Дали претседателските кандидати придонесоа за градењето позитивен мир низ кампањата?

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

Прашањето за добрососедските односи, како еден од факторите за градење мир, потоа економските процеси и прашањата за развојот, се јасни показатели за нивото на демократија, мерено преку политиките и политичкиот јазик и стил што се користи како индикатор за градење на позитивниот мир во земјата, па и во регионот. Колку претседателските кандидати и на кој начин ги користеа овие теми во своето претставување пред граѓаните?

Мирот се воспоставува и регулира само преку демократски процеси на спроведување на политиките. Сите политичари треба да бидат одговорни доколку нивната реторика покажува или повикува на конфликт, бидејќи конфликтот сам по себе имплицра предизвикување страв и заплашување, а не почитување на човековите права и демократијата. За воспоставување и одржување на мирот влијаат многу фактори од општествена, економска, политичка, културолошка, географска, историска и друга природа. Без разбирање на факторите кои создаваат и одржуваат мирни општества, нема да биде возможно да се развиваат програмите, да се креираат политики или да се разберат ресурсите потребни за изградба на мирни и стабилни општества. Истите фактори кои создаваат мир, доведуваат до многу други позитивни резултати кон кои се стремат општествата, како што се просперитетните економии, поголема инклузивност на граѓаните во креирањето и реализирањето на јавните политики, високо ниво на отпорност и општества кои се способни да се прилагодат на промените.

Фактори на позитивниот мир

Врз основа на ова, кога се зборува за позитивните аспекти и карактеристики на мирот, се укажува на терминот позитивен мир. Според Институтот за економија и мир позитивниот мир може да се опише како создавање на оптимална средина во која човечкиот потенцијал може да се развие. Понатаму, позитивниот мир се дефинира како севкупност на ставови, институции и структури кои создаваат и одржуваат мирни општества. Позитивниот мир не се поврзува само со повисоки нивоа на мир, туку и со посилни макроекономски перформанси, бидејќи факторите кои одржуваат помирољубиви општества, исто така, обезбедуваат рамка за силен економски развојИнститутот за економија и мир секоја година од 2014 година наваму објавува извештаи за позитивен мир, анализирајќи ги факторите кои влијаат на одржување на мирот. Мерењето на Индексот на позитивен мир во овие извештаи се пресметува преку осум главни фактори, столбови на мирот: добро функционирачка влада, здраво деловно опкружување, рамноправна распределба на ресурсите, прифаќање на правата на другите, добри односи со соседите, слободен проток на информации, високи нивоа на човечки капитал и ниски нивоа на корупција.

Наоди од мониторингот на политичкиот дискурс на претседателските кандидати

ИМПЕТУС - Центарот за интернет, развој и добро управување спроведе мониторинг за откривање и објаснување на политичкиот дискурс, лексиката и елементите на реториката, но и елементите од програмите на претседателските кандидати кои индиректно влијаат на развојот на позитивниот мир во државата. Впрочем, на кое ниво треба да постои политичка одговорност за искажаните ставови, бидејќи и неспроведувањето на политиките за кои се залагаат преку јавно искажаните ставови треба да се преземе како одговорна и отчетна мерка. Всушност, политичарите треба да одговараат и да дадат отчет за неспроведувањето на политиките за кои се залагаат. Во мониторингот е констатирано дека за сите претходно наведени фактори кои влијаат на позитивниот мир потребно е да се дискутира многу повеќе во јавноста, дотолку повеќе што вредноста на индексот на позитивниот мир во државава е во постојан пад.

Преку истражувањето се утврди дека претседателските кандидати во изборната кампања многу малку ја споменуваа потребата од постење на добро функционирачка влада како фактор за развој на општеството (кандидатот бр. 2), прифаќање на правата на другите (кандидатот бр. 1 и 3) и добри односи со соседите (кандидатот бр. 1 и кандидатот бр 3). Третирањето на овие теми во рамките на нивните настапи не беше соодветно, ниту согласно интересот на јавноста и граѓанинот. Се чини дека во поголем обем беа насочени кон граѓанинот само како гласачко тело и во зависност од локацијата се третираа посебни теми и сегменти од областите на позитивниот мир.

