Дали Турција во НАТО станува Британија во ЕУ?!

Замислениот нов светски поредок од САД на почетокот на деведесетите години од минатиот век, кој требаше на САД да ѝ обезбеди челно место како „светски команден мост“, веќе доживува трансформации.

Да потсетам, во Турција во текот на ноќта помеѓу петокот и сабота имаше обид за државен удар, а судири избувнаа ширум земјата, од Анкара до Истанбул. Во светот се наметнаа повеќе дилеми.

САД, водечката земја во НАТО, во изјава за јавноста истакна дека ја поддржува демократски избраната власт во Турција, што на прв поглед упатува на подршка за Реџеп Таип Ердоган како претседател на земја близок сојузник на САД во НАТО.

Меѓутоа, поддршката меѓу сојузници, се разбира доколку е искрена, доаѓа веднаш по првичното удирање на пучистите. Подршката за Ердоган од сојузниците САД, Британија, Франција... почна да се реди откако стана јасно дека Ердоган воспостави контрола во земјата.

Во превод, ваквото однесување значи дека доколку успееше државниот удар, САД и сојузниците во НАТО ќе ја признаеа новата реалност преку вообичаено соопштение во стилот дека власт избрана на демократски избори не води секогаш кон демократија, можете да имате демократски избрана влада, но да немате демократски засновани реформи, дека слободните избори не се секогаш вовед во вистинска демократија, дека самите избори не се доволни... и слични флоскули, што значи дека заминувањето на Ердоган во историјата ќе беше поддржано од НАТО.

НАТО има Центар за кризни сиутации кој работи 24 часа, а пет дена по обидот за државен удар нема најава за свикување на Северно атланскиот совет (составен од постојани претставници од сите земји членки на НАТО) кој за многу понебитни прашања се состанува еднаш во неделата. Ова имплицира дека обидот за државен удар во Турција за НАТО не е важно прашање.

Значи, од однесувањето на НАТО (САД) може да се изведе заклучокот за нивната подготвеност да го жртвуваат Ердоган. Е сега, Ердоган ова го знае, а и САД знаат дека турскиот претседател знае.

Затоа, сега со право се наметнува прашањето што после овој обид за воен удар, кој, за разлика од претходните пет во поновата турска историја, остана неуспешен.

Едно е јасно. Досегашните односи НАТО-Турција, додека Ердоган е водачот во Турција повеќе нема да бидат исти. И тоа од оправдани причини. Во услови кога Ердоган виде нешто за што и самиот изјави дека овој државен удар е од бога дојден и му ги отворил очите, јасно е дека се појави пречка во искреното сојузништво на Турција во НАТО, во услови кога сојузниците молчешкум се согласија Ердоган да биде решен преку државен удар.

Оттука, дали е претерано ако се каже дека Турција сега не гледа причина да не го повтори она што неодамна го направи Велика Британија во Европската Унија. Членот 13 од Северено атланскиот договор од 4 април 1949 дава таква можност. Во моментов изгледа малку веројатен таков пресврт во турската надворешна политика, дотолку повеќе што во Турција е големата база на НАТО во која има нуклеарно оружје.

Меѓутоа, начинот на кој се развива НАТО познава флексибилност која се манифестира на бројни начини. На пример, Турција да остане полноправна членка на НАТО и нејзините политички структури, а да се повлече од интегрираната воена структура (случајот Франција од 1966) или пак да истапи од интегрираната воена структура на НАТО, но, да учествува во планирањето на колективната одбрана (случајот Шпанија по рефередумот во 1986).

Во моментот, случајот на Турција можеби се наоѓа на средина помеѓу она на Британија во ЕУ и оние на Франција и Шпанија во НАТО, но, како и да е, ситуацијата во Турција бара посебна, добро подготвена стратегија, а останува да ја видиме пораката од Ердоган.

Со еден збор, многу веројатен е поинаков чекор на Ердоган од досегашното цврсто сојузништво.

Се наметна и дилемата зошто водачите на државниот удар не се појавија лично на заземената државна телевизија да соопшат дека ја преземаат власта. Треба да се знае дека државните удари кога ги изведува највисокото воено раководство, истото излегува со јавно обраќање бидејќи тоа симболизира единство, учество на целата армија, харизма и авторитет кај војската и народот. Во Турција обидот за атентат го изведе дел од армијата и лица од пониската командна структура. Дури началникот на турскиот генералштаб беше во заробеништво, и оттука пучистите пресметано одат на варијанта да го сокријат од јавноста своето фракционерство во армијата, односно, да се отстрани во критичните моменти непожелната слика дека зад државниот удар не стои воениот врв.

Патем, сите досегашни пет државни удари во Турција  се изведени од највисокиот воен врв, кој ја соопштувал пораката, а не како во случајот со заробената новинарка која ја објави веста дека војската го презема водењето на земјата.

Понатаму, се виде дека по масовното апсење на генерали во 2011, во Турција има тенденција за јакнење на полициските на сметка на воените сили кои дотогаш се неприкосновени во Турција.

Ова звучи познато, бидејќи истото, заедно со поставувањето на македонските знамиња за јакнење на патриотизмот е пресликано од Турција каде исто така често се среќава турското знаме.

Една од причините зошто државниот удар во Турција пропадна е фактот што Ердоган успеа да се докопа до телевизиско обраќање на Си-ен-ен турк со неговиот глас и лице, но, побитен е податокот кој речиси и не се спомнува дека Ердоган дојде до броевите на милиони турски претплатници на турските мобилни оператори и со еден клик испрати порака народот да се собере на плоштадите и аеродромите. Луѓето го послушаа Ердоган и излегоа масовно и храбро се спротивставија на тенковите. Ова упатува на контрола на Ердоган врз разузнавачките структури во земјата.

Збор-два за Фетулах Ѓулен. Во јавноста Ердоган го претставува како најголема закана, дури, божем посакува негова екстрадиција за да биде решен во Турција. Но, зад сцената, Ѓулен очајно му е потребен на Ердоган да дејствува во странство и преку постојаното конфронтирање со него дека работи против народот и државата, всушност ја јакне својата власт. Преведено на домашен терен, нешто слично со т.н. од власта соросоиди, кои ако не постоеја, власта ќе ги измислеше бидејќи стануваат добар материјал за нејзино опстојување и јакнење.

Секако дека изнесеното во текстот има свој контекст со Русија, но, за ова во друга прилика. Тука само да споменам дека освен САД, има и други претенденти за решавачко влијание, дека Русија отворено покажува дека лесно е отпишана од некогашната позиција на супер сила. Затоа, првично замислениот нов светски поредок од САД на почетокот на деведесетите години на минатиот век, кој требаше на САД да ѝ обезбеди челно место како „светски команден мост“, веќе доживува трансформации. Новиот светски поредок очигледно прераснува во сложен процес со неизвесен исход, односно за поредок за кој многу се зборува, меѓутоа сѐ уште не се знае како дефинитивно ќе изгледа и на чии интереси ќе служи.                   

                                       Јанко Бачев

(Авторот е универзитетски професор и претседател на Народно движење за Македонија)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Kога веќе треба да се држи комбинирана настава, колку и да е комплицирана таа „равенка“, во неа не смее да се забораваат децата кои учат онлајн.

повеќе

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе