Дали алчноста на компаниите ќе ја продолжи пандемијата?

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

Меѓутоа, САД и останатите клучни влади прво мора да согледаат дека спротивставувањето на фармацевтските компании на ова решение е барање рента чија последица е загуба на животи.

Единствениот начин да се стави крај на пандемијата предизвикана од КОВИД-19 е да се имунизираат доволно луѓе ширум светот. Слоганот „никој не е безбеден сè додека сите не бидеме безбедни“ ја доловува епидемиолошката реалност со која сме соочени. Засилено ширење на вирусот на кое било место може да резултира со нов сој на САРС-КоВ-2, отпорен на вакцини, што би нè присилило сите да се вратиме на извесна форма на изолација и ограничена економија и тргување. Со оглед на појавата на загрижувачки нови мутации во Индија, Бразил, Јужна Африка, Обединетото Кралство и на други места, ова не е само теоретска закана.

Уште полошо, производството на вакцини во моментов не е ни близу до испорака на 10-15 милијарди дози што се потребни за да се запре ширењето на вирусот. До крајот на април, произведени се само 1,2 милијарди дози ширум светот. Со ова темпо, стотици милиони луѓе во земјите во развој ќе останат невакцинирани до 2023 година, во најмала рака.

Според тоа, важна е објавата од владата на американскиот претседател Џо Бајден дека ќе им се придружи на 100-те земји кои бараат, во контекст на КОВИД-19, итно откажување од правилата на Светската трговска организација (СТО) за интелектуална сопственост (ИС) со кое се овозможуваат монополизација на вакцините. Навремените преговори за договор со СТО за привремено отстранување на овие бариери ќе создадат правна сигурност што им е потребна на владите и производителите ширум светот за да го зголемат производството на вакцини, лекови и опрема за дијагностика.

Минатата есен, поранешниот претседател Доналд Трамп придоби неколку сојузници од богатите земји кон целта да се блокираат секакви преговори за откажување. Меѓутоа, расте притисокот врз владата на Бајден за отстранување на оваа самоуништувачка блокада, веќе и со поддршка од 200 Нобелови лауреати и поранешни шефови на држави и влади (вклучувајќи и голем број истакнати неолиберали), 110 членови на Претставничкиот дом на САД, десет американски Сенатори, 400 граѓански организации од САД400 европски парламентарци и многу други.

Непотребен проблем

Недостатокот на вакцини против КОВИД-19 во сите земји во развој најмногу се должи на напорите на производителите на вакцини да ја задржат својата монополистичка контрола и профит. Фајзер (Pfizer) и Модерна (Moderna), производителите на исклучително ефикасните mRNA вакцини, одбија или не одговорија на бројните барања од квалификувани фармацевтски производители кои сакаат да ги произведуваат нивните вакцини. И ниту една од компаниите што создадоа вакцини не ги сподели своите технологии со сиромашните земји преку можноста за доброволно овозможување пристап до технологијата против КОВИД-19 на Светската здравствена организација.

Неодамнешните ветувања на компаниите дека ќе дадат дози на вакцини против КОВИД-19 преку механизмот за глобален пристап до вакцини (КОВАКС), за тие да бидат упатени до најризичните популации во посиромашните земји, не се замена за откажување на правилото. Овие ветувања може да ја олеснат совеста на производителите на вакцини, но нема значително да влијаат на глобалната снабденост.

Како субјекти кои остваруваат профит, фармацевтските корпорации се фокусираат првенствено на заработката, а не на глобалното здравје. Нивната цел е едноставна: да задржат што поголема моќ на пазарот што е можно подолго, со цел да го зголемат профитот. Под вакви околности, владите имаат обврска да интервенираат подиректно во решавањето на проблемот со снабдување со вакцини.

Разумно решение

Во последниве недели, голем број фармацевтски лобисти се собраа во Вашингтон за да извршат притисок врз политичките лидери да го блокираат откажувањето на правилото на СТО за КОВИД-19. Кога индустријата би вложила онолку напори на производство на повеќе дози на вакцини колку што вложува на изнаоѓање неосновани аргументи, проблемот со снабдувањето можеби веќе би бил решен.

Наместо тоа, фармацевтските компании се потпираат на бројни контрадикторни тврдења. Тие тврдат дека не е потребно откажување, бидејќи постојната рамка на СТО е доволно флексибилна за да овозможи пристап до технологијата. Тие исто така тврдат дека откажувањето не би ги дало потребните резултати, бидејќи производителите во земјите во развој немаат можности и средства за производство на вакцината.

Истовремено, пак, фармацевтските компании велат дека откажувањето на правилото на СТО би било премногу ефикасно. Како инаку да ги протолкуваме нивните предупредувања дека на тој начин ќе ослабат стимулациите за истражување, ќе се намали профитот на западните компании и – откако нема да успеат со ниту едно друго тврдење - дека тоа ќе им помогне на Кина и Русија геополитички да го поразат Западот?

Јасно е дека откажувањето ќе биде од значителна корист. Токму затоа фармацевтските компании толку жестоко се спротивставуваат. Покрај тоа, „пазарот“ го потврдува овој став, за што сведочи и остриот пад на цените на акциите на најголемите производители на вакцини веднаш по најавата на владата на Бајден дека ќе се вклучи во преговорите за откажување. Со откажувањето ќе бидат достапни повеќе вакцини, цените ќе паднат, исто како и профитот.

Сепак, фармацевтската индустрија тврди дека со откажувањето би се поставил ужасен преседан, па затоа вреди да се разгледа секое нејзино тврдење поединечно.

Големи лаги на големите фармацевтски компании

После години интензивни кампањи и милиони загубени животи во епидемијата со ХИВ/СИДА, земјите на СТО се согласија дека има потреба од задолжително лиценцирање на ИС (кога владите им дозволуваат на домашните фирми да произведуваат патентиран фармацевтски производ без согласност од сопственикот на патентот) за да обезбедат пристап до лекови. Но, фармацевтските компании не престанаа со секакви можни напори да го оспорат ова начело. Ова делумно се должи на тоа што фармацевтската индустрија е толку скржава, што довело до тоа да мора да се добие откажување. Да беше попресретлив општиот фармацевтскиот режим на ИС, веќе ќе имаше зголемено производство на вакцини и лекови.

Аргументот дека земјите во развој немаат вештини за производство на вакцини против КОВИД засновани на нови технологии е лажен. Кога американските и европските производители на вакцини се согласија да склучат партнерство со странски производители, како Серумскиот институт во Индија (најголемиот светски производител на вакцини) и „Аспен Фармакер“ во Јужна Африка, овие организации немаа никакви поголеми проблеми со производството. Постојат многу повеќе фирми и организации низ целиот свет со ист потенцијал да помогнат во зајакнувањето на снабдувањето со вакцини; им треба само пристап до технологијата и знаењето.

Коалицијата за иновации за подготвеност при епидемии идентификуваше околу 250 компании кои би можеле да произведуваат вакцини. Како што неодамна забележа делегатот на Јужна Африка во СТО:

„Земјите во развој имаат напредни научни и технички капацитети… недостигот на производство и снабдување [на вакцини] е предизвикан од самите носители на правата, кои склучуваат рестриктивни договори што им служат на нивните тесни монополистички цели, според кои профитот е поважен од животот“.

Не е спорно дека било тешко и скапо да се развие mRNA технологија за вакцинирање, но тоа не значи дека производството на самите вакцини е недостижно за други компании ширум светот. Поранешниот директор на одделот за хемија на Модерна, Сухаиб Сидики, тврди дека со доволно споделување на технологијата и практичното знаење, многу современи фабрики би можеле да започнат со производство на mRNA вакцини во рок од три или четири месеци.

Фармацевтските компании редовно прибегнуваат кон тврдењето дека не е потребно откажување од аспект на постојните „флексибилности“ на СТО. Тие посочуваат дека фирмите во земјите во развој не ги побарале задолжителните лиценци, како да сакаат да кажат дека нивното барање не е сериозно, туку само формално. Меѓутоа, овој наводен недостаток на интерес го одразува фактот дека западните фармацевтски компании направиле сè во нивна моќ да создадат законски лавиринти околу „ексклузивните права“ врз патентите, авторските права и сопствениот индустриски дизајн и трговски тајни, што постојните флексибилности никогаш нема да може да ги покријат. Бидејќи mRNA вакцините имаат повеќе од 100 компоненти ширум светот, а многу од нив се со некаква форма на заштита на ИС, речиси е невозможно да се кооординираат задолжителните лиценци помеѓу земјите за овој синџир на снабдување.

Освен тоа, според правилата на СТО, задолжителното лиценцирање за извоз е уште посложено, иако оваа трговија е апсолутно неопходна за зголемување на глобалното снабдување со вакцини. Канадскиот производител на лекови „Бајолајз“ (Biolyse), на пример, не смее да произведува и извезува генерички верзии на вакцината „Џонсон и Џонсон“ во земјите во развој, откако „Џонсон и Џонсон“ го одби барањето за доброволна лиценца.

Друг фактор за недоволниот број вакцини е стравот, како на корпоративно, така и на национално ниво. Многу земји се загрижени дека САД и Европската Унија ќе ја прекинат помошта или ќе воведат санкции доколку издадат задолжителни лиценци, откако веќе со децении се закануваат за тоа. Сепак, со откажување на правилото од СТО, овие влади и компании би биле заштитени од корпоративни тужби, забрани и други предизвици.

Вакцини што им припаѓаат на луѓето

Доаѓаме до третиот аргумент на големите фармацевтски компании: дека откажувањето од ИС ќе го намали профитот и ќе го обесхрабри идното истражување и развој. Како и претходните две тврдења, и ова е очигледно лажно. Откажувањето од правилото на СТО не ги укинува националните законски барања за плаќање авторски права или други форми на надоместок на сопствениците на ИС. Меѓутоа, со отстранување на монополистичката опција за едноставно блокирање на зголемено производство, откажувањето ќе ги зголеми стимулациите за фармацевтските компании да склучат доброволни договори.

