Димитар Ќорнаков – истражувач и афирматор на македонското културно наследство

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

Димитар Ќорнаков (Стојаково, 1927- 2020, Скопје) спаѓаше во редот на компетентните и доследни истражувачи на богатото македонско културно наследство. Во монографските научни трудови посебно место им посвети на спомениците на културата – на црквите и манастирите, на џамиите, амамите, акведуктите… Со јазик прифатлив за пошироката публика, во делата  „По трагите на нашите предци“, „Македонски манастири“, „Соборните храмови во Македонија“ и „Македонска резба“, тој презентира широка слика за македонското богатство и низ синтетички текстови на читателите им презентира широка слика за бројни духовни центри и за личности кои оставиле неизбришливи траги,по кои се препознаваме како народ со длабоки национални корени.

Во монографското колор- издание за македонските манастири, познатиот научник пишува за 36 репрезантативни манастири, кои претставуваат духовни центри и богата културна ризница, со мноштво икони, фрески, стари книги, резбарски предмети и црковни реликвии. „Манастирите претставуваат една неверојатна реалност, милениумски долга, вековита и вечна, една синтеза од витални компоненти што единствено можат да го објаснат опстојот на овој наш мал народ“, ќе констатира Гане Тодоровски. Притоа додавајќи дека „рекле во свое време големи умови од светот (Кондаков, Крлежа) и ренесансата може да си ги препознае своите почетоци во духовните оази на националните тврдини наречени македонски манастири.“ Во ова дело од капитално значење, Ќорнаков пишува за високите дострели на средновековните и преродбенските градители, зографи, иконописци и резбари, кои ги украсувале фасадите на манастирските цркви, ги осликувале со фрески внатрешните ѕидни површини во црквите и го исполнувале ентериерот со богати резбани иконостаси, икони, певници, амвони, архијерејски тронови, целиванија и балдахини.

Повеќе од 30 години Димитар Ќорнаков го проучуваше творештвото на мијачките резбари кои работеле на Балканскиот Полуостров. Во неговиот опсег на интересирања се делата создавани во Бугарија, Егејска Македонија, Албанија и Косово. Нашиот научник ги истражи иконостасите во манастирот Св. Јован Претеча кај Серез, манастирот Икосифнисис кај Кавала, манастирот Св. Богородица во Гуменџе, Солунско, и во црквата Св. Димитрие во Горно Броди, Серско. Посебен акцент стави на истражувањата во Бугарија – на изработката на иконостасот во резба во Пазарџик од Макариј Фрчковски од Галичник, учеството на Петре Гарката од Гари и Димитар Станишев од Крушево (по потекло од Тресонче) во Рилскиот манастир, на двата иконостаси во Калофер, на архијерејскиот трон во црквата Св. Марина во Пловдив и на иконостасот во црквата Св. Недела во Пловдив, изработен од браќата Филиповци.

Димитар Ќорнаков темелно го проучуваше развојниот пат на резбарството во Македонија, почнувајќи од крајот на XIII век, кога е создадена скулптурата на свети Климент Охридски, па сè до крајот на XIX век. Неговите научни согледувања за резбарските центри во Македонија се високо вреднувани од страна на критиката и на стручната јавност. Книгата за „Творештвото на мијачките резбари“, академик Цветан Грозданов ја оцени како „одредена пресвртница во согледувањето на македонската резба од XIX век. Тоа е прва книга на еден историчар на уметноста, кој најголем дел од својата истражувачка работа ја посвети на македонската мијачка резба.“ Како надополна на овие констатации на Грозданов, ќе се повикаме и на мислењето на проф. д-р Милорад Јовановиќ, кој во својот осврт за книгата „Мијачките резбари на Балканот од крајот на XVIII и XIX век“ констатира дека, нашиот автор во својата книга дава опширен приказ, на терен проверен, јасно согледан и целосен поглед за дејноста на мијачките резбари, со претензија да ги покрие сите непотполни полиња во познавањето на резбарството во Македонија. Низ мноштво согледби, тој ги афирмира делата на знаменитите резбари – копаничари: Петре Гарката, Макарие Фрчковски, Димитар Станишев и др.

Димитар Ќорнаков беше раководител и главен истражувач на екипата составена од: археолози, архитекти, историчари на уметноста, а истовремено беше и координатор на конзерваторско-реставраторските дејности на научниот проект за „Полошкиот манастир Свети Ѓорѓи“, каде што работите се одвиваа синхронизирано од 1982 до 1985 година. Резултатите од неговите истражувања беа епохални за нашата средновековна уметност. Во светската литература и кај нас овој манастир го доби своето заслужено место како споменик на културата од XIV век со фреско-живописот, како и со резбарските дела: Големиот крст, полилејот и трите двокрилни врати изведени во плитка резба. Научните согледувања од истражувањата авторот ги презентира во монографијата „Полошки манастир“ и во научното списание „Зограф“ од Белград. Според стручната критика овој монографски труд е сублимат на повеќегодишните истражувања, при што Ќорнаков презентира многу интересни историски податоци за манастирот, кој претставува бисер на македонската средновековна уметност.

Работејќи тимски, со екипи од археолози, историчари на уметноста, архитекти и документаристи, Димитар Ќорнаков, истражувал и проучувал повеќе духовни светилишта и во Преспанско-пелагониската епархија (Битолско, Преспанско и Демирхисарско). Значајни се резултатите и од неговиот научен проект за „Манастирот Св. Никола – Слепче“, Прилепско. Исто така, тој раководеше со конзерваторските работи на повеќе објекти – цркви и манастири. Неговиот влог е особено значаен во заштитата на манастирот Зрзе, на Св. Никола кај Слепче и на манастирот Св. Архангел кај Варош, Прилепско, потоа на иконостасите во резба во манастирот Св. Наум,во црквата Св. Димитрија во Битола, црквата Св. Илија во Радовиш, манастирот Св. Архангел кај Варош, Прилепско и други. По овој повод, треба да се споменат и неговите активности во Заводот за заштита на спомениците. Во оваа институција, преку тимска еднодецениска работа, вршеше евиденција и документација на икони и дрги предмети во цркви и манастири ширум Македонија, а резултатите ги објави во списанието „Културно наследство“.

Димитар Ќорнаков престојувал два пати на Света Гора (Атос), во 1984 и 1987 година, каде што ги проучувал резбаните иконостаси во повеќе светогорски манастири создадени од италокритски и венецијански мајстори-резбари, во чии работилници ги научиле резбарските вештини и нашите мијачки копаничари кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век.

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство, кои денес работат во Заводот за заштита на спомениците, потоа во музеите и во многу други научни институции во Република Македонија.

 

Раде Силјан

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе