Колумна

Дали од Заев би купиле левис?

Паметам како вчера да беше: пред самиот распад на Југославија, по локалните пазарчиња на таа земја нагло се расшетаа сомнителни типови што шиткаа лажњаци на статусниот симбол на мојата генерација - славните фармерки „петсто кец”. 

Дарко Митревски Ги нудеа по петодупло помала цена од оригиналот, но се колнеа во деца дека „ова ти је левис оригинал, сто посто гарантирам!”. И наспроти тоа што измамата им беше од авион видлива, секогаш имаше наивни што ќе се прелажеа и ќе купеа, тешејќи се: „А бе може стварно се оригинал, ама ги даваат евтино оти се крадени...”. Иако единственото што на нив беше крадено беше дизајнот, логото – и името.

Набргу оваа „петсто кец” пиратерија почна да добива пропорции на епидемија, па овластениот увозник на фармерките „левис” за Југославија реши да преземе нешто: лансираа рекламна кампања со која апелираа директно на здравиот разум на лековерните.

Се сеќавам, на влезот на секоја нивна продавница поставија плакат од кој весело се кезеше ликот на пиратот, прилично налик на оние ликови што ги среќававме во сопственото секојдневие: небричен, со пожолтени заби, со накривен шешир, со нападна вратоврска разврзана околу раскопчаната кошула, со еден број покусо сако под кое висеа разни ѓоа-златни ланчиња и синџирчиња, со влакнести рачишта на кои беа нанижани пола дузина рачни часовници, преку кои беа префрлени неколку пара фармерки... Кога го гледаш, си викаш не дај боже таков по дома да ти влезе! И токму на таа инстант-аверзија се надоврзуваше рекламниот слоган што прашуваше: „Дали од ваков човек би купиле левис?”.

Одговорот се подразбираше - бидејќи само будала би одговорила со „Да”.

На ова духовито срочено прашање ми текнува секој пат кога ги гледам Северно-Македонциве како мака мачат да ни продадат производ што оддалеку смрди на фалсификат! И исто како и некогашните пирати, така и овие во деца се колнат дека нивните намери се чесни, дека стоката не им е бофл туку оригинал, дека имаат лиценца и од Брисел, и од Берлин и од Вашингтон дека само тие се овластените увозници и дистрибутери на светлата наша иднина, дека по петодупло помала цена ќе ни шитнат норвешки стандард, германски плати, француска софистицираност, италијанска мода, шведска маса, финска бања, полско ве-це... Само аман-заман ние да излеземе да гласаме, еве не мора да биде „ЗА”, може и „ПРОТИВ”, може и нешто трето да заокружиме, и онака не е битно се додека тие ги полнат кутиите и ни ги бројат гласовите, ама наша граѓанска должност е да се појавиме, не мора ни многу да се задржиме доколку имаме некоја побитна работа тој ден, мада ни гарантираат дека денот ќе биде максимално сончев и топол, да ти е мерак да излезеш надвор наместо дома да се легачиш пошто и онака во недела нема ништо интересно на телевизија, а ајвар може и од самопослуга да се купи...

И како времето им лета, така тие се понападно ги убедуваат потенцијалните муштерии: „Ова ти је оригинал Европска Унија, господине, ја лично ти гарантирам сто и два посто, пипни како е мека, ако сакаш може и две за сто ќе ти дадам... Изволте, госпожа, да видите што НАТО имаме денес, мртва уста да го крка... Ајмо народе, европска Македонија, мајка да проба, на ќерку да не да!”.

Рака на срце, барем не изгледаат како оној пиратон од плакатот: пицнати се во скапи костумчиња, зачешлани и тенирани, со избелени заби развлечени ко шибер-врати во широки насмевки, по разноразни семинари истренирани манирите на улични кибритчии да ги заменат со елегантни гести на продажни агенти од луксузни авто салони... Сè додека не зинат уста. А кога ќе зинат, оттаму испаѓаат саде нушиќевски монолози. Додуша, и понекоја навреда за оние што им го бојкотираат мерчандајзот: „Што бе не ми е оригинал? Од кај се разбираш ти во оригинал, бе ропак еден, до вчера на нива си седел... Дој на триести да видиш миљон души пред моја тезга – ко да не е блади сандеј него блек фрајдеј!”.

И наивно веруваат, пустите, дека не им се забележува комичната нервоза и стравот дека изгледа нема да успеат на своите газди да им го испорачаат дневниот пазар кој им го ветиле. Почнаа секојдневно да нè засмејуваат со слепстик гафови, јавните настапи и говори им заличуваат на скечеви од „Топ листата на надреалистите”, паниката им станува видлива ко да се Пепелашка на секунда пред полноќ, ги губат и оние две нацртани овци што им се доверени на чување, ветуваат будалаштини, дрндаат пред празни амфитеатри, забрануваат филмови, го навредуваат и омаловажуваат секого што патецот си го тера на спротивната страна од нивната, се перчат ко мали деца дека татко им е посилен од татко ни, губат битки со комарци, исклучуваат микрофони на неистомисленици, грешат знамиња, побркуваат имиња на држави, ги оставаат скапите гости да дремат по аеродромски писти... Просто жал да ти падне за газдата што има вакви неспособни слуги!

Во меѓувреме дрпаат и лево и десно ко да не ги чека ветената европска иднина, ами студена и гладна сибирска зима! Од вториот и третиот нивен ешалон можеш едно пет Алкатраза да наполниш, а од првиот – да снимиш римејк на „Гангстерска хроника”. Луѓето со кои тие се ракуваат потоа прстите си ги бројат – да видат да не фали некој. Страв ми е да ги загледам овие кутри нивни следбеници што ги шетаат по митинзи – рацете им се гарант ко во пилана да работат! Ама ете, така е тоа кај народот на кој арамбаши и ајдуци му биле историски јунаци...

Но да скратам: сте носеле некогаш фармерки „левис”? Ако да, тогаш знаете дека има огромна разлика меѓу оригиналот и фалсификатот.

А сте биле некогаш во Европа? Сте ја учеле европската историја? Сте ѝ се восхитувале на европската филозофска мисла? Сте ја читале европската книжевност? Сте уживале во европското сликарство? Сте биле љубител на европскиот филм? Сте поминувале часови и денови студирајќи ја европската архитектура? Сте се вознесувале слушајќи ја европската музика? Сте пробале различни европски кујни? Сте учеле некој од европските јазици? Сте биле можеби вљубени во некој маж или некоја жена од Европа?

Ако да, тогаш знаете дека помеѓу европските вредности и убавини и она што овие шарлатани се обидуваат да го продадат стои непреминлив и длабок кањон. Тие шверцери на сопствените животи, со својата простачка ароганција, со своето плитко знаење, со својата незаситна лакомост и отсуство на секаква етика, се негација на европскиот сон.

И затоа да ве прашам, онака најискрено: дали од овие луѓе очекувате да ви ја испорачаат Европа?

Одговорот се подразбира – бидејќи само будала би одговорила со „Да”.

Односно би заокружила „За”.

Дарко Митревски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

повеќе

Лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе јавно, на прес конференција, заедно со сите пратеници, и да објават прекин на секакво понатамошно учество во дискусија на собраниската седница.

повеќе

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе