Демократијата е во конфликт со „личните“ ставови на верникот Зекири!

Суверенитетот на Господ нема никаков легитимитет над човековата реална димензија, сам да си поставува закони, сам да креира вредности, права и должности за сите.

Искажаната навреда од страна на пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зекири, упатена кон хомосексуалната популација, неговото упорно и дрско бранење, дека станува збор за само личен став, отвора многу повеќе прашања и допира многу повеќе теми од самата дискриминација и притаена омраза, како и од самата контрадикција на личниот став на Зекири.

Зекири вели дека ставот е личен, и во голем дел е така. Тоа што заборава е дека неговиот личен став има политичка конотација, како човек што високо котира во владејачката партија, која се декларира за реформска и прогресивна. Неговиот наводно личен став, кој во суштина е политички став, е токму тоа, политички став формиран и моделиран од религиски став и поглед на нештата.

Сега многу луѓе застанаа со дебатата на позицијата дека ставот е личен, и тука се завршува. Други истакнаа дека не е никакво чудо политичкиот став и религиската верба да се поклопуваат. Ние треба да сме отворени пред нивните догматски позиции изградени низ заслепен ум и намален човечко разумен капацитет, и да не навлегуваме хистерично во бранење на нашите маргинални догми кои само таму и ќе нѐ оставеле, на маргините. Притоа е дубиозно, како оправданите и аргументирани реакции на веќе догматски ставови, се догматични, но тоа повеќе се семантички проблематики.

Сега, мојот став е нешто поинаков, кон она што го гледам како срамен несензибилитет пред мошне конкретниот проблем каков што се правата на хомосексуалците, и дали воопшто за нив во иднина треба да одлучуваат луѓе чии политички ставови се базираат на религиски догми и верувања.

Демократијата треба секогаш да е атеистичка, секуларна, без оглед на сè.

И тука некој ќе замери дека сакам да го раскинам човека од својот Бог, дека е апсурдно да се мисли оти личноста на верникот може да ја отклони својата религија од своите политички убедувања. Напротив, само ако Богот кој верникот си го создал, му дозволува да се подели помеѓу верник и граѓанин, да се ослободи од „Него“ во јавната сфера, само тогаш религиозната верба е компатибилна со демократијата. Во спротивно, е опасност по демократијата.

Зекири не го направи тој клучен демократски и граѓански чин за еден верник. Во моментот кога се дискутираше за промени и подобрување на нормите кои ги тангираат хомосексуалците, дали поради политичкото нетрпение за тоа од каде доаѓаше предлогот, дали во желба да се наметне како поголем верник, тој се повика на Коранот, и јавно го екстернализираше својот политички став оформен од неговата „приватна“, и која би требало да остане само приватна, религиска верба.

И зошто мешањето на таа верба е опасно по нашата демократија? Затоа што под погрешната идеја дека ние треба да ги толерираме неговите приватно религиски ставови, тој суштински ја убива секоја дебата околу подлабоките реперкусии од неговиот став, кој има намера политички да влијае, и за кој не се воздржува да го меша и наметнува во јавната сфера, кога сè што требало да направи е да го интериоризира, да го задржи во приватната сфера „in interior homine“. 

Притоа, тоа доаѓа од истиот човек и политички актер, на кој отворено му се замерува дека под закрила на слободата на вероисповед, спроведува суптилна опозиција на вредностите на модерноста, на веќе освоените човекови права и индивидуална автономија. Човек кој сопствената жена ја држи забулена или дозволува така да егзистира, негирајќи ги тешко изборените граѓански слободи и права на жената. Ако сме кохерентни пред нашите републикански и профани вредности, на кои една демократија мора да се базира, тогаш ќе заклучиме дека нема место за двојни стандарди, аршини, или така дрска морална хипокризија, особено не, кај оние кои се декларираат како демократски и модерни реформатори, или барем дека припаѓаат на такви политички опции.

Затоа Зекири нема право или не е во право кога изложената критика ја нарекува линч. Повторно се затскрива зад личниот став, креиран од религиска верба или подобро кажано, се затскрива зад своето право на вероисповед. Но, Зекири треба да знае дека во „градот“ и во јавната сфера нема простор за два авторитети, онаа на Бога и онаа на граѓанинот. Еднаш кога верникот ќе побара да го почитуваме неговиот личен став, формиран од религиски став, претендира дека неговиот нарушен сензибилитет треба да стане параметар за божја цензура, и дека никој нема, ама баш никакво право или слобода да се изрази по тоа прашање. Во овој случај, критиката на граѓаните е посилна од затскривањето на Зекири зад наводно личниот став, затоа што само со критика на неговите религиозни догми може да се гарантира автономијата на поединецот пред авторитетот на религијата и политиката.

Не зачудува актуелноста на мислата на Дидро, кој при составување на Енциклопедијата, во 1774 година, ќе напише дека државата треба да го отстрани карактерот на јавна институција на Црквата. Зекири се нарекува теолог, па прашањето е што прави теолог во политиката?! Деспотизмот е секогаш еден вид на политика промовирана од клерикалната класа и источните теократии се одлична парадигма која ја потврдува таквата реалност. И оваа мисла на енциклопедистот Буланжер ќе биде спомената од Дидро.

Јавното добро предвидува разумност, потрага по најдобрите животни услови за секого, мудра прераспределба на ресурсите и можност за споделување на заедничкиот простор, во поглед на смирено и толерантно разбирање на другиот. Оваа визија на „Јавното добро“ не може да содејствува со догматски теории на автореференцијални теолози и хиерархии кои себеси си припишуваат некакваси вечна вистина.

Оттука произлегува и некомпатибилноста на демократијата со извори на виша свест и инспирација, некаков си божествен суверенитет, поинаков од суверенитетот на граѓанинот. Ако сака да биде дел од демократската динамика, на верникот не му останува ништо друго, освен да ја напушти секоја претензија дека ќе ни врши дедукција на правата и нормите директно или индиректно од сопствената вера. Господ може да преживее покрај демократијата, само прифаќајќи го своето прогонство во златниот кафез на приватната сфера на свеста. Уште помалку има за право да го дели општеството и да гетоизира одредени негови членови, во еден вид на хиперфеудализам. Со други зборови, суверенитетот на Господ, нема никаков легитимитет над човековата реална димензија, сам да си поставува закони, сам да креира вредности, права и должности за сите.

Давајќи си самиот закон, наместо да го следи апсолутниот и вечниот господов, прави од хомо сапиенсот, да биде креатор и господар на нормата. Тоа е логика која не може да биде порекната. Кога еднаш тоа ќе го разбереме, ќе сфатиме дека во нас прогресивно се инкарнирани историските освојувања на илуминизмот, хуманизмот и универзалноста на човековата автономија. И дека ние граѓаните сме одлучиле низ демократски процес дел од тој наш суверенитет да го споделиме и со вас пратенику и народен претставнику Зекири, во име на братството, вткаено со еднаквоста, и барањето тие вредности да се манифестираат и материјализираат во поголема слобода и се поголеми права, за сите граѓани кои го составуваат нашето општество и заедница, без разлика на полот, верата или сексуалната ориентација. Ако вашиот Бог е против тоа, и тоа е вашиот личен став, тогаш вие немате што да барате во политиката. Држете се до култот, во рамките што ги дозволува демократијата, и не се обидувајте демократијата да ја сведете на вашите лични и приватни религиски верувања.

Ивор Мицковски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Референдумот во Дојран во недела е поделикатен од оние во Гевгелија, Богданци и Валандово, зашто отворањето рудник во Казандол може да го кутне во уште потешка агонија eзерото кое е прогласено за споменик на природата. 

повеќе

Во Франција, пред, по и за време на Втората светска војна, пушењето, особено француски марки цигари, било чин на патриотизам. 

повеќе

Не постојат „повисоки интереси" од типот на членството во Европската Унија или НАТО алијансата за кои вреди да се прават потценувачки компромиси.

повеќе