Дилентантизмот на Агенцијата за филм

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

Не знам колку време патува едно писмо од Агенцијата за филм до продуцентите во Скопје или во помалите градови на Македонија, до ониe кои конкурирале за поддршка на своите филмски проекти, но знам сигурно дека едно писмо од Америка до Македонија стигнува за седум-осум дена. Иако резултатите од конкурсот за овaа година беа објавени минатиот месец на 16 Јули, официјално известување од Агенцијата, со аргументирано објаснување зошто некој проект не е подржан сѐ уште нема. Барем продуцентот на филмот „Улица Орце Николов бр. 10“ нема добиено никакво известување за ништо. А сите тие 25 дена до денес писмото можеше да го обиколи целиот свет.

Ете толку на почеток за работата на Агенцијата за филм и за нивното почитување и придржување кон член 8 кој вели: „Работењето на Агенцијата се засновува врз следниве принципи: стручност, професионалност, транспарентност и отчетност и одговорност за работењето и за постигнатите резултати.

А да беа и малку професионални, одговорните луѓе на Агенцијата, оние што ги рецензираaт, препорачуваат и кои одлучуваат за тоа кој филм ќе добие поддршка, ќе знаеја дека во професионалниот свет, прво се информираат кандидатите со добро срочени  и аргументирани објаснувања, со точно означен рок до кога можат одбиените да покренат законска постапка и да ги обжалат одлуките ако не се задоволни од нив, и дури потоа резултатите се објавуваат во јавност. И тоа не само на нивната веб-страница.   

И токму затоа, сега, после толку време воопшто не се важни нивните набрзина склепани објаснувања, ако воопшто ги има. Со месеци наназад во јавноста неформално се знаеше кои се фаворизираните кандидати и кој ќе биде изборот. Односно, сите во филмските кругови знаеја дека поддршки добиле проектите на Манчевски и сестрите  Митевски. Секако сите знаеле, но само се правеле луди и изигрувале некаква принципиелност и професионалност.

Од тука одлуката да не се поддржи, односно да не се доделат финансиски средства за реализирање на филмот „Улица Орце Николов бр. 10“ по истоименото сценарио воопшто не изненадува. За потписникот на овие редови таа одлука беше очекувана. Но таа одлука предизвикува огорченост и револт.

 

Верувам дека и другите кандидати чии проекти  не се прифатени го имаат истото тоа чувство на огорченост и револт.

 

 

И покрај огромниот напор авторот на овој исказ да открие на веб страната на Агенцијата за Филм кои се критериумите на оценување на пристигнатите сценарија,  тие критериуми ги нема. Односно документот во ПДФ формат го нема таму.

http://filmfund.gov.mk/wp-content/uploads/2018/09/Pravilnik-za-kriteriumi-1.pdf

 

Затоа би било корисно, јавно и транспарентно Агенцијата за Филм да покаже дека се однесува професионално и одговорно, и да даде релевантно, професионално и исцрпно објаснување како таа ги почитува одредбите од горе наведениот Член 8.

 

Навистина е корисно е да се знае кои се критериумите и стандардите кои рецензентите ги почитувале и според кои тие се воделе во донесувањето на овие одлуки. Односно кои се критериумите и професионалните филмски стандарди, пред се кои се естетските и уметничките, а потоа  и финансиски стандарди, кои се почитувале и според кои е донесена одлуката да не му се даде финансиска поддршка на филмот „Улица Орце Николов бр. 10“.

Но пред Управниот одбор на Агенцијата да одговори на ова прашање де ве потсетам на две битни работи кои ви се добро познати. Зад проектот „Улица Орце Николов бр. 10“

стојат три искусни имиња од светот на филмската уметност, Лордан Зафрановиќ, Наум Пановски и Дејан Илиев. А згора на тоа самото сценарио, според многубројните професионалци од  областа на филмот, теоријата и естетиката, како што се професорот по сценарио и позната сценарист Филип Давид, професорката по теорија и критика Елизабета Шелева, доајенот на македонската филмска критика Благоја Куновски, професорката по игра пред камера Синоличка Трпкова, писателката Оливера Ќорвезировска, позната новинарка Соња Ајановска, академик Катица Ќулафкова, професорката по комуникологија Весна Шопар, професорката по македонски јазик Елка Јачева Улчар и многу други, високо го оценија сценариото и сметаат дека е тоа одлично и во него гледаат исклучителен филм.

И уште нешто повеќе за „професионалците“ и „рецензентите“ кои ги ангажирала Агенцијата за филм: според високите стандарди на Холивудската рецензентски компанија WeScрeenplay, на скала од 1 до 10, сценариото „Улица Орце Николов бр. 10“, во англиски превод, е  оценето со високата оценка 8 (осум), и со тоа е сесрдно препорачано. 

Затоа е повеќе од неопходно да се одговори колку е Агенцијата транспарента, а со тоа и колку е таа професионална и општествено одговорна во ангажирањето рецензенти кои според член 23 од Законот за филм, арбитрарно ги именува директорот на Агенцијата и кои: ги читаат сценаријата доставени со проектите на конкурсот од членот 25 од

овој закон, пишуваат рецензии за сценаријата, му предлагаат на Советот листа по приоритети на сценарија со предлог на проекти кои ги препорачуваат за поддршка од Агенцијата по конкурсите од членот 25 од овој закон.

