Дијаспора по потреба на Татковината

Деновиве македонската јавност не ја поштеди од остри критики ни македонската дијаспора обземена од силен наплив на чувства поврзани со случувањата во родбината ни.

Иако не се чувствувам дека сум дел од македонската дијаспора, но без разлика на моите сентиментални сваќања по дефиницијата дијаспора, со фактот што речиси една декада не живеам ниту работам во Македонија, сепак ме вбројува во оваа категорија што верувам дека ќе им даде легимитет на мислите кои следат.

Ги преточувам мислите кои се ројат последниве неколку денови предизвикани после силните зборови на критика адресирани на македонските имигранти расеани по светот, а во врска со нивните јавно искажани несогласувања по повод решението (решенијата) со кои се шпекулира за разрешување на спорот со Грција околу нашето уставно име.

Бев вџашена од дрскоста со која се послужија некои јавни личности и новинари за да ги искритикуваат своите браќа, сестри, соседи распослани по сите континенти за правото кое си го дале да го искажат јавно своето мислење. Па зар вие што живеете во Македонија сте повеќе Македонци од ние што сме растргани по светот? И само затоа што првиве заработуваат помалку од овие вториве. Тажно е да се слушнат вакви аргументи и навреди кои можат само да се подведат под едно, љубомора која се граничи со злоба. Всушност оваа појава е една од главните симптоми на нашата општествена хронична болест на самодеструкција. И во моменти кога гледаме дека опстанокот на Татковината ни е во прашање, наместо да се обединиме и на сите фронтови консолидирано да пратиме пораки до светот дека овој спор е бесмислен, ние како изгладнети волци само демнеме да се појави некоја причина да се нападнеме меѓусебно. Се чини дека не ни е доволно што нѐ толчат од сите страни, па да се дотолчиме и ние едни со други.

Иако не се вбројувам во ниту една категорија на мигранти (економски нити политички), се чувствам повикана да им одговорам на произволните критики упатени во медиумите и социјалните мрежи на темата околу животот во туѓа земја. За сите што завидуваат, љубоморат или сонуваат да се одметнат во некоја туѓина би ви кажала однапред дека каде и да се упатите на запад или на исток, и што и да работите секогаш ќе бидете туѓинци. Можете да се прекрстите како сакате и да се трудите од петни жили да се втопите во локалната средина секогаш ќе останете туѓинци. Причината е многу едноставна, луѓето ги напуштаат своите родни огништа со веќе изгравирана слика во очите за некои рајски предели во кои ќе се отиснат и ќе заборават кои се, од каде се.

Но не, не е така, никогаш. Животот во туѓина е многу потежок од она што се замислува, особено во Европа, каде нашите луѓе се соочуваат со системи на вредности и принципи на живеење кои нам не ни се сѐ уште блиски. И што  можеби уште повеќе придонесува да се чувствувате како туѓинец е токму фактот што сте опкружени само со туѓинци (доколку се отселите во некоја од европските метрополи кои се конгломерати на речиси сите светски народи и јазици). И секој од нив како и вие пати од истата болест, се чувствува како туѓинец, па така обединети во оваа интерперсонална оддалеченост луѓето се само физички, но не и духовно присутни. Тоа секако дека е болест на европските општества, особено оние од Западна и Северозападна Европа каде постои огромна хетерогеност на населението. Луѓето живеат едни покрај други, но не и едни со други. Се чувствува низ сите нивоа таа оттуѓеност и дистанцираност која ја имаат едни кон други, но не само тоа.

Тие остануваат да бидат туѓинци и кон својата нова татковина, град, соседство и тоа се чувствува и меѓу личните односи. Пријателствата се површни, како со однапред одреден датум на траење затоа што секој од страните си носи во мислите некои поблиски, подобри пријатели од својата земја. Од таму доаѓа и објаснувањето зошто нашите туѓинци така нестрпливо ги чекаат летните месеци и ги бројат деновите и паричките кои ќе ги понесат во родната им Македонија да ги потрошат со оние за кои чезнеат во текот на годината.

Ако беше сѐ така розево и ако сé се сведуваше на високиот европски стандард ќе беше едноставно. Пред да се релативизираат и симплифицираат на вулгарен начин животите на повеќе од два милиона Македонци кои живеат надвор од Татковината, барем новинарите би можеле да ги истражат некои од овие социолошки феномени кои се кријат зад потенцијалот за комплементарност на оваа огромна ексо-Македонија заедница со ин-македонската.

Крајно време е да извлечеме поуки од развојот на настаните во спорот со името дека на Македонија и е потребна консолидација по сите нивоа, а не раслојување. Тоа треба да биде едно од нашите главни оружја во остатокот од оваа битка со Грците кои секогаш зборувале и ќе зборуваат по прашањето на нашата татковина со еден глас.

Во спротивнo и светот ќе продолжи да не доживува како изгубени души.

Останува едно  да видиме колку од овие гласно-говорни критичари кои го монополизираат македонскиот патриотизам, колку од нив ќе останат верни на Татковината после денот кога Македонија ќе влезе во Европската Унија со што ќе се отворат границите за слободно движење. Само како еден податок за размислување во таа насока: според најновите статистички податоци во Брисел (каде јас живеам и творам) живеат 2,1 милиони жители, околу 50% се Белгијанци и после француската заедница која зазема 13% од вкупниот број жител, следна е романската со 10%.

И ако еден од главните аргументи кои се пласира во јавноста во одбрана на неминовноста од приклучување на Македонија во ЕУ е стопирање на процесот на одлив на население од државата, тоа е целосна илузија. Влезот во ЕУ само ќе даде дополнителна акцелерација на овој процес особено во првите години. Но, секако на миграцијата не треба да се гледа како негативна општествена појава. Глобализацијата е еден од главните катализатори на раздвижување на луѓето на планетарно ниво кое претставува своевиден модус на севкупен развој преку размена на знаења, технологии, достигнувања и култури. Треба да го разбереме тоа како една сосема нормална цивилизацијска придобивка на 21 век, но да сториме сѐ да создадеме услови во Македонија за амбиент што ќе ги привлече луѓето да видат во нашата земја тло каде ќе сакаат да живеат и творат за да не се преточи во реалност една шега која циркулира по Балканот: Кој последен ќе излезе нека го изгаси светлото!

Наташа Мартинс

(Авторката е Македонка која живее и работи во Брисел, познавач на политиките на проширување и интеграција на ЕУ и состојбите на Западниот Балкан)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Да можеме Благуна да ја прашаме за нашите јадови околу текстот од Нивици, би ја зачудиле.

повеќе

Плукајќи врз музикантите, незнаејќи одработувате за други интереси поведени од разбирливата емотивна нетрпеливост која ја прават криминалците од двете страни.

повеќе

Каков и да биде резултатот од предвидениот референдум за името во септември или во октомври, тој не дава гаранција за обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието за промена на Уставот.

повеќе