Да замислиме дека сме добиле датум за преговори со ЕУ

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

Во 1992 година после позитивното мислење на Бадинтеровата комисија дека Република Македонија ги исполнува условите да биде признаена и кога тоа не се реализира нацијата (и политичарите) беше разочарана.

Во јули 1992 година „фамозната“ ЕЗ декларација од Лисабон во која се бараше во името да не фигурира „Македонија“ доминираше шок и бес.

Ќе прескокнам други датуми кои предизвикуваа силно опшествено незадоволство и ќе се задржам на сега веќе далечната 2008 година кога и после изјавата на претседателот на САД    Џ. Буш дека РМ заедно со Албанија и Хрватска, на самитот на НАТО во Букурешт, ќе станат членки на НАТО, и тоа не се случи. Поради тоа, освен силното општествено незадоволство од такавата одлука, државата се соочи и со долгорочна негативна промена на внатрешната и надворешната политика.

За воља на вистината имаше и моменти кога општеството почувствува и задоволство, па и прослави со еуфорија: добивањето на кандидатскиот статус со ЕУ; признавањето (тогаш) на уставното име од страна на САД. Имаше и прослави и кога зад тоа не стоеа цврсти аргумени.

За жал, вчера и денеска ЕУ, на највисоко ниво (претседатели/премиери на државите членки), не ја донесе одлуката на Република Северна Македонија (и Албанија) да им се додели датум за почнување на преговори за полноправно членство. А таа одлука ја чекавме во јуни 2018, во јуни 2019 и сега октомври 2019. Во овој изминат период од 15 месеци нашите политичари континуирано го демонстрираа оптимизмот. Имаше, богами, и изјави на оптимизам и од странски лидери и политичари. Разбирливо, голем дел од населението веќе беше уверено дека тоа е „готова работа“. И разбирливо е кога нема нешто да се оствари што со сигурност се очекувало, дека последица од тоа е силно разочарување, па и посилни негативни емоции.

Да добиевме датум, верувам дека тоа ќе беше проследено со голема еуфорија и оптимизам. Тоа ќе траеше ден – два и после ќе се вратевме во реалниот живот. А реалниот живот, со или без датум, е многу реален. Добро се познати сферите каде имаме голем дефицит и слабости и граѓаните очекуваат во тие области да гледаат, секој ден, подобрувања.

Оттука, ајде да замислиме дека сме добиле датум (без прослави) и од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа“ во нашата држава. Во секој поглед и во секоја сфера. Ќе има многу бргу (веројатно во првиот квартал на 2020) можност за прослава за успех во остварување на една од најважните стратешки надворешно – политички цели, членство во НАТО.

П.С. Сигурно многумина сега ќе дебатираат и ќе се расправаат сврзано со насловот на убавата песна на Северина & Борис Новкович – (зар је важно) „Kо је крив“. Лично би посакал тоа да не преовлада, туку смирено и детално да се анализира што (не) е направено и паралелно со нашата самоинцијативна „европеизација“ да се елиминираат констатираните пропусти.

Александар Тавчиовски, амбасадор

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект.

повеќе

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе