Диверзија на аверзијата

„Плачењето" и „сечењето вени" на Фејсбук и Сител за да ја докаже љубовта кон татковината е една голема пародија.

Последниот обид на македонските граѓани да им се накалеми Стокхолм синдром, не само што загрижуваат, туку алармираат за мерки со кои ќе биде спречено ширењето на овој „вирус“.

Земјава има бегалец од правдата. И тоа не кој било, туку довчерашен премиер, кој, по сѐ што ѝ стори на истата таа земја и нејзиното население, се закити со повеќе асоцијални титули: крадец, узурпатор на слободата на невини луѓе, манипулатор, диктатор...! Истиот е правосилно осуден за само едно од низата злодела, на начин како што тоа го прават нарко босовите - побегна. Добро се засолни и како сѐ што му направи на својот „толку сакан“ народ да беше малку, скриен како во снајперско гнездо, и од таа далечина - пука кон својата земја. Како припадник на терористичката ИД кој испраќа соопштенија или споделува видео-снимки, без адреса, добро камуфлиран, се обидува да допре до македонските граѓани, кои сѐ уште ги трпат последиците од неговото владеење.

Таа агорафобична личност, која се плаши од надворешниот свет, си има своја логистика -социјалната мрежа фејсбук и македонската национална телевизија Сител. Оттука, со право се поставува прашањето: дали на криминалците од кој било калибар смее да им се овозможи користење на интернетот и останатите медиуми? Особено на бегалците од правдата. Дали ваквите акти не се поистоветуваат со информативните активности на ИД? Колку и да бараме разлика, сепак ја нема или можеби постои само во суштината на пласираните содржини - ИД убива експресно, а претходно споменатиов - стихијно.

„Плачењето“ и „сечењето вени“ на Фејсбук и Сител за да ја докаже љубовта кон татковината е една голема пародија. Додека удира по тастатурата, тој киднапер на иднината на 2 милиона луѓе, сигурно цинично се смее, од друга страна убеден дека кај довчерашните негови заложници ќе предизвика емоции кои ќе прераснат во некаква благодетна врска со киднаперот. Неуспешни обиди. Од сите тие монолози може да се прочита само анамнезата на ова лице.

Да се вратам на поентата. Додека светски познатите ТВ куќи имаат свои правила во случај кога треба да земат изјава од осуденик, кај нас слободното новинарство лошо беше протолкувано од страна на уредништвото на веќе споменатата телевизија. Дали според правните акти има место за санкционирање на авантурата наречена интервју, која веќе ја реализираа? Моралните принципи го осудуваат истото. Делото кое го направија, поттикнато од љубов кон соговорникот, иако личеше на сцена од реално шоу, не кореспондира со етичките норми. Оттука, со право сметам дека мора да постои одговорност за стореното.

И додека граѓаните го славеа историскиот ден на големиот исчекор кон НАТО, од фејсбук профилот на осудениот злосторник пак се лееа зборови на иронија и цинизам. Рафалната стрелба предизвика вознемиреност и гнев кај луѓето на кои им одзеде една деценија од животот. Не можеа мирно да си ја почувствуваат радоста.

Неговото психолошко насилство мора да запре. Час поскоро.

Перса Угриноска Наумоска

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе