Колумна на Катимерини

Дали Грција победи во спорот за името? А треба ли?

На Грците не им е важно дали вечно ќе ја нарекуваат соседната земја „Скопје“, или дали соседите утре сами ќе почнат да се нарекуваат „Република на Осамениот Бор“. Она што ним навистина им е важно е како ја нарекува остатокот од светот.

Општо познато е дека македонскиот спор е прашање од национално значење за Грција. Но какво точно прашање е тоа? И како ѝ оди на Грција?

Македонското прашање како ослободителна борба беше затворено во 1914 година, а заврши во 1945 година, со комплетна и целосна грчка победа. Солун, иако имаше мал број Грци, стана неповратно грчки, заедно со околината. Денес, ниту еден разумен Грк не би сметал дека е фер територијата на земјата да се шири на север, ниту пак може да има реален спор за границата од другата страна.

Секое спомнување на „иредентизмот на Скопјаните“ во грчката јавна дебата е навреда за борбите на нашите предци, кога дури и само Крит би бил доволен за да ја одбрани границата против малата балканска држава. Навистина, нашите битки не беа толку оружени колку економски. Грчката економија, изградена со крв, пот, солзи и доза на среќа (помогна и грчкото застанување на вистинската страна од Железната завеса) ги чуваа границите на земјата од десетици милиони потенцијално непријателски соседи.

Кредата на наставникот, чеканот на работникот, хотелот на малиот бизнисмен и знаењето на лаптопот на вработениот ги чуваа границите, а не пушката на војникот (и, ако некогаш дојде опасноста, тоа ќе биде од постојано нестабилниот исток).

Прашањето за Македонија денес останува само спор за името - прашање на меѓународен маркетинг. Тоа не е научно прашање што може да се реши на голема меѓународна конференција. Ниту тоа е просто билатерално прашање што ги засегнува само Грција и Поранешната Југословенска Република Македонија; тоа повеќе е прашање на влијание врз меѓународното јавно мислење. Тука Грците комплетно кикснаа. Неразумниот национализам својот прв гол го постигна во 1993 година, а головите против Грција оттогаш не запреа.

За да сфатите дека станува збор за чист маркетинг, земете го предвид тоа дека на Грците не им е гајле како се нарекува земјата во нивните приватни разговори (повеќето ја викаат Скопје), или внатре во ПЈРМ (ја викаат како и да сакаат, и покрај кој било договор). За Грците нема да има никаква разлика ако вечно ја нарекуваат соседната земја „Скопје“, или ако соседите сами почнат да се нарекуваат „Република на Осамениот Бор“. Она што ним навистина им е важно е како ја нарекува остатокот од светот.

На Грците им е важно во просечниот американски и европски ум да се воспостави цврста врска помеѓу делот на Грција што денес се нарекува Македонија и славата на античка Македонија.

За жал, ваквиот маркетинг не може да се направи преку демонстрации или химни, ниту со потписи на лидерите на парче хартија. Грција се обиде: БЈРМ со години е меѓународно изолирана. Меѓутоа, она на што дипломатите му се спротивставуваа, меѓународната јавност широко го прифати. Незнаењето, љубовта кон поедноставувањето и евентуалната симпатија кон аутсајдерот што повеќето неутрални луѓе го почувствуваа на оваа тема доведоа до еден едноставен факт: целата планета ги нарекува граѓаните на БЈРМ Македонци.

Играта веќе беше загубена во 1993 година. Кога германските пријатели добиваа писма од Грција со поштенски марки со епски неуспешниот слоган „Македонија е грчка“, тие ќе прашаа: „Но зошто вие би сакале да ја анектирате таа сиромашна земја?“ Тие очигледно мислеа на БЈРМ. Оттогаш едноставно „Македонија“ доминираше во меѓународниот печат, во секојдневниот разговор, па дури и во секогаш неутралната Википедија. Постојат добри 235 статии на оваа тема на исто толку јазици. Само на грчки земјата се нарекува „ПЈРМ“. На секој друг јазик, од татарски до хавајски, државата се нарекува „Република Македонија“ или само „Македонија“.

Во последниве години, оние малкумина во остатокот од Европа на кои навистина им е гајле за ова прашање се прашуваат што намислила Грција, зошто не дозволува таа кревка земја да застане на нозе и да влезе во европското семејство, наместо да паѓа во рацете на Путин. Како анегдота, повторно, еден висок економист на Светската банка од Западен Балкан, ме праша: „Зошто грчкиот премиер дозволи Македонија да биде преименувана во Северна Македонија?“ Јасно е дека за него статус квото е „Македонија“, а „Северна“ е дарежлива отстапка.

Е сега, ако Грција го сака „Македонија“ како име на бренд, „Северна Македонија“ не е најчистото или најкорисното решение. Но време е ние Грците да ги надминеме добрите и лошите страни на овој долготраен спор и да почнеме да се грижиме за сопствениот двор.

Во меѓународните очи, наследникот на една блескава култура не е оној што ќе добие признание во некој договор, туку оној што личи на достоен наследник. Аеродромот што ќе стане познат како вистинскиот „аеродром Македонија“ ќе биде најубавиот, најефикасниот и најуспешниот. Слично на тоа, институцијата со најголеми шанси да стане позната како „Универзитет Македонија“ ќе биде онаа со најдобрите научници и најпрестижните истражувања.

Големите „македонски“ производи (до оној степен до кој таквиот бренд постои денес) ќе бидат токму оние што се... со добар квалитет. Исто како што не можете да изградите моќен производител на автомобили со поставување на знакот на БМВ на врвот на некоја трошна фабрика, така и проблемите што ги има Грција нема да бидат решени со договор.

На крајот на краиштата, најбезбедниот начин да го добиете она што го сакате е да знаете што сакате. Што сакаат Грците? Планетата да прифати дека сите ние сме потомци на Александар Велики? Имам лоши вести занив: дури и да е тоа изводливо, или пожелно, ова не е начинот да се стигне до него.

Но јас можеби имам алтернатива. Кога го споменувате Њујорк, никој не мисли на кутриот стар дождлив Јоркшир. Никој нема да слушне „Македонија“ и да помисли на некое друго место ако ние ја развиеме нашата сопствена Македонија и пошироката Грција во навистина просперитетно место - толку добро во негувањето на своите таленти што нема да звучи чудно кога Грците ќе редат победи во спортот (помислете на Јанис Антетокунбо во НБА), уметноста (многуте номинации за Оскар на Лантимос) или во науката.

И можеби тогаш, кога ќе изградиме наш сопствен Њујорк, можеби ќе сфатиме дека споровите за имиња, присвојувањето на славата на античките луѓе, биле малку шупливи, како што рекол големиот космополит Константинос Кавафис.

Автор: Сотирис Георганас, вонреден професор по економија на Сити Универзитетот во Лондон и член на аналитичкиот институт КЕФИМ

Извор: Катимерини

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

САД денес остануваат држава со најнапреден систем на високо образование во светот, со најголем број на научни публикации, инвестиции во наука, патентирање на иновации и на добитници на Нобелова награда.

повеќе

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе