Дејугословенизацијата, „Мртов Шиптар, добар Шиптар“ и Софискиот меморандум

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

На прашањето за потеклото и дејството на навивачките групи бев наведен и во 2012, кога еден новинар, во рамки на проект финансиран од Британската амбасада, ме интервјуираше за тоа како гледам на нивното создавање и функционирање. Впечатокот и тогаш и сега е истиот: политички и полициски. Што во Македонија и по 1990 е прилично поврзано. Бидејќи нема позначајна навивачка група во која службите немале увид, а не е поврзана преку клубот, со пари од локална самоуправа, јавна фирма или економски и/или политички моќник. Што најчесто е исто. Еднакво како што навивачките групи и јавно имаат политичка блискост или се јавувале било како основа за политички подмладоци или произвеле политички ликови. Или резимирано, со скандирањата „Мртов Шиптар, добар Шиптар“ или „Македонско девојче, курва шарена“, инструирано не навредуваат од наши пари.

Нивниот историјат објаснува многу. Навивачки групи „спонтано“ почнаа да никнуваат од средината на 1980-те, кога скопски „Вардар“ стигна на врвот на Ју-лигата, а паралелно со прославата на Газиместанскиот јубилеј  и со рушењето на ѕидовите низ Скопје и Западна Македонија за спречување на „групирањето на иредентата“. Процесот се интензивира особено во почетокот на 1990-те и создавањето на новата фудбалска лига. Наивно е да се верува дека Службата била надвор од процесот.

Затоа не изненадува што нивниот опус на говорот на омраза е заснован на етничко, а не на клубско ривалство и оди паралелно со регионално-политичките процеси: за време на ембаргото кон Милошевиќ 1992-93 скандирањата беа „За Шиптари – „Фокер“ авион“, а од 1996 до 1999, кога по Рамбује започна НАТО интервенцијата во Косово текстот беше „За Шиптари – гасни комори“.

Притоа, апсурдот на навредувањето е што македонските Албанци ниту тогаш, ниту сега не бараа промена на името на Македонија, ниту бараа ревизија на историјата, ниту го негираат постоењето на Македонците. Исто како што навивачките групи на Албанците се соочија со местенката на нивните партиски „покровители“ кога после настаните на скопското „Кале“ – одлежаа кој пола, кој цела година, а некои од нив – не беа ни присутни на тепачката. Но, за тоа поделените општества нема да изустат ниту збор.

„Бугари – Татари...“

...остана константа и на навивачките, но и на дискурсите на скопската службењачка елита и нејзините политички полупроизводи, а денес суптилно но интензивно пак се комуницира и преку социјалните мрежи. Значи и пред и по договорот Георгиевски-Костов, иако Бугарија беше практично единствениот извор на енергенси и производи за Македонија, а и пред и по договорот Заев-Борисов, иако тој беше дел од проектот на нормализацијата на односите со соседите и од интегрирањето на Македонија.

Заедно со „Двете червени“, конвертибилните 2 х 100 југословенски динари кои на „надобудните омладинци“ им овозможуваа чувство на машкост и надмоќ што не можеле да ја добијат „по дома“ од 1988 до 1992, а ја базираа на субкултурата на изолираната, заспана СРМ несвесна дека 24 милионската федерација им умира пред очите. Затоа тие денес се небитни. Како и нивната носталгија меѓу две тури „лесковачка скара“ и сеќавања за старото Скопје, пред и постземјотресната политичка касабичка заспана во сонот на „неуништивата Југа“, кога „Тито пушеше пура пред Никсон во Белата куќа“. Оти Тито нема запалено пура веќе 40 години, а „Југа“ се виде дека е уништлива. И тоа крваво.

Дејугословенизацијата и декомунистикацијата се ерес, но без нив нема заштита на идентитетот ниту на Македонците ниту на нацијата

Затоа како по правило – секогаш штом пред Македонија се појави можност да ги нормализира внатрешните и односите по коридорот 8, настанува општа галама меѓу „македонските“ партии, нивните „интелектуални ерудити“ со загарантирани столчиња во мејнстрим медиумите и службењачките производи. Но, ако галамата пар децении беше „дразба“ за јавноста, денес таа е воздржана и исчекува да помине галамата за да изгради став според разбирливи пораки и факти.  

Така, инстинктивно препозна дека во „осудата“ на говорот на омраза предничат (децата на) оние кои ги местеа своите сограѓани за идео-политичка диференцијација во 1980-тите и од 1945 беа „угледни граѓани од угледни семејства“. А денес се распоредени во „објективни медиуми“, провладини НВО-и и „партии“, „бркаат“ руско влијание и ја колнат „Удбата“... според обемот на добиените грантови. И сфаќа дека „пироманите“ и „пожарникарите“ работат заедно.

„Играта“ пропадна кога „про-западната наратива од Али Експрес“ во „аферата Дака“ нарикаше над судбината на ШИК „Јелак“ во Тетово, но замолча за планираните руско-кинески ветерници исправени во Овчеполието на триесетина километри воздушна линија од НАТО-полигонот Криволак – сржта на разговорите објавени пред изборите.

Исто како што по објавувањето на Софискиот меморандум, за „објективците на батерии“ прашање беше како се чувствува екс-министерот за надворешни, а не зошто дел од Владата, ако не и пошироко знаел за документот скоро месец и половина пред за него да дознае јавноста и зошто е пропуштено тоа време? Или како мешовитата историска комисија со Грција „е скоро готова со работата“, а онаа со Бугарија поради изборите запре некаде на крајот на 2019? Или зошто Заев не сака позициите на Македонија да бидат утврдени во Собранието, низ расправа?

Да се потсетиме: од почетокот на грчко-македонскиот спор за името, сите странски пораки беа дека е билатерален и не треба да влијае на нашите интегративни процеси. Со Преспанскиот договор и промената на името во Уставот, стана јасно дека тоа прашање беше повеќе од билатерално. Денес во однос на Софискиот договор ја слушаме истата формулација – дека станува збор за билатерално прашање. Владата и партиите воопшто не се искрени доколку не потсетат дека солидарноста на ЕУ што ја уживаше Грција еднакво и е на располагање и на Бугарија. Потценувањето на предизвикот во однос на Софија денес може да биде еднакво штетен како и во однос на Атина тогаш, бидејќи процесите се комплементарни, а проширувањето во Брисел денес е многу пониско на листата на приоритети во однос на претходниот период.

Особено што поместувањето на позициите на Бугарија кон македонскиот народ во однос на оние од пред три и повеќе децении може да се забележи како финеса, но тоа ќе биде корисно доколку научната фела, политиката и дипломатијата во Македонија влезат во процесот одговорно, стручно и совесно. И тука не помагаат ни навивачки групи ни емоции, туку работа, соработка со сите европски и американски колеги и посветеност на процесот.

Оттука, дејугословенизацијата како лајт-мотив не е подметнување, туку лоциран инструмент – соопштен од Софија, посакуван во Брисел. Ако Владата не ја посакува, опозицијата мора да ја дочека подготвено. И со решителност отворено да ја застапува и суштински да ја спроведува.

Ивон Величковски, иницијатор на Движењето за Нова Република

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе