Димитров контра Димитров

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

Со ментални акробации македонскиот министер за надворешни работи де факто ги негира сопствените тврдења Nationality – националност или државјанство? Во Преспанскиот договор, според неговиот потписник од македонска страна, министерот за надворешни работи Никола Димитров, формулацијата „Македонец/Граѓанин на Северна Македонија” (или, ако е за националност, „Македонска/Граѓанин...”) означувала признавање на македонска етничка припадност.

Но, сега, кога тоа ви се нуди како опција ако пополнувате електронски прашалник во НАТО, вели „графата е за државјанство, не за етнички идентитет”. Се демантира ли самиот себе си? Или толкувањето зависи од потребите на моментот?

Димитров во пост на Фејсбук ја поучува јавноста дека поимите „Nationality и Citizenship се синоними, иако националност и државјанство не се”. Логично претпоставувам, го знаел тоа и кога го потпишувал Преспанскиот договор. Значи уште тогаш бил свесен дека може да има недоразбирања околу означувањето на етничката припадност на Македонците, оти на Западот не се прави дистинкција меѓу национална припадност и државјанство. Па сепак, на домашентерен на сиот глас го пропагираше и бранеше „големиот успех” во преговорите со Грција – признавање на македонски народ и јазик. Клучен момент, сепак, е она „.../Граѓанин на Северна Македонија”.

И тука веќе нема дилеми за што станува збор – припадност кон наведената држава, т.е. државјанство.

Истиот тој Димитров во гостување на ТВ Телма пред околу три недели (на 5 мај), сега во контекст на проблемот со Бугарија, вели дека „околу таа работа (македонскиот идентитет и македонскиот јазик, н.з.) не може ни да се разговара, ни да се преговара”, дека „јазикот не е прашање што е предмет на признавање или непризнавање на држави. Во меѓународното право држави признаваат други држави и влади. Меѓутоа во 21. век, во Европа особено, не може да се негира правото на изразување и самоопределување”, вели министерот.

Молам?! Па што е тогаш “големиот успех” во Преспанскиот договор и за што воопшто преговараше тој со Грција?! Каква ментална акробација!

Ципрас ги демантира Заев и Димитров

Можат екс-премиерот Зоран Заев и сѐ уште министерот Никола Димитров колку сакаат да повторуваат дека Грција со договорот признала македонска нација и македонски јазик. Ама не ќе да е така. Нивните тврдења беа повеќепати демантирани од грчка страна. Како пример и потврда го наведувам крајно недвосмислениот став на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас во пост на социјалните мрежи: „Тие инсистираат на лажење дека Грција со договорот прифаќа македонска нација и јазик и употребуваат лукавство бидејќи многу добро знаат дека никаде во спогодбата нема прифаќање на македонска нација. Има признавање на државјанство” (@atsipras - според моите белешки би требало да е од 5 јули 2018).

Токму како во толкувањето на Димитров за прашалникот на НАТО. Во двојството на толкувањето на значењето на поимот Nationality ли се состои „дипломатската вештина” на македонските преговарачи? Ако е скраја од умот да се мисли дека со тоа би можела да биде измамена грчката страна, останува далеку пострашното - дека тоа било за да се измами македонската јавност, граѓаните.

Случајности?!

Случајно ли е и што началникот на Генералштабот на македонската армија на видео- конференцијата на воениот комитет на НАТО беше означен како претставник на МК.СКОПЈЕ МОД (?!!!) и без наведување на чинот? За сите 29-мина други беа наведени земјите-членки на Алијансата што ги претставуваат, како и нивните чинови. Случајно ли е што самиот Димитров, како домаќин на министерската видео-конференција за регионална соработка во справувањето со ковид-19, не се потпиша со името на земјата и своето име, како другите учесници, туку само како „Кабинет на МНР”?

Македонија веќе ја нема, дури ни со „придавката”, со која, нели, според Заев и Димитров, доби „лична карта”. Некако премногу „случајности” за навистина да бидат случајни.

Нема место за зајадливост

Македонија зачестено се соочува со тоа што ѝ донесоа договорите со Бугарија и Грција, а кое во времето што е пред нас сѐ повеќе ќе доаѓа до израз. Креаторите на тие договори од македонска страна се принудени да прибегнуваат кон ментални акробации за да ги прикријат или минимизираат негативните последици по Македонија, а и по нивните сопствени кариери, што произлегуваат од одредбите на договорите што ги потпишаа. Притоа се неизбежни контрадикциите со самите себе, со сопствените претходно искажани зборови и тврдења. Не е можно да не се свесни за тоа, но, или се арогантни, или пак сметаат на краткото памтење на јавноста, која е постојано бомбардирана со скандалозни нешта во количество што човечкиот ум речиси и не е во состојба да ги обработи, а меморијата му е преоптоварена за да може сите да ги памти. Или обете.

Најмалку што му е потребно на Димитров, по вревата што се крена во врска со ознаката за Македонците во НАТО, е да биде зајадлив. Бранењето на етничкото чувство и националната гордост, неоптоварено од партиска припадност, не е „(зло)радост”, како што тој го означи во неговиот фб-пост. Но, нивното свесно газење секако спаѓа во таа категорија – и тоа без заграда.

 

Зоран Јордановски 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе

Ако идниот премиер биде македонски Албанец и ако успее сите граѓани на Македонија да се поклонуваат под едно знаме, тогаш – зошто да не!

повеќе