ВЕНКО ГЛИГОРОВ

Деловникот на Собранието не е прекршен

Спротивно на изјавите во медиумите на Груевски, Тодоров и Вељаноски, Деловникот на Собранието НЕ е прекршен.

Во главата од Деловникот „II Конституирање на Собранието“ постојат три поглавја што се однесуваат на (1) конститутивна седница и верификација на мандатот на пратениците, (2) избор на комисија за прашања на изборите и именувањата и (3) избор на претседател и потпретседатели на Собранието.

Како што може да приметите, конститутивната седница е ставена посебно од изборот на претседател така што може да се заклучи/толкува дека избор на претседател на Собранието може да се прави на седница што не мора да биде продолжение на конститутивната седница што ја водеше претседавачот Вељаноски.

Во поглавјето „3. Избор на претседател и потпретседатели на Собранието“ пратениците не прекршуваат ниту една точка при изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието (кандидат за претседател на Собранието може да предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата или најмалку 20 пратеници).

За да не го обременувам текстот, пречистениот текст на Деловникот е тука.

Ќе потсетам, а со тоа ќе ги демантирам и Вељановски и Тодоров дека на седницата за избор на Талат Џафери за претседател, „несмасно“ присуствуваа сите пратеници од Собранието заради нивниот страв некој да не го земе столчето на Вељаноски. Јавност на Собранието имаше бидејќи новинарите/медиумите беа присутни во салата. Зоран Заев дента јавно најавил дека ќе има избор на претседател така што сите пратеници биле запознати за седница на која ќе се избира претседател. Бидејќи биле присутни на седницата, пратениците имаа можност да побараат збор при изборот, но не побарале.

Во Деловникот на Собранието никаде не пишува дека избор на претседател се прави во сала на Собрание или дека не може да биде по 18 часот. Во членот 92 стои дека броењето треба да биде со техника или со кревање рака. Изборот беше со кревање рака. Не успеав да видам дека во Деловникот пишува дека седницата мора да биде емитувана на собраниски канал. Ако не била емитувана, тоа е одговорност на раководството на МРТВ што го исклучила преносот од Собранието или имале технички дефект.

Тоа што е најбитно е дека избор на претседател направија пратеници со оформено парламентарно мнозинство, така што не му држи тезата на Тодоров дека секој ќе може така да прави во иднина. Ако малцинство од парламентот изгласа нешто - тоа ќе биде противуставно и неделовнички и со тоа ќе нема правна сила. И ќе може да се смета за противуставна активност.

Од погоре изнесеното излегува дека ако Иванов е во право со недавањето на мандатот, тогаш по ист терк во право се и пратениците што го изгласаа Талат Џафери за претседател на Собранието. Ако Иванов не е во право, тогаш тој треба да го додели мандатот, а пратениците во нормална процедура да го изгласаат претседателот на Собранието. Како и да се земе, парламентарното МНОЗИНСТВО е тоа што треба да ја води државата. И во двете варијанти, коалицијата што ја предводи СДСМ е победник.

На крајот сакам да укажам дека „дупката“ (или дефинирањето на надлежностите во два посебни дела) во Уставот што ја користи претседателот Иванов за да не го даде мандатот за Влада треба да се поправи. На ист начин треба да се пополнат „дупките“ во Деловникот на Собранието што ги искористија пратениците од В-Д за да го блокираат Собранието. Дупката што ја искористи СДСМ за да изгласа претседател на Собранието треба да се поправи исто така. На пример, конституирањето на Собранието да има рок од 15 дена на ист начин како што има рок за формирање влада. Можеби треба да се вметне во Деловникот дека при конституирањето на Собранието прво се формираат пратенички групи чии претставници имаат право да зборуваат при конституирањето, а не сите пратеници. Но тоа се техникалии што може да се решат со подетална анализа на проблемите што излегоа сега.

Кризата се јави во моментот кога сите помислија дека се во право и во согласност со Уставот и законите и со тоа се создадоа непотребни конфронтации и одложувања за формирање на најбитните институции во Македонија. Ова нека биде поука повнимателно да се креираат најважните законски документи на Македонија и да не се тргнува од оптимистичката варијанта дека сите се чесни, туку од песимистичката варијанта дека сите се нечесни и може да толкуваат по нивна волја за евентуално да го заштитуваат криминалот и измамите.

Венко Глигоров

П.С.

Некој може да праша дали сум компетентен да зборувам за деловници. Сигурно сум на исто ниво и дури покомпетентен од Тодоров како правник што води „здравство“ и Груевски како економист што толкува Деловник и Устав. За поголем дел од пратениците што носат закони или го толкуваат Деловникот - со моето знаење и искуство за нив сум „правник пар екселанс“. Во оваа прилика не ги коментирам потплатените експерти од страна на В-Д, па и СДСМ, кои се однесуваат како политички џубокс и толкуваат по нарачка.

За оние што не се запознати, имам прилично сериозно искуство во креирање деловници. Сум ги креирал, усвоени се и се во употреба деловниците на собранијата на МАСИТ (2000) и Сојузот на стопански комори на Македонија (2005). Сум учествувал во изработка на закони и законски прописи што се усвојувале во Собранието на РМ од областа на економијата и финансиите (период од 2002 до 2008). Исто така бев шеф на работната група што ја поднесе Декларацијата за забрзан развој на информатичката технологија во Македонија - документ што се усвои во Собранието на РМ со акламација од сите пратеници и пратенички групи.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Сите овие промашувања на Груевски имаат едно заедничко - дирекно ја загрозија државноста на Република Македонија.

повеќе

Во САД и во многу европски земји, просечните плати стагнираат, и покрај тоа што многу од економиите закрепнаа од финансиската криза од 2008 година.

повеќе

(Полемика: „Стратегија за прашањето на користење на уставното име на Република Македонија во ООН“, Игор Јанев, МКД.мк, 11 ноември 2017)

повеќе