Демократијата на задно седиште во време на пандемија

Во оваа ера на пандемија и вонредна состојба која му овозможи на апаратот на извршната власт да стане и законодавец, но и судија, очигледниот авторитарен манир се правда со „митот за менталитетот“.

Поради прогласената вонредна состојба и доделената законодавна моќ на извршната власт, земјата мораше да дерогира од повеќе членови на Европската конвенција на човековите права, и со тоа се најде во друштво на грст земји, сите до една или поранешни републики на СФРЈ или пак на СССР. Сево ова зборува за некаква системски вградена инерција на илиберализмот кај нас: ако во вонредна состојба, човековите права и слободи се сметаат за луксуз, демократијата за празна форма без која се може, тогаш оваа земја никогаш не излегла од парадигмата на еднопартиското владеење.

Пред објавувањето на првиот бриф на Институтот за општествени и хуманистички науки, кој го изготвив со помош на неколку колеги задолжени за проверка на факти, се колебав дали воопшто да предупредувам на очигледното демократско назадување во период на вонредна состојба. Моето колебање беше мотивирано од веќе едногодишното заложништво на исчекување на фамозниот „датум“ на отпочнување преговори со Европската унија.

Од друга страна, не можев а да не се потсетам на сознанието дека Македонија е секогаш во некоја „вонредна состојба“, дека времето никогаш не е идеално да ја критикуваме автократијата – онаа од ерата на Груевски, или од некој друг период – бидејќи постојано сме во исчекување на некаков позитивен сигнал од некаков важен центар на моќ или бдееме над евентуалната штета што може да ја нанесе „внатрешниот и надворешниот непријател“ кој постојано го менува својот облик. По објавувањето на студиите на БиЕПАГ (The Balkans in Europe Policy Advisory Group), кадешто справувањето со пандемијата во Македонија се споменува во контекст на постојана споредба со Србија, и неодамна објавената студија на V-Dem институтот од Гетеборг во која Македонија е сместена меѓу 48-те земји со висок ризик за влез во автократско управување како последица на начинот на справување со пандемијата, заклучив дека слична анализа е неопходно да се изготви и локално.

Предупредувањата на Прибе за нова „заробена држава“

Она што не смее да се заборави е дека во 2016 година, Европската комисија нотираше системски недостаток во напредувањето на земјата во евро-интеграциите кој беше наречен синдром на „заробена држава.“ Со други зборови, македонскиот пример на илиберална демократија развиена во ерата на владеењето на Никола Груевски беше сведен на моделот на „заробена држава“. Спротивно на распространетата употреба на поимот во локалните медиуми, секојдневието, па и од некои експерти, „заробената држава“ не се однесува нужно на корупцијата и злоупотребата (кои се среќаваат во разни форми на управување без владеење на правото), туку, напротив, на легалната (зло)употреба на институциите во полза на неприкосновеното владеење на извршната власт наспроти законодавната и правосудната.

„Додадената вредност“ на оваа асиметрична моќ на извршната власт во контекст на „илибералната демократија“ (хибриден режим или компетитивен авторитаризам) е популистичкото изедначување на извршната власт со партијата на власт, додека партијата и нејзиниот лидер се изедначени со директна, иманентна рефлексија на „волјата на народот“. Тие се отелотворение на чистата народна волја која е навидум едногласна и една, додека опонентот (некогаш речиси половина од населението со спротивен став) не се смета, очигледно, за дел од автентичната нација и нејзината „автентична волја“.

Во 2017, по доаѓањето на новата коалиција на власт, која требаше да го смени илибералниот поредок со плуралистички и суштински демократски модел на владеење, Рајнхард Прибе спроведе уште едно истражување и во септември 2017 година објави втор извештај, во кој констатираше дека „македонскиот случај на заробена држава се состои во самиот систем кој овозможува преголема власт на егзекутивата“ и предупреди дека доколку не се случат системски реформи „постои можност една заробена држава да биде заменета со друга“.

На почетокот постоеја резерви кај независната граѓанска јавност во поглед на владата предводена од СДСМ која во тој период сѐ уште беше силно обележана со поларизирачки дискурс, кој е индикатор за популистички начин на владеење, кои резултираа во слични стравувања како оние на Прибе изразени во неговиот втор извештај. Постепено, со одредени чекори на слух на владата во однос на критиката на јавноста, со постапки на самокритика и корекција, и благодарение на политиките на антинационализмот и регионалното помирување, бевме охрабрени да поверуваме дека можеби, сепак, нема да западнеме во втора и поинаква форма на прекумерна извршна власт и, со тоа, уште една варијација на моделот на „заробена држава“.

Со појавата на пандемијата, и прогласувањето на вонредна состојба од страна на техничката влада, авторитарниот манир на справување со кризата почна да станува сѐ поочигледен, и сѐ понагласен. Од мигот на прогласување вонредна состојба, изгледаше како Македонија во секој чекор да ја следи политиката во Србија: наместо карантин (сеедно дали делумен или на принцип 24/7) беше воведен воен полициски час според моделот на Србија (понекогаш со неможност да се напушти домот ни во тек на 61, па и 85 часови освен за прашања на живот и смрт), парламентот (иако поради затекната околност) не функционира, и со тоа, покрај Србија и Унгарија, се вбројуваме во единствените три земји во Европа кои функционираат без парламент во екот на пандемијата. Дополнително, Македонија и Србија се единствените кои прогласија вонредна состојба во регионот, а, покрај тоа, спроведоа и „радикални мерки“ (парафраза на анализата на БиЕПАГ, стр. 9) на контрола на движењето, честопати, како што вели БиЕПАГ, но и Брифот на Обединетите нации за статусот на човековите права во време на пандемијата, на штета на вистинскиот ефект врз здравјето на луѓето и борбата против ширењето на вирусот.

„Народот е недоветен и прост и треба да се владее со камшик!“

Поради прогласената вонредна состојба и доделената законодавна моќ на извршната власт, земјата мораше да дерогира од повеќе членови на Европската конвенција на човековите права, и со тоа се најде во друштво на грст земји, сите до една или поранешни републики на СФРЈ или пак на СССР. Сево ова зборува за некаква системски вградена инерција на илиберализмот кај нас: ако во вонредна состојба, човековите права и слободи се сметаат за луксуз, демократијата за празна форма без која се може, тогаш оваа земја никогаш не излегла од парадигмата на еднопартиското владеење. Очигледно, парламентарната демократија, со сите нејзини институции и правила на игра, се смета за празен театар кој треба да го одглумиме за да влеземе во друштвото на земјите членки на ЕУ.

Инфантилизацијата на народот како „неодговорен“, „недисциплиниран“, „прост“, „неспособен да ги спроведе основните мерки на претпазливост“ – со еден збор, народ кој треба да се владее со камшик – беше реториката со која техничката влада, и првенствено нејзиниот министер за внатрешни работи, ја правдаше ригорозната политика на полициска држава (која во некои случаи употреби и армија на улиците во спроведувањето на карантинот/воениот полициски час). Важно е да забележиме, дека владата на Никола Груевски ја правдаше драконската политика „на надзор и казна“ (хипер-регулација, инспекции, драконски исклучително бројни парични казни за бирократски тривијалности) со потполно истиот аргумент – „овој народ не разбира ништо освен казна“, претворајќи ги законите во детализирани квази-правилници или хибриди на закони и правилници. Секако, ваквата моќ често се претвораше во дрско институционално легитимирано или легализирано рекетирање на економијата, но и на други категории на вредности, како слободата на мислата и изразувањето. Со еден збор, митот за менталитетот (на народот) беше користен за да се оправда стварноста на авторитарното владеење.

Во оваа ера на пандемија и вонредна состојба која му овозможи на апаратот на извршната власт да стане и законодавец, но и судија (бидејќи бројните и драконски прекршочни казни се ефектуираат без посредување на судот), очигледниот авторитарен манир се правда со „митот за менталитетот“ (на македонската нација, вбројувајќи ги сите етнички групи). На новинарско прашање за тоа зошто мерките се толку ригорозни, Наќе Чулев, министерот за внатрешни работи, одговорил дека се такви поради „менталитетот на народот“. Менталитетот е митот кој се привикува за да се оправда авторитарност, и, со тоа, авторитарноста не е порекната туку, напротив, потврдена.

Менталитетот на елитите е авторитарен

Еве кои се последиците на постојаното призивање на „сеништето на менталитетот“ во оправдувањето на авторитарниот манир на управување: прво, авторитаризмот е прифатлив и може да се оправда (оти народот е „недоветен“); второ, државата или политичката елита претпоставува дека поседува поинаков менталитет од народниот, и дека таа, за разлика од народот, е неспорно компетентна, па затоа владее со цврста рака; трето, дисциплината не е самодисциплина и, како таква, чувство за јавна одговорност и граѓанска ангажираност, туку потчинување на надворешен дисциплинирачки апарат (државата).

Со оглед на тоа дека митовите не се искоренуваат – освен по пат на индоктринација, што не препорачувам – препорачаниот начин на справување со владеењето во кое демократските принципи и граѓански права се сериозно загрозени е инсистирањето на ефикасни политики и владината отчетност. Ова е единствениот начин да се предизвика и промени aвторитарниот менталитет на политичките елити. Ако елитите сакаат да покажат дека го надминале моделот на илиберално владеење по пат на „заробување на државата“, потребно е да се фокусираат на надминување на сопствениот авторитарен менталитет наместо да се занимаваат со тој на масите (кој е предмет на компетенции на антрополози и културолози а не на креаторите на јавни политики).

 Катерина Колозова

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

повеќе