Политичките партии во рамките на своите програми нудат мерки и активности кои се клучни елементи на нивните политики и идеологии, кои, сепак, не успеваат целосно да ги исполнат бидејќи сé повеќе се фокусираат на политичкото опкружување и ги дизајнираат согласно процесите во државата. Во таа смисла прилично е интересно како се користи реториката за објаснување на ваквите процеси, од различни партиски припадници/приврзаници и членови, а особено од претседателските кандидати во овој период зад кои застанаа политичките партии.

Нема демократска зрелост за борба со аргументи и факти

Политичката реторика што се користи во нашата држава се базира на неколку појдовни точки. Како наратив, кој е однапред утврден преку покривање на неколку точки на интерес, во својата основа содржи елементи кои влијаат на градење позитивен мир. Во рамки на истражувањето беа земени предвид изјавите од претседателските кандидати за време на кампањата, како и анализа на наратив и пораки во нивните изборни програми. Некои од тие изјави беа земени доста сериозно, како закана за демократијата и мировната стабилност во земјата. Сепак, за голем дел од тоа граѓаните не се свесни. Широкиот аудиториум го зема здраво за готово сето она што го кажува политичарот.

Во рамки на претседателските избори 2019, вокабуларот на кандидатите за функцијата претседател, но и на партиските лидери, како нивни поддржувачи, изобилуваше со навредлива, непристојна, но и не толку жестока реторика, колку што беше полна со меѓусебни обвинувања, со низа гафови, обвинувања на лична и политичка основа. Многу често, говорите не ги содржат одговорите на прашањата кои им се поставени на политичарите, туку напротив, политичкиот дискурс е целосно насочен кон извртување на тезата, со цел да се насочи мислата кон она што сака да го слушне слушателот, т.е. гласачот. Тоа резултира со пониско ниво на политичко беседење кое не имплицира јавен интерес, ниту пак е индикатор за општество во кое предлозите за решавање на реалните проблеми и предизвици се приоритет.

Сите тројца кандидати во своите говори ја истакнуваа содржината на политичката програма, политичко - економските приоритети и понудија предлог - решенија за состојбите во одредени области. Впечатливо беше што во рамки на програмските активности се третираа слични прашања (како на пример „добро-соседските односи“), но од различен аспект и со различен пристап.

Во истражувањето на ИМПЕТУС, голем дел од вниманието беше насочено кон анализа на изборните програми на претседателските кандидати во потрага по елементи на позитивен мир.

Претседателскиот кандидат Блерим Река, во програмата издвои 5 точки на кои ќе се фокусира, кои беа јасно дефинирани, со прецизен и разбирлив јазик за сите граѓани, како на албански, така и на македонски јазик. Структурно и стилистички ваквиот јазик е прифатлив за избирачкото тело, со оглед на фактот што вклучува и теми кои задираат во општественото живеење и работење, но не се во надлежност на Претседателот на државата. Лексички би можеле да му забележиме што користи израз кој задира во уставната поставеност на државата, која семантички би можела да влијае на позитивниот мир во државата. Имено, изјавата, која дури е и на почетокот на самиот текст, и е водечка сентенца, би требало да се преформулира за да не создава забуни, дилеми и/или стравување за можни конфликтни ситуации: „Македонија е држава, но не и Република“. Иако има обид да ја дообразложи подолу во текстот, сепак останува голема загриженост, бидејќи се осврнува само на одреден период во независното постоење на државата, како и термините: „враќање на републикански статус“ и „деперсонализација на државата“.

Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова во својата програма, која наликуваше по форма на декларација, особено во воведниот дел, отколку на документ со кој се обраќа до граѓаните, користеше несоодветен пристап кон избирачкото тело. Јавноста е аудиториум за кој треба да се претполага дека ги нема сите факти и информации, не е орган на власта кој работи или постапува по правни формати и едноставно обраќањето не е сведено на ниво на разбирливост и јасност. Програмата како суштински дел од политиката и реториката треба да ја отслика стратегијата по која кандидатот ќе се поведе и ќе дејствува, а не да содржи обвинувања и минати дејствија со цел да се наметне над другиот. Иницирањето на уставни промени и реформи е првиот индикатор за потенцијални кризи и промени во процесот на градење позитивен мир во државата, особено што државата веќе долги години има претрпено низа конфликтни ситуации кои доведоа или доведуваа до измени, дополнувања, како и тензични решенија на проблемите.

Програмата на тогаш претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски, ја пренагласува употребата на зборот „шанса“, што имплицира позитивна конотација. Само во воведното обраќање, кое има индиректна форма на писмо, преку индиректно обраќање, евокација - која е прифатлива за граѓаните, не поставува негативни тези, ниту користи негативен јазик. Дури четирипати го користи зборот „шанса“, и двапати „солидарност“. Нејасно останува значењето на параграфот кој се однесува на актуелниот претседател, г. Иванов, бидејќи не имплицира нови и непознати информации, туку напротив, означува навраќање наназад. Па така ставот на кандидатот околу тоа прашање е „спротивставување на погубните политики на Иванов“, „рушење на демократија, на правна и политичка одговорност и на политичкиот реваншизам“. Таквите јазични формулации не соодветствуваат на позитивната реторика во програмата и во содржинска смисла не му е тука местото. Истата забелешка ја имаат истражувачите и во делот на повикување кон минатото, како во примерот даден кај кандидатката Гордана Силјановска Давкова, но со оглед на таа разлика што отсуствува лексика во негативна конотација.

Фокусот на ваквите нагласувачки елементи кои одекнаа во јавноста е далеку од суштината за моќта на реториката во политичките говори. Пораките кои се праќаат од изборните програми треба да бидат недвосмислени, кратки и јасни, со сопствен предлог за излез од постоечката ситуација. Спорна е и инвентивноста на некои делови од изборните програми, како и реалната временска рамка за спроведување на сите тие проекти и иницијативи. Во други општества и држави, како позитивен пример за индикатор на успешност е и презентација на тимот кој би го ангажирал кандидатот за претседател со цел да прикаже реална и можна имплементација на програмата која ја нуди.

Како до политички и изборен кредибилитет

Политичките структури, без разлика дали се на власт во конкретната држава, или се во опозиција, имаат големо влијание врз дејствувањето на стабилизаторските фактори на мирот и безбедноста. Со нив државата го обезбедува мирот, безбедноста и стабилноста, со што значително се намалува ризикот од нејзина дестабилизација и предизвикување конфликтни состојби. Индикаторите за индексот на мирот се токму оние видови активности и тематски форми на зборување во јавноста, за начинот на адресирање на оние теми кои се важни за стабилноста и одржливоста и кои можат да бидат многу чувствителни во различни контексти на наративи и дискурси.

Како и на кој начин претседателските кандидати зборуваа за овие теми во јавноста?! Некои од нив ги адресираа во своите програми, но не останаа конзистентно посветени на принципите наведени во програмата, туку менуваа ставови и позиции во јавните настапи или пак во директните настапи на партиските лидери, со што се намалуваше и кредибилитетот на кандидатската реторика. Прашањето за добрососедските односи, како еден од факторите за градење мир, потоа економските процеси и прашањата за развојот, се јасни показатели за нивото на демократија, мерено преку политиките и политичкиот јазик и стил што се користи како индикатор за градење на позитивниот мир во земјата, па и во регионот. Низ кампањата беше евидентна неконзистентноста на претседателските кандидати за она за што се залагаат.

Затоа, мора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме. Само на тој начин се постигнува политички и изборен кредибилитет.

м-р Лилјана Пецова – Илиеска и д-р Кире Бабаноски

 

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе

Македонизмот често е мистика и точка на недоразбирање и меѓу Македонците и на Македонците со другите народи во и околу Македонија.

повеќе