грција и Македонија се на клучна точка, вели Катимерини и со ѕвездички дообјаснува дека употребата на терминот „Македонија“ е на авторот и дека не го одразува ставот на весникот. Сепак се чини ова е првпат грчкиот весник да нè напише со уставното име.

повеќе