Дали конечно разбравме дека ЕУ е „подвижна мета“ или....?

Античкиот грчки филозоф Хераклитус, кој живеел пред Сократ, Платон и Аристотел, е авторот на често користената поговорка „панта реи“ (Panta rei), односно, во превод, поедноставено: ,„сѐ тече, сѐ се менува, ништо не останува исто, нема апсолутна вистина и единствена реалност е повеќегодишно движење“.

Од моментот на нашето осамостојување деклариравме две стратешки надворешно – политички цели: членство во ЕУ и членство во НАТО. Меѓу нас и „метите“ (ЕУ и НАТО) изминатите речиси три децении се издигаше една ненадминлива пречка: разликата сврзана со името со Грција. И така, од година во година, од самит до самит, од една до друга владеачка политичка структура (во двете држави), секогаш се соочувавме со реалноста – разликата со соседот околу името не ни даваше пристап кон овие две (сѐ уште) најелитни здруженија на држави во светот.  

И конечно со т.н. Преспански договор таа пречка формално се стави ад акта. Барем како „влезница“. Така барем мислевме, така слушавме. Очекувавме во јуни 2018, во октомври 2018 и сега октомври 2019 дека таа „влезница“ конечно ќе ни даде можност (по завршување на долгодишни преговори) да седнеме на тркалезната маса каде седат другите ЕУ членки.  Тоа за жал не се случи.

Како држава и опшество сите овие години имавме успеси и падови. Правевме обиди да се хармонизираме со законодавството на ЕУ (дали и во пракса?). Како и да е, Европската комисија донесе јасна препорака за почнување на преговори. Но, одлуката не ја носи ЕК, туку лидерите на државите – членки. Препораката на ЕК е важна, но не секогаш и прифатлива од лидерите на членките. Ако не се лажам, имаше случај во минатото кога ЕК не даде позитивна препорака, а лидерите позитивно дадоа согласност (Грција).

Со други зборови, колку и да е важна стручната оценка на ЕК, одлуките се, во крајна инстанца, политички одлуки.

Немајќи можност да бидам учесник во дебатите, анализите, советите.... имам чувство дека сите овие години најмногу (или исклучиво?) внимание посветивме како да ја тргнеме пречката меѓу нас и „метата“ (со ЕУ) – т.е. разликата околу името, а целосно ја изумивме мудроста на  Хдраклитус - „Panta rei". Сите овие години, секој месец, секој ден.... глобалните меѓународни односи се во постојано менување и движење. Можеби ЕУ е најмногу засегната. Тоа се однесува и на секоја држава членка. Меѓутоа, кај нас главно се зборува(ше) и пишува(ше) за датумот и дека сме „ѕвезда“.

После октомврискиот (студен) туш (бидејќи не сме ги следеле и анализирале движењата) најмногу повторуван збор во електронските медиуми е МАЈ МЕСЕЦ. За малку да биде подраматично се внесуваат и други (алтернативни?) теми: т.н. Мал Шенген, и ЕЕ зона (Исланд, Лихтенштајна и Норвешка). Овие три држави на референдум одбија да бидат членки на ЕУ, а да не зборуваме за нивните ГДП и нивните перформанси во другите области.

„Метата“ ЕУ, особено изминатите 1-2 години, се поместува од многу релевантни и реални  причини: брегзит, односите со САД, односите САД – Кина – РФ, Турција, мигранти, засилување на радикалните сили во поголем дел на членките, „борба“ за лидерска позиција во ЕУ, ослабената внатрешна кохезија во ЕУ и особено позицијата на ЕУ во глобалните меѓународни односи, составување на новата ЕК... и многу друго.

Сакале или не, дали е точно или не (како што слушавме) дека 8 (осум) часа се дебатирало за РСМ и РА, мораме да бидеме реални и, покрај големата желба, да ја разбереме реалната состојба во ЕУ. Колку и да сме важен (и чувствителен) дел од Европа, не верувам дека Макрон, Меркел, Конте.... заспиваат и се будат со мисла за РСМ. А и да е случајно така, не верувам дека така вечно ке остане („Panta rei“). Ако осум часа зборувале за РСМ и РА, во Заклучоците од Европскиот Совет за тоа може да се прочита (бавно) за осум секунди - ENLARGEMENT 5. The European Council will revert to the issue of enlargement before the EU-Western Balkans summit in Zagreb in May 2020 (Европскиот Совет ќе се наврати на прашањето на проширувањето пред ЕУ – Западен Балкан самитот во Загреб во мај 2020).

Се обидувам да ја лоцирам (сега) „метата“.

1. Европскиот Совет ќе се наврател на прашањето на проширувањето. Без наведување на државите. Односно кон самото прашање ПРОШИРУВАЊЕ;

2. „Пред самитот ЕУ – ЗБ во Загреб во мај месец 2020“. Досега се одржани 4 самити ЕУ – ЗБ; последниот во 2018 во Софија каде беше и одлучено дека во мај 2020 ке се одржи таков самит во Загреб;

3. Овој вид на (вонредни) самити не носат ОДЛУКИ, туку изјави и декларации. Таква изјава неодамна (ја потврди) даде и Ј.Хан;

4. Редовни самити на ЕУ (каде се носат одлуки) веќе се предвидени: European Council, 12-13 December 2019; European Council, 26-27 March 2020; European Council, 18-19 June 2020; European Council, 15-16 October 2020.

Со други зборови, ако се обидувам да ја следам логиката на мошне разводнената одлука од самитот („метата“), како најповолна опција гледам во: 1. Носење на одлука за почнување на преговори (без конкретизирање на датум) на самитот на 26-27 март 2020 (со најава дека во Загреб ќе биде презентирана или донесена новата методологија); 2. Во Загреб усвоена (со декларација) новата методологија; 3. На самитот на 15-16 октомври 2020 одлука кога би се одржала првата меѓувладина конференција (веројатно во 2021).

Ова погоре е мое оптимистичко сценарио („мета“), но е и натаму подложно на можно „движење“ (поместување). Panta rei.

Ако „метата“ е подвижна, а е, секој што служел воен рок знае дека во таков случај ,,стрелецот,, (освен на филмови) мора да мирува и внимателно да предвидува како ке се движи метата.

Во парламентарна демократија лидерите на најважните политички партии имаат легитимно право да донесат одлука (и тоа консензуално) за одржување на предвремени парламентарни избори. Во нашиот случај тоа е „зачинето“ и со т.н. 100 дневна Пржинска влада. Изборите треба да се одржат на 12 април, а на 3 јануари да се формира Пржинска влада. Неофицијалната кампања почна уште пред 2-3 месеци.

Ако искрено сме со децении посветени кон ЕУ членството, со сета почит кон лидерите што одлучија да се одржат предвремени избори на 12 април, би сугерирал на една нова средба, во духот на нашата и нивната европска посветеност, да ја отповикаат (пак консензуално) таа одлука и, наместо шетање по трибини, да се посветат на вистински европски реформи. „Европските знаменциња“ на законите да ги замениме со европски начин на размислување и однесување. 

Александар Тавчиовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе