Да се живее во Македонија: меѓу европскиот сон и балканската стварност

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

Речиси е невозможно да одиш низ Скопје седум дена по референдумот за името на земјата, кога и престојувавме во главниот град на Македонија, а да избегнеш разговор за најжешката политичка тема. Или за уставните промени, за Грција, Бугарија, Албанија, Заев, Иванов, за Европската Унија... Со кого било и каде било. Само таксистите кога ќе слушнат дека сме од Хрватска, накратко ја менуваат темата на фудбал. И веќе на сите малку им е преку глава од таа сага околу името на државата.

Веќе не им е ни смешно, сите шеги на сметка на Република Нова Македонија, Република Северна Македонија, Северна Република Македонија, Република Горна Македонија, Вардарска Република Македонија и Република Македонија (Скопје) - ги испукале. Така и нашите македонски колеги, нашите домаќини, само кисело се насмеаја кога, по неколку испиени шишиња вино од винарницата Тиквеш, им предложивме дека идеалниот целосен назив на Македонија би можело да биде: Европска Унија - Излез Југ. Бидејќи и онака главно сите се за Европа. Не беше смешно. Како ни кога некој од нас ненамерно на масата извади кутија цигари Џорџ Карелиас. Особено Грција веќе не е смешна.

Стандарден образец е тоа во балканските земји, секогаш тука има некакви прашања што се протегаат од бурното минато, а кои не ѝ даваат на немирната сегашност да тргне кон навидум стабилната иднина. Затоа беше предизвик во Македонија да се најдат физички или ментални енклави во кои за политиката не се размислува и не се зборува 24/7. За среќа, во оваа прекрасна, мистична и гостопримлива земја бегството од секојдневието секогаш е можно, па по тој пат и тргнавме.

Туризмот. Не дека сега Македонија баш станала туристичка мека, сè уште повеќе туристи прелетуваат преку неа кон Грција или Турција отколку што остануваат во неа. Сепак, митот за Скопје како европски Лас Вегас полека почна да се шири низ целиот свет, но во главниот град на Македонија сè повеќе доаѓаат студенти по архитектура и сите други што со свои очи сакаат да се уверат во новиот бизарен визуелен идентитет на градот.

Проектот „Скопје 2014“, кој го осмисли поранешниот премиер Никола Груевски (неодамна правосилно осуден на две години затвор за местење тендери за набавка на службен мерцедес), пред неколку години со владина одлука беше прекинат, ама предоцна. Во центарот на градот останаа десетици споменици, нови псевдоантички фасади од сипорекс, со кој се прекриени дваесетина згради, колоритни фонтани, кичести мостови и Порта Македонија.

„Странците доаѓаат за да ни се смеат“, ни велат нашите домаќини, новинарите на порталот МКД.мк, кои, признаваат, ретко одат во центарот, не можат да го гледаат тоа.

Најочигледен пример за борбата со националната криза на идентитетот е споменикот на Александар Македонски од 27 метри, кој поради бунењето на грчката влада е наречен Воин на коњ. Стотина метри понатаму, на влезот во чаршијата, најстариот дел на градот, се извива таткото на Александар, Филип II, а меѓу нив е мајката и сопруга Олимпија, која го дои малиот Александар во неколку пози.

Во близина се и повеќето од оние што ги споменува македонската химна, Гоце Делчев, Питу Гули и Даме Груев, тука некаде е и Тоше Проески (не го видовме), Кирил и Методиј, како и десетици апстрактни скулптури, вклучувајќи ги и оние што Македонците ги нарекуваат „шмизли“. Дизниленд од бронза, мермер и инокс.

Се разбира, неправедно би било македонскиот туристички потенцијал да се сведе само на „туризам на исмејување“, покрај трите национални парка (Галичица, Маврово, Пелистер), како и Дојранското, Охридското и Преспанското Езеро. Делегацијата на хрватски новинари беше во Националниот парк Маврово, дестинација што еднакво импресионира и во лето, како и во зима.

Туристите не се замараат со името на државата што ја откриваат. Како и да се вика, и онака во говорниот јазик Македонија секогаш ќе остане - Македонија.

Гурманизмот. Сакаат да готват и сакаат да јадат. И сакаат да нудат во изобилни количества.

Пинџур, баклава, ајвар, пиперки, кашкавал, патлиџани, тавче-гравче, алва, патка, пилешко, свинско, грав тетовец, сирења со пиперки, мусака, глинени садови... За среќа, во рестораните не се служи леб (освен ако не побарате), па така просечната килажа на хрватските новинари порасна за само два килограми. Да имаше леб, застанувањето на вага по враќањето ќе беше каде-каде пошокантно.

Со полн стомак - а секогаш беше полн зашто е тешко да им одолееш на сите тие сосови - обескрвениот мозок тешко може да ги обработи дневнополитичките теми. Освен што по угостителските објекти погледот врти-сучи ќе падне на некаква биста, слика или цитат од другарот Тито. Тито во Македонија не се преиспитува, тој на Македонците им даде држава, а со тоа и национална потврда. Една од бистите гордо стои на влезот на хотелот Туто во живописното село Јанче, кој го отворил повратникот од Италија Тефик Тефиковски, со што економски и туристички го кренал целиот тој планински регион.

Шарпланинизам. Не бевме на Шар Планина, само ја видовме од комбито, ама два дена поминавме во друштво на шарпланинци, единствениот жив вид на планетава на кој во официјалното име сè уште му стои дека е - Југословен. Поточно, југословенско овчарско куче. Не се усреќија многу со тоа, бидејќи шарпланинците, колку големи Југословени и да се, ја делат судбината на сите поранешни југословенски народи. Имено, мал број од нив се вработени како чувари на стада овци, а повеќето се невработени и бесцелно скитаат по Националниот парк Маврово, обидувајќи се некако да преживеат. Всушност, најрадо се собираат пред рестораните, каде што секогаш за нив се наоѓа понекоја коска.

Прво ги сретнавме пред ресторан во Маврови Анови, па во Трница, а потоа по патот покрај реката Радика крај Мавровско Езеро, во подножјето на планините Бистра и Кораб. Сегде ги има, доаѓаат и до 70 килограми, пријателски се расположени и апсолутно не ми е гајле како се нарекува земјата во која живеат. Најголемиот го сретнавме во Галичник, бајковито село на 1.300 метри надморска височина, во кое веќе нема постојани жители. Таму нашата најголема мистерија беше од каде доаѓаат звуците на даб-реге, кои се разлеваа по целиот национален парк. Прв осомничен ни беше Дејан Дуковски, сценаристот на филмот „Буре барут“, кој има куќа во Галичник.

Од Галичник одличен поглед паѓа на Голем Кораб, највисокиот врв на Македонија, за кој локалните жители тврдат дека е повисок и од Триглав и дека всушност тој бил највисокиот врв на Југославија. Со Гугл се доаѓа до податокот дека разликата меѓу Триглав и Кораб е точно 99,65 метри во корист на словенечката планина, со тоа што Триглав се намалува (35 см од 1985 година), а Кораб расте (11 см од последното мерење). Значи... мртвата трка продолжува. На Голем Кораб, инаку, може да се качувате само еден ден во годината, на Денот на државноста, 8 септември.

Религионизам. Ги има тие манастири, ние бевме во два. Машки и женски. Во машкиот испивме кафе, во женскиот купивме ракија. Машкиот е манастирот Св. Јован Бигорски, посветен на Јован Крстител, а женскиот манастир е Рајчица, чуван од свети Ѓорги Победоносец.

Ни тука не се зборуваше за политика, иако манастирот Св. Јован Бигорски гледа на две околни џамии. Тука повеќе се зборува за зависниците (манастирот е и комуна) и за исцелувањето (во манастирот има икона од 1020 за која се смета дека има лековити својства).

На влезот пишува дека пушењето е грев против Бога, а добредојдени сте да преспиете, единствено што не смеете да го прескокнете е првата молитва во шест наутро.

И двата манастири се гордеат со фактот дека поседуваат парче дрво од крстот на кој бил врзан Исус, со тоа што во манастирот Рајчица уште имаат и дел од раката на свети Ѓорѓи, која испушта пријатна миризба. Помирисавме, навистина мириса.

Иселенизам. На националните политички турбуленции во Македонија повеќе не сакаат да се сеќаваат повеќе од 20 проценти од македонското население, колку што ја напуштија земјата во последниве години. Главно се оди далеку, во Канада, Австралија и Нов Зеланд, иако Малта е сè попопуларна дестинација за бегство. Тешко е всушност да се каже колку луѓе заминале, а колку останале во Македонија. Имено, последниот попис на населението бил спроведен уште во 2002 година (тогаш имало нешто повеќе од два милиони), со што Македонија, заедно со Сомалија, го држи рекордот. Овие земји единствени во светот не го ажурирале пописот во последната деценија.

Груби се, значи процените, дека земјата ја напуштила петтина од населението. Само во 2016 година отишле над 20 илјади луѓе. Како мал прилог во попрецизната статистика на заминувања, некои од местата во западниот дел на Македонија на патот истакнале табли со бројки за раселените жители од областа.

Поради непостоење на актуелен попис, ни велат колегите-новинари, лесно се манипулира со податоците. Всушност, не се знае колку во Македонија има Македонци, колку Албанци, Турци, Бугари... Затоа и процентите на излезност на припадниците на одделни народи на неодамнешниот референдум за името на државата исто така се под прашалник, иако тоа не е ни важно кога се знае дека двете страни (про и контра) прогласија победа. И што ќе ѝ на државата име ако може да остане празна? Тука има многу поголеми и поважни проблеми што треба да се решат, се согласија со нас речиси сите со кои зборувавме.

* Во Македонија престојувавме во организација на здружението Хрватско-македонска тангента и Агенцијата за поддршка на туризмот во Македонија.

Автор: Марко Подруг

Фото: Горан Шимац

Извор: ТРИС

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Се прашувам дали градоначалникот на Охрид знаел дека „кланот" ќе додели јавно признание на вахабист.

повеќе

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе