Дали Ахмети, Села и Касами ја заборавија „тиранската платформа“?

Се избра новата Влада, но дали се заборави на декларацијата од Тирана.

Дали коалициските партнери на СДСМ, за кои „тиранската платформа“ беше услов за поддршка на владината коалиција, ги заборавија условите од овој документ?

На почетокот, откако се избра новата Влада, можеше да се почувствува дека наеднаш, македонските партии на Албанците партнери на СДСМ, почесто го споменуваа Охридскиот договор отколку декларацијата потпишана во Тирана. Некако наеднаш,  сите се свртеа кон целосна имплементација на договорот од Охрид, без збор за условите од т.н. тиранска платформа.

Меѓутоа лидерите на овие партии, високи претставници на ДУИ, Алијансата за Албанците и Беса, почнаа полека во јавноста да враќаат прашања од „тиранската платформа“, не споменувајќи некаква платформа или декларација. Тука, мора да се признае, дека само претставниците на Беса, доследно и без калкулации ја искажуваа партиската бескомпромисна позиција во однос на условите договорени во Тирана.

На пример, и покрај јасно искажаната позиција на премиерот Зоран Заев при примањето на мандатот од претседателот Ѓорге Иванов, неговите владини партнери, ДУИ и коалицијата Алијанса за Албанците, почнуваат полека да ја враќаат реториката од периодот пред добивањето на мандатот.

Зијадин Села, лидерот на коалицијата Алијанса за Албанците, веќе предложи заменици министри за во новата Влада, но истовремено изјавува дека тие секогаш ќе стојат на позициите од декларацијата од Тирана. За средбата меѓу Али Ахмети и Мендух Тачи, Села изјави дека оваа средба не може да се нарече дека е средба помеѓу  албанската опозиција и албанската власт. „Ја користам ова прилика да зборувам за политичката декларација или платформата, која поинаку се нарекува албанска платформа. Таму работите се јасно напишани... Ние стоиме зад декларацијата и секогаш ќе стоиме“, рече Села на 12 јуни. Од партијата на Села во Владата веќе има еден министер и неколку заменици министри.

Денешниот премиер Зоран Заев, на 17 мај кога ја даде гаранцијата пред Иванов рече дека „ниту еден документ, платформа, декларација, акт или дејство, спротивни на погоре наведените ставови не можат да бидат услов, ниту основа за формирање и дејствување на влада на Република Македонија“.

Од изјавите на претставниците на ДУИ, од однесувањето на Талат Џафери, претседателот на Собранието од оваа партија, може да се види дека, на пример, барањето од платформата за втор официјален јазик во Македонија, тие почнуваат полека да го остваруваат.

Вицепремиерот Бујар Османи, поранешен портпарол на ДУИ, пред само еден ден изјави дека „албанскиот јазик ќе стане втор службен на централно ниво во Република Македонија. Во веќе договорениот предлог-закон за јазиците, се предвидува официјализирање на истиот за централна употреба. Јазикот кој го зборуваат над 20 проценти од граѓаните е исто така службен јазик. Што значи круцијално унапредување што треба да го донесе овој предлог-закон е од локална официјална употреба, албанскиот да го претвори во официјална централна употреба во централните институции. Тука граѓаните ќе ја видат разликата“, рече Османи.

Дали се работи за некаков премолчан договор меѓу Заев и лидерите на партиите на Албанците во Македонија, за т.н. меко и долгорочно спроведување на одредбите од „тиранската платформа“. Се плашам дека тактиката е вака поединечно, без повикување на условите од тиранската платформа, коалициските партнери на мала врата да ја протераат декларацијата од Тирана, постојано повторувајќи на доследно и целосно спроведување на Охридскиот договор, во кој нема ни збор за втор официјален јазик. Која е улогата на претставниците на ЕУ и САД во оваа можна нова тактика? Ако се работи за добропознатата примена на методологијата на стапот и морковот, прашањето е што е морковот?

Можеби првата награда е приемот на Македонија во НАТО како ФИРОМ. Иако, навистина е тешко да се каже дека овој прием е можен, знаејќи го бескомпромисната позиција на сите политички партии во Грција, ако е ова ветената награда, лесно е да се претпостави што е условот за тоа. За какво било, тивко или програмско, спроведување на тиранската платформа, дел од политичките аналитичари предупредија дека сето тоа е само дел од сценариото за обединување на „природните“ граници на Албанците.

Ако е ова дел од играта, првиот испит за тоа ќе биде веќе во октомври, кога во Македонија ќе се одржат локалните избори.

Александар Стојановски 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во Мексико, Индија и Турција, жените завршуваат трипати повеќе обврски поврзани со грижа од мажите.

повеќе

Сега свесно или несвесно се оди во друг правец, сведувајќи ја  партијата  на ниво на  дебатен клуб.

повеќе

Најчести места каде што може да се препознае (и шири) говорот на омраза на интернет се всушност онлајн медиумите кои дозволуваат простор за коментирање.

повеќе