Колумна

Дежуловиќ: Или Ѓоковиќ го загрозил здравјето на други или Институтот фалсификувал тест

Честа е чест, а власта е власт, ќудот е ќуд, а судот е суд, и сѐ по законот: има параграфи, па заграби, нек' исто е и за ѓаволот и за Ѓоковиќ.

Фото: ЕПА

Австралискиот федерален судија Ентони Кели одржа школска лекција за правната држава, поништувајќи ја неразбирливата и неразумна одлука на државните власти да му забранат влез на Новак Ѓоковиќ, кој таму стигна за да го освои својот десетти Австралија опен, вкупно 21. Грен слем, и официјално да се запише како Најголемиот На Сите Времиња.

Во една сериозна правна држава за судот и правото нема парламентарни избори, како што ги има за австралиската извршна власт, која својата одлука да му одбие виза на Ѓоковиќ ја донесе удоволувајќи му на гневот на гласачите пред претстојните сојузни избори: по двегодишното страдање со најстроги епидемиолошки мерки во светот на исцрпените Австралијци им фалеше само уште некоја разгалена и невакцинирана светска антиваксерска икона. Наместо јавно мислење, избори, кампањи и анкети за популарност, за судот и правото постојат само закон и параграфи.

А Новак Ѓоковиќ – ви се допаѓал ли тој вам и на судијата Кели или не – направи сѐ што австралиската држава побара од него, без да прекрши ниту еден нејзин закон, пропис и епидемиолошка мерка. Откако јасно и недвосмислено му беше објаснето дека во условите за медицинско изземање од обврската за вакцинација во Австралија е вклучен и прележан ковид-19, Новак кон барањето за виза приложи уредно заверен сертификат од Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“, според кој пред четири недели, на 16 декември 2021 година, бил позитивен на вирусот САРС-КоВ-2, како и потврда од истиот Институт дека само недела дена подоцна, на 22 декември, бил негативен на ПЦР-тестот и здрав, подготвен за Австралија.

И точка. Доволно за судијата Кели.

Од оваа страна на земјината топка беа импресионирани од интегритетот на чесниот судија и австралиската правна држава. „Би сакал да им се заблагодарам на австралискиот правен систем и на судијата Кели, кој случајот го водеше прилично неутрално“, рече братот на Новак Ѓорѓе на прес-конференција, а својот восхит го покажа и таткото Срѓан, додавајќи дека „судијата беше фантастичен, ги почитуваше фактите и ја донесе единствената одлука што можеше да се донесе.“ Господинот Ентони Кели така стана српски национален херој преку ноќ – и тоа буквално преку ноќ, бидејќи судењето на Новак траеше од полноќ до зори по српско време.

Честа е чест, а власта е власт, ќудот е ќуд, а судот е суд, и сѐ по законот: има параграфи, па заграби, нек’ исто е и за ѓаволот и за Ѓоковиќ. Камо, ете, добра среќа и нашите судии да се такви, величествено независни и од извршното и од јавното мислење, па да грабаат по параграфи, сѐ и само по законот.

Камо добра среќа? Ако добра среќа нема во Србија, таква една има во овој текст, па ајде за потребите на добрата среќа да замислиме дека Србија е правна држава како Австралија и дека фантастичниот судија Ентони Кели, наместо во Федералниот суд во Мелбурн, работи во Првиот основен суд Белград. Па потврдата на Ѓоковиќ за позитивен тест за коронавирусот од 16 декември не му стигнала на маса со барање за издавање австралиска влезна виза, туку со полициска кривична пријава и обвинение на Јавното обвинителство против господинот Новак Ѓоковиќ а) по чл. 248 од Кривичниот законик на Република Србија за кривично дело против здравјето на луѓето. Или б) според член 355 од Кривичниот законик за кривични дела против правниот сообраќај, сеедно.

„Судијата беше фантастичен, ги почитуваше фактите“? Еве неколку факти што треба да се почитуваат.

Потврдата за позитивниот ПЦР-тест Институтот за јавно здравје на Ѓоковиќ му ја издал во четврток, 16 декември во 20 часот и 19 минути, а српскиот тенисер утредента, во петок – значи знаејќи дека е заразен – во својот тениски центар во Дорчол се сретнал со десетици момчиња и девојчиња, учесници на детскиот Мастерс турнир што се одржувал таму, дружејќи се и фотографирајќи се со деца, како и делејќи пехари и признанија. А потоа во саботата одработел и фотосесија со новинарите на француски Л’Екип, кои во Белград пристигнале за да му ја врачат наградата за најдобар спортист за изминатата година.

Значи или Новак Ѓоковиќ, знаејќи дека е позитивен на коронавирусот - наместо да е дома во самоизолација, како и десетици илјади негови помалку познати сонародници - учествувал на повеќе социјални настани, свесно загрозувајќи го здравјето и животите на другите учесници и на членовите на нивните семејства, или потврдата од белградскиот Институт за јавно здравје едноставно е фалсификувана за потребите на барањето на Ѓоковиќ за австралиска виза.

Трето, едноставно, нема. Барав вчера цел ден и не најдов.

Не биди мрзлив, го дофатив тогаш Кривичниот законик на Република Србија и заграбив: параграфот 248 јасно и недвосмислено вели дека „секој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапува според прописите, одлуките или наредбите со кои се одредуваат мерки за нејзино сузбивање или спречување, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“, додека во параграфот 355 јасно и недвосмислено се вели дека „оној што ќе направи лажна или ќе ја измени вистинската исправа со намера таквата исправа да се употреби како вистинска, или оној што лажната или изменетата исправа ќе ја искористи како вистинска или ќе ја набави заради употреба, ќе се казни со затвор до три години“.

Единствената преостаната трета можност може да биде, на пример, Новак Ѓоковиќ потврдата за позитивен тест од Институтот за јавно здравје да ја добил со два-три дена доцнење, но ај да не се заебаваме, бидејќи судијата Ентони Кели е познат по тоа што е многу чувствителен на заебавање судови: дури и кога би поверувале во фантастичната можност дека на српскиот бог Новак Ѓоковиќ цели два дена никој не му јавил дека е заразен со коронавирусот, некој од адвокатскиот тим на Ѓоковиќ тоа до денес веројатно ќе го кажеше јавно. Особено откако цел свет веќе со денови зборува за Ѓоковиќевата квака 22 - дали свесно ширел зараза или фалсификувана јавна исправа?

На крајот на краиштата, тоа ќе го објаснеа братот или таткото на Ѓоковиќ, кои имаа одлична можност за тоа на истата онаа прес-конференција на која до имбецилност ѝ се восхитуваа на честа и чесноста на судијата Кели. А кои на прашањето на една новинарка за однесувањето на Новак по 16 декември гневно станаа од маса и ја прекинаа конференцијата и наместо да одговорат, прегрнати запеаја - „Једна земља, један тим, поносим се срцем свим, из Србије долазим, никад не одлазим“.

Како од некаде може да дојдете, а никогаш од таму да не заминете? За тоа ви зборувам. Квака 22. Србија.

Ете, или Новак Ѓоковиќ свесно го загрозил здравјето и животот на другите, или добил фалсификувана потврда за позитивен резултат од тестот. Во двата случаи, пак, казната е, како што видовме, иста, па на Ѓоковиќ не му гинат три години затвор. Или барем, тоа досега го сфативте, немаше да му гинат ако Србија беше правна држава како Австралија, и ако чесниот господин Ентони Кели, камо среќа, беше судија на белградскиот Прв основен суд. Што е - да го кажеме и тоа - сепак подобро отколку белградскиот Ентони Кели да е судија во федералниот суд во Австралија, каде што за намерно ширење на коронавирусот може да се добие и доживотна казна затвор.

Па кога веќе си играме замислување среќа, да се обидеме да ја замислиме и фантастичната можност Србија да е правна држава како Австралија, па на својата најголема ѕвезда на сите времиња да ѝ суди независно од нејзиниот статус и хистеричното јавно мислење. Зашто ќудот е ќуд, а судот е суд, и сѐ по законот: има параграфи, па заграби, нек’ исто е и за ѓаволот и за Ѓоковиќ, и за сите оние помалку славни граѓани на Србија што српските судови ги осудија за комплетно истата работа, и кои од некоја причина наместо во Австралија, завршија во посебното одделение на панчевачкиот Казнено-поправен завод во Вршац.

Ако ви треба помош во замислувањето, ќе ве потсетам, на пример, на случајот на 38-годишниот С.З. од Ниш, првиот Србин осуден за прекршување на мерката задолжителна самоизолација, кого – сѐ според упатствата на Министерството за правда од 18 март минатата година – Основниот суд во Димитровград го осуди на оние максимални три години затвор. Или, ако ви е полесно да си замислите, на случајот на оној тип кого пред четири недели – таман во деновите кога Ѓоковиќ добил потврда за позитивен ПЦР-тест – Апелациониот суд во Белград за фалсификување ПЦР-тестови правосилно го осуди на три години и десет месеци.

Ако и натаму не ви успева да си замислите, не грижете се, не е до вашата фантазија, туку до Србија. Земјата од која можеби се доаѓа, но никогаш не се заминува.

Автор: Борис Дежуловиќ

Извор: Н1

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе

Откривањето на минатото ни помага многу да ги научиме изненадувањата на иднината.

повеќе