Кои се „професионалците“ што Агенцијата ги ангажирала да ги читаат и стручно да ги оценуваат сценаријата?  Кои се нивните имиња? Која е нивната професионална  биографија и нивната стручност во областа на филмската уметност, а со тоа и кој е нивниот кредибилитет? По кои стандарди се тие избрани? Кои се нивните професионални квалификации, искуства и постигнувања во областа на филмот? Дали се тие дел од професијата? Колку филмови имаат направено во своите животи? На што има да веруваме? Зошто?

Тие податоци никаде не можат да се најдат на веб страницата на Агенцијата, ниту пак во некој документ до кој постои јавен  пристап.

Дали сметате дека тие, на кои што им е доверена професионална обврска и кои прифатиле да вршат јавна работа и да одлучуваат за уметничката иднина на македонскиот филм, не треба да сносат и јавна одговорност за тоа што го работат?

Дали можеби под оваа тајновитост не се кријат најобични конфликти на интерес, клановска затвореност и заштита на профитабилни лични интереси?

И уште неколку нејасни или сокриени информации:

Ако се доделени средства за дваесетина проекти, колкав е вкупниот број сценарија што се пристигнати на конкурсот? Колку рецензенти се ангажирани за тој број сценарија?  

Дали само неколку рецензенти, да претпоставиме дека се два-три, можат да ги прочитаат сите тие доставени сценарија кои очигледно се пристигнати на конкурсот во голем број?

Постои ли временска рамка во која тие сценарија треба да се прочитаат, да се донесат одлуки за нив и потоа Агенцијата да ги објави тие одлуки? Што работеле рецензентите и комисиите во текот на четири и пол месеци од први март до 15 јули 2020 година?

(Постоењето епидемија е лажно оправдување. Читањето се прави дома, а не во кафеани. Ако одите во меани можете и морате да си ги завршите своите обврски професионално и на време). Постои ли можеби конфликт на интерес меѓу рецензентите и комисијата на Агенцијата која ги прифаќаа и одобрува предложените сценарија?

Толку од транспарентноста, толку од професионалноста, толку од стручноста, толку од отчетноста и способноста на Агенцијата за филм да понесе одговорност за својата работа и своите промашувања.

Дали и покрај сето ова кажано треба да ви се верува дека вашата одлука е објективна и праведна; дека таа не резултата на тајни договарања, пазарење  и меѓусебно делење и на онака сиромашниот колач. Дали е таа донесена на состанок или во интимно кафеанско друштво залеана со виски?

Дали зад одлуката на Агенцијата да не се доделат средства на сценариото „Улица Орце Николов бр. 10“ не се крие од една страна страв од политичките ментори и клиентализам кон политичките моќници, а од друга, пресметка со критичките и креативни гласови, односно со политичките неистомисленици и нивно отстранување од македонската култура во име на репресивната власт?

И како што вели професорот Бобан Карапејовски „зарем е чудно што една државна агенција решава да не се екранизира ова дело? Некако е логично гнилиот систем да не сака да биде овековечена неговата распаднатост. Па, макар и Лордан Зафрановиќ, и Наум Пановски, и најдобрата актерска екипа да стои зад сето ова.

Жално е тоа, што во таа државна пресметка со авторот на овој исказ, кој е постојан критичар на власта и нејзините недоветности, кој е остар критичар на нејзиното прифаќање на кичот и грдотијата наречена „Скопје 2014“,  и кој е критичар на нејзините сериозни политички грешки, колатерална жртва е Лордан Зафрановиќ.

Исказот на ценетиот историчар на уметноста и критичар на културата, Златко Теодосиевски, доволно говори за тој провинциски однос кон легендата на југословенскиот и европскиот филм, Лордан Зафрановиќ.

И на крајот само уште неколку работи. Филмот не е занает, кој се работи по рецепт како што се прават кондури или боза. Тој не е за кондураџии, бозаџии, а најмалку за филмаџии и останати занаетчии и бакали. А уште помалку филмот е индустрија. Особено не во една мала и сиромашна земја која нема ни снага ни пазар да биде индустрија, а „во која нема место ни за сите мртви“. Филмот е уметност, особено играниот филм во чиј центар се режисерот, сценаристот и актерите. Без тоа свето тројство нема филм.

Според сѐ досега кажано, авторот на овој исказ смета дека овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти е селективен, корумпиран и компромитиран, па според тоа и нелегален и нелегитимен. Заради тоа основано е барањето овогодишниот конкурс да се поништи, членовите на комисиите да поднесат оставки и според нов стимулативен закон да се повтори конкурсот.

 Наум Пановски

П.С. Инаку Законот за филм на кој редовно се повикуваат одговорните во Агенцијата и го користат како развеан црвен барјак за да го сокријат своето незнаење, неписменост и своите коруптивни зделки, е рестриктивен, дестимулативен, популистички, автократски, дискриминирачки и неписмено стокмен. Тој изобилува со многу правни недоречености, контрадикторности и недоследности. Токму затоа и работи против филмот како уметност. Но за него друг пат и на друго место.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

повеќе