Заклучуваме дека, дури и со откажувањето на правилото на СТО, креаторите на вакцините ќе заработат купишта пари. Во 2021 година, се предвидува приходите од вакцините против КОВИД-19 да достигнат 15 милијарди долари за Фајзер и 18,4 милијарди долари за Модерна, иако владите финансираа голем дел од основните истражувања и обезбедија значителни средства однапред за да ги донесат вакцините на пазарот.

Да бидеме на чисто: Проблемот за фармацевтската индустрија не е тоа што производителите на лекови ќе бидат лишени од високите приноси од своите инвестиции, туку е дека нема да ги добијат монополските профити, вклучително и оние од идните ревакцини кои несомнено ќе се продаваат по високи цени во богатите земји.

Конечно, кога сите тврдења на индустријата ќе пропаднат, таа на крајот го користи тврдењето дека откажувањето ќе им помогне на Кина и Русија да добијат пристап до американска технологија. Меѓутоа, тоа не е вистина бидејќи вакцините не се создадени само од САД. Заедничкото истражување на различни земји за mRNA и нејзините медицински намени трае со децении. Унгарската научничка Каталин Карико го направи првото откритие уште во 1978 година и оттогаш тече работата во Турција, Тајланд, Јужна Африка, Индија, Бразил, Аргентина, Малезија, Бангладеш и други земји, вклучително и Националниот здравствен институт на САД.

Покрај тоа, духот веќе излезе од шишето. МRNA технологијата во вакцината произведена од Фајзер е сопственост на „Биоентек“ (BioNTech - германска компанија основана од турски имигрант и неговата сопруга), која веќе му додели лиценца на кинескиот производител „Фосун фарма“ (Fosun Pharma) за производство на нивната вакцина. Иако постојат вистински примери на кинески фирми кои украле вредна ИС, ова не е таков случај. Освен тоа, Кина е на добар пат да развие и произведе свои mRNA вакцини. Една е во третата фаза на клинички испитувања; а друга може да се чува на вообичаена температура во ладилник, со што се елиминира потребата за обезбедување ладен синџир на достава.

Како всушност би можеле САД да изгубат

За оние кои се фокусираат на геополитички прашања, повеќе треба да ги загрижува неуспехот на Америка да се вклучи во конструктивна дипломатија по прашањето на КОВИД-19 до денес. САД дури го блокираат извозот на вакцини што не ги користат. Дури откако вториот бран зарази започна да ја уништува Индија, САД одлучи дека е во ред да ги ослободи нивните неискористени дози на AstraZeneca. Во меѓувреме, Русија и Кина не само што ги ставија на располагање своите вакцини, туку и направија значителен трансфер на технологија и знаење, со што ги зајакнаа партнерства низ целиот свет и помогнаа да се забрзаат глобалните напори за вакцинација.

Бидејќи дневните бројки на новозаразени и натаму се највисоки досега во некои делови на светот, можноста за појава на опасни нови соеви претставува зголемен ризик за сите нас. Светот ќе памети кои земји помогнале, а кои земји дополнително го отежнале овој критичен момент.

Вакцините против КОВИД-19 се развиени од научници од целиот свет, благодарение на основната наука поддржана од голем број влади. Логично е луѓето од целиот свет да ги искористат придобивките. Прашање е на морал и личен интерес. Не смееме да дозволиме фармацевтските компании да направат профитот да биде поважен од животот.

 Џозеф Е. Стиглиц (Јoseph Е. Stiglitz) и Лори Валах (Lori Wallach)

(Џозеф Е. Стиглиц, Нобелов лауреат за економија и универзитетски професор на Универзитетот Колумбус, е поранешен главен економист на Светската банка (1997-2000) и претседавач на Советот на економски советници на претседателот на САД, како и главен автор на Извештајот за климатската состојба на Меѓународниот панел за климатски промени (IPCC) од 1995 година и ко-претседавач на Меѓународната висока комисија за цените на јаглерод.)

(Лори Валах е директор на Public Citizen’s Global Trade Watch, организација која ја следи состојбата со глобалната трговија.)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Како и главниот лик во романот, Доне Совичанов, и Ташко Георгиевски никогаш не потклекна и не побара пусулче од Канцеларијата на нашиот јужен сосед во Скопје за да ја премине границата и да го посети своето родно село во Егејска Македонија.

повеќе

Министерството за финансии во изминатиот период активно работеше на реформа за унапредување на фискалната децентрализација, која нуди сериозно системско решение за стабилни финансии на општините кои ќе значат одговорни општини и испорака на квалитетни и ефикасни услуги за граѓаните. 

повеќе

Либералната империјалистичка доктрина на Америка е одговорна за ужасниот масакр во места како Виетнам, Ирак и Централна Америка. Но Америка, исто така, произведе либерална антиимперијалистичка доктрина што останува затскриена во една ТВ-серија што ја восхитува американската публика уште од 1966 година.

повеќе