Колумна

Дефлексијата во Гешталт-терапијата – зошто избегнуваме контакт со околината?

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

Цртеж: Дарко Митревски

Нашиот контакт со околината зависи од тоа како ја доживуваме – како топла и пријателска, со која стапуваме во интеракција без страв и во која можеме да ги задоволиме своите потреби, или како ладна и незаинтересирана, често и непријателска, во која за нас е „резервирано“ одбивање и неприфаќање и во која нема збор за задоволување на потреби. Во првиот случај нашата енергија е фокусирана на воспоставување, а во вториот на избегнување и одбивање на контакт со околината.

Говорејќи за отпорот во комуникацијата со околината, Гешталт-терапевтите Ирвинг и Мириам Полстер зборуваат за „хранливо возвраќање“ како за пресудна карактеристика, која е одлучувачка дали ќе имаме добар контакт со околината или тој контакт ќе го одбиваме. Имено, доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст. Но, доколку нашите напори не ни го обезбедат тоа што го сакаме, остануваме заглавени со вознемирувачки чувства како што е лутина, конфузија, омраза, немоќ, разочарување и чувство на залудност. Тоа се ситуации кога почнуваме да го модификуваме начинот на кој воспоставуваме контакт со околината. Перлс, Хеферлин и Гудман говорат за шест обрасци на модификуван контакт со околината, од кои секој има свој изразен стил: интроекција, проекција, ретрофлексија, конфлуенција, еготизам и десензитизација, а Полстер и Полстер воведуваат и седми – дефлексија.

Полстер и Полстер дефлексијата ја дефинираат како маневар за избегнување на директен контакт со другата личност и начин за одземање на интензитетот на актуелниот контакт.

Избегнуваме директен контакт (или го одземаме интензитетот на актуелниот контакт) кога непрестано зборуваме, кога сме преопширни во ситуации кога можеме прецизно да се изразиме и со неколку збора, кога се смееме за да ја намалиме непријатноста или сериозноста на некој настан, кога се однесуваме како да не сме чуле што рекол соговорникот, кога не одговараме на поставено прашање или кога прескокнуваме одредена тема.

Дефлексијата како механизам ја откриваме, ја учиме и ја усвојуваме најмногу додека растеме, во зависност од нашите искуства со околината. На таа возраст не знаеме за поимот дефлексија, но знаеме со кои луѓе се чувствуваме радосно и слободно, а со кои стегнато и „под рачна“. Без двоумење знаеме со кого сакаме да бидеме заедно, а со кого не. Токму во интеракцијата со луѓето со кои не сакаме да го минуваме своето време, интуитивно откриваме и развиваме маневри како на тој контакт да му одземеме од интензитетот, ако веќе не можеме целосно да го избегнеме. Маневрите на дефлексијата се отсликани и во нашите јазички изрази – „Зборувај за да го збуниш противникот“ или „Почнува да раскажува од дедо Ное“.

Примарна цел на дефлексијата е да избегнеме директен контакт со другата личност, додека истовремено задржуваме фасада на коректен разговор во дадениот контекст. Дефлексијата, сама по себе, набљудувана надвор од контекстот, не е ни лоша ни добра. Таа е тоа што е. Ситуацијата е јасна кога таа е наш свесен избор. Проблемот почнува тогаш кога дефлексијата е дел од нашето однесување, а ние за тоа не сме свесни. Во пракса тоа значи дека рефлексно избегнуваме директен контакт со другиот и тогаш кога тоа не ни е намера, и на тој начин пропуштаме прилика да запознаеме луѓе со кои би можеле да воспоставиме добар контакт.

Така, доколку е наш манир на луѓето да им нудиме празна учтивост и фини манири како замена за контакт, ќе ги одбиеме од себе оние луѓе што бараат суштина, размена на идеи и искуства и запознавање. Тие ќе се уморат од размена на непоттикнувачки содржини, кои не водат никаде, и од безуспешни обиди да „допрат“ до нас. Контактот подразбира живост, јасност, став и размена. Видливост и опипливост. Разговор „со“ соговорникот, а не „на“ теми во кои се губиме во размена на неважни информации.

Од друга страна, дефлексијата има и заштитна улога. Таа е начин да направиме и да одржиме дистанца помеѓу себе и другите и на тој начин да се заштитиме од интензивни дразби или несакан контакт. Затоа е важно да ја освестиме. Тогаш можеме да бираме бидејќи тогаш знаеме што правиме.

Кристина Пота Радуловиќ, психотерапевт, клинички психолог и гешталт-терапевт

*По покана од авторката режисерот Дарко Митревски црта онака како што ги чувствува текстот и темата

Легенда под Главна слика

Цртеж: Дарко Митревски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе